ОТВОРЕНО ПИСМО НА ЈЕРОМОНАХОТ ДИМИТРИЈА ЗА КОРОНА ВИРУСОТ

ПАЃАМЕ НА ПРВАТА ЛЕКЦИЈА, А ТАА СЕ ВИКА ЉУБОВ
Многумина се јавуваат во манастирот Тумане, загрижени прашуваат…Токму заради тоа јеромонахот Димитрија, во своето отворено писмо, се обрати до верниците:
„И оваа борба за ‘гол живот’ во вид на полнење на шпаизите со производи и купување лекови не би била ниту излишна ниту туѓа, кога во прашање би било некое диво племе од некоја нам непозната земја“.
Отвореното писмо на јеромонахот Димитрија, од манастирот Тумане, кое го пренесуваме во целост, е една голема лекција за љубовта и доблестите во времиња на предизвици. Не е важно дали верувате во Бога или не, но важно е да го отворите срцето за овие зборови на разум:
„Еве не, мили браќа и сестри, пријатели, непријатели, познаници и непознаници пред предизвикот кој носи животи.
За нас православните христијани таквата појава јасно е дефинирана како искушение. Искуството на Црквата формирано врз основа на животните примери на светителите (најдобрите христијани) не ни остави ниту еден друг пат, освен патот на препознавање на искушенијата и борбите со нив.
Меѓу новите технологии и достигнувања кои за сигурно човекот го подигнаа високо, дури и над очекувањата, се јави со око невидлив вирус популарно наречен корона. Навидум самоуверен, човекот на денешнината стана јаден и мал, престрашен од еден жив организам кого дури и не го гледа со голо око.
Стравот од короната се надмина и самиот себе отворајќи пат кон безнадежноста кој секогаш е следен со самодоволност и себичност.
Во животинската борба за живот паѓаме на првата лекција, а таа се вика љубов. Заменета со самољубие, нашата антиљубов ги „чисти“ полиците во маркетите безобзирно и презриво не забележувајќи го ближниот. Толеранцијата се претвора во невидена грубост која покрај погрдниот речник не се мисли ниту да употреби и одмерување на физичката сила… И оваа борба за „гол живот“ во вид на полнење на шпаизите со производи и купување лекови не би била ниту излишна ниту туѓа, кога во прашање би било некое диво племе од некоја нам непозната земја“.
Проблемот се појавува затоа што се работи за еден христијански православен народ чиј идентитет е заснован и постои веќе со векови врз темелите на евангелското начело на живот.
Како тоа како православни христијани да се впуштиме во борба, од за нас актуелното искушение, наречено корона 2020?
На прво место да се сетиме дека сме во деновите на Светиот и Великиот пост, кој е време на воздржување во секоја смисла.
Имајќи го тоа на ум, да постиме во храна онака како што можеме (масло, вода), знаејќи дека Господ секогаш одново ќе не оснажи и охрабри. За деталите најдобро е да го прашаме надлежниот свештеник! Постот е време кога треба да се зголеми молитвата. Да ги читаме молитвените правила, псалтирот, акатистите на светителите, па дури и соодветна класична литература, нешто што е ведро и оптимистичко.
Овие дена интензивно се купува темјан за кадење на домот бидејќи е корисен за прочистување на воздухот. И тоа е точно и проверено, но само со голема вера, дека тоа кадење е наш принос кон Господа, а искрен принос кон Бога, кој секогаш очистува. За тоа не учи и историјата.
Треба да се кади домот, но и да се прска со осветена вода. Ете прилика богојавленската и друга света вода да ја направиме благословена и како дар и помошник од Црквата, а не само да биде украс на полица околу кое се наталожила прашина. Тука е и осветеното масло од светители. Да се помазаме со него, да го земаме при јадење за благослов. И секогаш и за се да Му благодариме на Бога.
Страдањето, според искуството на отците на Црквата, секогаш е поврзано со гревот. Ете и тука има лек. Да се покаеме вистински, од срце. Да замолиме и да дадеме прошка.
ЗАГРИЖЕНИ СМЕ ОКОЛУ ЗАБАРАНАТА ЗА ДВИЖЕЊЕ?
Ништо страшно, ние сме христијани, пост е, нека нашиот подвиг биде да останеме дома. Да ги стиснеме забите, да издржиме. Деновите се убави, ако имаме двор да излеземе, да ја погледнеме Божјата убавина. Секој има прозор.
Да го вдишиме воздухот, да му дозволиме на сонцето да не помилува. Кога ни е тешко, да се охрабруваме еден со друг, да се радуваме еден на друг. Ако се работи за некој вид на изолација, тука се телефоните и мејловите, барем ќе се слушнеме со блиските. Ете корист од тие направи. И онака од нив блиските не ги гледаме. Сега барем еднаш за добро нека ни послужат.
Кој може, доколку нема општа забрана (во поедини земји) и во храм е добредојден. Ние свештенослужителите сме тука да слушаме, посоветуваме, охрабриме. Кој не може или не смее, повторно тука се телефоните…
Да не ги отфрламе препораките на лекарите. Да се однесуваме совесно и заради себе, но и заради безбедност на блиските. Да ги вклучиме сензорите на христијанската свест и совест, одговорноста и верата.
Светата тајна на причест е најсилниот лек, лек на бесмртноста, лек за вечниот живот. Кога сме во храм, да имаме разбирање еден за друг. Самите да направиме ред, по чест правејќи го блискиот поголем, како што не учи Светиот Апостол Павле. Ако ни се кашла, треба да имаме марамче.
Иконите и моштите може христијански да се испочитуваат со подлабоки поклони. Да ја испочитуваме препораката да не ги целиваме, пред се да не предизвикаме збунетост кај послабите во верата. Да не се туркаме. Кон причеста, како и секогаш, да пристапиме со вера во Господа, во воскресението, со надеж во вечен живот. Ако не можеме да одиме во храм по света причест, ќе ве посети надлежен парох.
Додека е оваа изолација, да го изолираме и ние лошото во себе. Да ја зголемиме љубовта, верата и надежта, богољубието и човекољубието. Пост е – да постиме и да се воздржуваме од грев и зло во име на својата вера. Рецептот против короната е во нас. Христос ни го подари. А тоа е борбата со искушенијата до победа во име Негово и во соединување со Него во светата причест.
Да се молиме еден за друг, за сите, па и за себе, и се и во се на Христа Бога да предадеме. Кога со нас е Бог, кој може да биде против нас!
jeromonah-dimitrije
Јеромонах Димитрија
Игуман на Манастирот Тумане
администрација на МВПЦ
превод сестра Ана

This entry was posted in Поуки. Bookmark the permalink.

Comments are closed.