ОБЈАСНУВАЊЕ НА ДЕСЕТТЕ БОЖЈИ ЗАПОВЕДИ

aP1480061
Библијата ни кажува дека Бог му пришол на Мојсеј на гората Синај за да му го предаде првиот пишан закон, кој всушност е единствениот морален систем. Тогаш громови грмеле и молњи светкале за да ја исчистат гората.
Додека гората се уште чадела, таа била обвиткана со густ облак бидејќи Бог се симнал на Синај и се слушнал Неговиот глас како говори. Огнениот Божји прст ги испишувал заповедите на камените плочи. А ние треба да ги врежиме во нашето паметење и да ги запишиме во своите срца. Кога светот би ги исполнувал овие заповеди, на земјата би се зацарил мир, а ние би биле „Божје богатство и свет народ„ (2 Мој. 19, 5-6).
ПРВА БОЖЈА ЗАПОВЕД: ЈАС СУМ ГОСПОД БОГ ТВОЈ И НЕМОЈ ДА ИМАШ ДРУГИ БОГОВИ ОСВЕН МЕНЕ
Постои еден Бог и нема други богови освен Него. Он е Севишен, Семоќен, Семудар, Седобар Бог. Од Него доаѓаат сите суштества, со Него живеат и кон Него се враќаат. Он е свет, моќен и бесмртен. Он е неподвижен, мирен, без почеток и крај, без потреби и без незадоволства. Од Него зависат сите безбројни светови и сите се вртат околу Него. Он е во средиштето како неподвижна оска на тркало. Оската стои и држи се, а тркалото се врти. Во Бога е сета моќ и нема моќ надвор од Божјата. И моќта на светлината и водата и воздухот и каменот е Божја моќ. Моќ преку која мравката лази и рибата плива и птиците летаат, се тоа е Божја моќ. Моќта на семето да расте и тревата да диши и човекот да живее е Божја моќ. Дури и моќта на ѓаволите е позајмена од Бога која е употребена за зло, како што луд човек може да позајми оган и целиот да го истури врз себе. Сета моќ е Божја и сите созданија ја позајмуваат својата моќ од Бога. Он секуму му позајмува колку сака и зема назад кога сака. Затоа кога бараш моќ, барај ја само од Бога зошто Бог е извор на жива и страшна моќ и надвор од тој извор, друг нема. Моли се на Бога вака: „Боже Господи, непресушен и единствен извор на моќ, дарувај ме мене слабиот со повеќе моќ за да можам повеќе да ти служам. И дај ми мудрост, Боже, дадената моќ да не ја употребам за зло, туку за добро за себе и своите ближни, а на голема Твоја слава! Амин.“
Потоа во Бога е сета мудрост и нема ниту најмала мудрост и знаење надвор од Бога. На се создадено Бог позајми дел од Својата мудрост. Затоа не мисли, брате, дека Бог му даде мудрост само на човекот зошто ќе погрешиш. Мудрост има и волот и коњот и пчелата и мувата и ластавичката и штркот и дрвото и каменот и воздухот и огнот и ветерот. Во се има Божја мудрост и ништо не би можело да постои без мудрост. Според мудроста Божја волот се пари во одредено време и коњот претчувствува опасност и пчелата прави саќ и мувата го претчувствува дождот и ластовичката прави гнездо и штркот го знае својот пород, дрвото умее да расте и каменот да молчи и да се кристализира и водата знае да тече и да лета во облаци и огнот да гори и свети, и ветерот знае да оди по својот одреден пат и да и донесува чистота на нечистотијата, и здравје на болеста и етерот знае се што постои меѓу ѕвездите и на ѕвездите. Навистина никој нема сопствена мудрост која тој ја создал или се родила од себе, туку сета мудрост извира од еден единствен извор на мудрост. А тој извор е во Бога. Затоа кога бараш мудрост, барај ја само во Бога зошто Бог е извор на жива и страшна мудрост и надвор од тој извор друг нема. Затоа моли се на Бога вака: „Семудар, Сезнаен Господи Боже, дарувај ме мене маломудриот со повеќе од Твојата жива мудрост за да умеам повеќе да Ти служам. И води ме, Господи, даденото знаење да не го употребам за зло, како сатаната, туку за свое добро и добро на своите ближни, а на голема Твоја слава. Амин.“
Потоа во Бога е целата добрина. Затоа и Христос вели дека никој не е добар освен единиот Бог. Неговата добрина ја вклучува Неговата милост, трпеливост и простување на грешниците. Својата добрина Бог ја позајмил на секое свое создание. Затоа во секое Божје создание има и Божја добрина. Дури и во ѓаволот има Божја добрина по која ѓаволот за себе посакува добро, а не зло, но по својата глупост мисли дека преку зло ќе дојде до добро, т.е. дека правејќи зло на сите Божји созданија себе ќе си направи добро. О колку има Божја добрина во секое Божје создание! Во каменот, во билката, во животното, во огнот, во водата, во воздухот, во етерот! Сета таа добрина е позајмена од Бога, непресушен и страшен извор на добрина. Затоа кога сакаш повеќе добрина, не ја барај на друго место освен од Бога зошто само Бог ја има во изобилство. Затоа моли се вака: „Седобар, Семилостив, Сетрпелив Боже, дарувај ме мене лошиот со повеќе добрина за од Твојата добрина да се зарадувам и засветам за да можам повеќе и подобро да Ти служам. Поведи ме и оддржи ме, Господи, добрината своја да не ја упатам кон зло, како сатаната, туку кон среќа и радост и осветлување на себе и сите твои битија со кои живеам во соседството“.
И така бесконечна е Моќта, Мудроста и Добрината на Отецот и Синот и Светиот Дух, три лица неразделно и вечно соединети. Според образот и подобието на ова Свето Триединство создадено е се што е создадено и живее се што живее и постои се што постои. Кој негира еден од овие три лица, тој се струполува во пеколот на страдањата и ужасите и се запишува во војската на сатаната. Кој се одрекува од, или од кого Отецот се одрекува, тој станува сакат само со Синот и Духот. Кој се одрекува, или од кого Синот се одрекува, тој станува сакат само со Отецот и Духот. Кој се одрекува од Духот, или Духот се одрекува од него, тој станува сакат само со Отецот и Синот. Кој се одрекува од две од трите лица, тој станува двојно сакат. А кој ги одрекува сите три лица, тој се брише од постоечките битија и се израмнува со она што никогаш не постоело. Затоа и цар Давид извикува: „Безумникот рече во своето срце:нема Бог!“ А пострашно е, браќа, да се одречеш од Светиот Дух отколку од Отецот и Синот зошто може на човекот да му се прости немањето моќ и мудрост, но немање добрина никогаш на никого не може да му се прости ниту на овој, а ниту и на оној свет.
Но, зошто ти се други богови ако го имаш Господ Бог Саваот? Штом имаш два бога, знај дека едниот од нив е ѓаволот. А ти не можеш да им служиш и на Бога и на ѓаволот, како што не може еден вол да ора две ниви во исто време и како што не може една свеќа да осветлува две куќи во исто време. На волот не му требаат два домаќина зошто ќе го растргнат; ниту на гората и требаат две сонца зошто ќе изгори; ниту на мравката и требаат две капки вода зошто ќе се удави; ниту на детето му требаат две мајки зошто нема да има ниту една. Не ти требаат ниту тебе два бога зошто нема да бидеш посигурен, туку понесигурен. И не ти требаат четири бога зошто нема да бидеш похрабар, туку повеќе ќе се плашиш. И не ти требаат стотина богови зошто нема да бидеш повесел, туку потажен. Зошто колку повеќе богови имаш толку тие се послаби и се потенки се свеќите. И ако имаш богови колку луѓе, твоите богови нема да бидат посилни од луѓето. А ако имаш повеќе од луѓе, твоите богови ќе бидат послаби од луѓето. И ако ги имаш колку што има мравки, твоите богови ќе бидат слаби како мравки. Навистина, толку и такви богови не би биле за ништо друго освен за метла да се изметат од прагот на твјот дом. А ти остани сам со свјот единствен Господ Саваот во Кого е целата моќ, целата мудрост и целата добрина неподелена, неисцрпна и бесконечна. Него единствен почитувај Го, Нему поклонувај му се и од Него плаши се. А кога му се молиш, моли му се вака: „Господи Боже, Ти може да имаш безбројно многу созданија, но твоите созданија не може да имаат повеќе од Тебе, својот единствен Бог. Истерај ги, мил Боже, сите мои лоши мисли и сонови за други богови како што силен ветер истерува отровен рој на муви. Очисти ја мојата душа, осветли ја, рашири ја, Боже, и всели се едниствено Ти во неа како цар во својата палата. Тоа мене ќе ме подигне, оснажи, поправи и освежи. Нека Ти е слава и пофалба, единствен вистински Боже, кој се воздигнуваш над сите лажни божества како висока гора над сенките во барата. Амин.“
ВТОРА БОЖЈА ЗАПОВЕД: НЕ ПРАВИ ИДОЛ, НИТУ КАКВА СЛИКА ОД ОНА ШТО Е ГОРЕ НА НЕБОТО И ШТО Е ДОЛУ НА ЗЕМЈАТА И ШТО Е ВО ВОДАТА И ПОД ЗЕМЈАТА; ДА НЕ ИМ СЕ КЛАЊАШ, НИТУ ДА ИМ СЛУЖИШ
Ова значи да не обожаваме создание како Создателот. Ако веќе се си воздигнал на висока гора, на која веќе си се сретнал со единиот Господ Бог, тогаш зошто ти се важни сенките во барата под гората? Кога еден човек сака да го види царот и после долг труд успее да излезе пред неговото лице, зошто потоа се врти лево и десно и гледа по царските слуги? Можеби се врти лево и десно од две причини: или затоа што не смее сам да стои во присуство на царот или пак затоа што мисли дека самиот цар не може да му помогне?
1.Но зошто човек не смее да стои сам во присуство на царот Бог? Зарем не е тој ист цар во исто време и негот татко? А кој се уште се плашел да застане лице во лице со својот татко? Зарем Бог не мислеше за тебе, човеку, и пред твоето раѓање? Зарем Тој не те допираше со своите прсти и во сон и на јаве и кога ти не си го замислувал и чувствувал? Зарем Тој не мисли на тебе секој ден повеќе отколку што ти самиот за себе мислиш? Навистина ти не се плашиш од Бога како човек, туку како грешник. Гревот секогаш е труден со страв. И се пораѓа таму каде не му е место ниту нему, ниту на неговиот пород. Тоа е гревот што ги одвлекува твоите погледи од царот кон слугите. На гревот му е лесно меѓу слугите: тој таму господари и пирува во своето друштво. Но, ти треба да знаеш дека царот е помилостив од слугите. Затоа не се врти по нив, туку слободно погледни го царот, таткото свој. Царевиот поглед ќе го изгори гревот во тебе како што сончевиот зрак го гори отровниот инсект во водата, така водата станува чиста и питка.
2. Или мислиш дека самиот цар Бог не може да ти помогне, па затоа гледаш по неговите слуги? Навистина, ако Бог не може да ти помогне, сите Негови слуги можат уште помалку. Зарем не очекуваат сите Божји созданија помош од Бога? Каква помош тогаш ти очекуваш од Божјите созданија? Ако жедниот не може да се напои од силен извор во планина, како ќе се напои лижејќи капка по капка роса во ливадата?
Кој обожава лик изрезбан или пак некаква слика? Оној кој не го познава ликорезбачот и сликописецот – само тој го обожава ликот и сликата. Оној кој не верува во Бога или кој не Го познава Бога, приморан е да обожава предмети зошто човекот нешто мора да обожава. Бог ги изрезбал планините и долините и животинските тела и растенијата и Бог ги насликал ливадите и полињата и облаците и езерата. Оној кој тоа го знае оддава слава и пофалба на Бога како на велик ликорезбач и сликописец, а оној кој тоа не го знае оддава слава и пофалба на самите тие резби и сликописи Божји.
Но, тоа се уште не е најцрниот грев.Најцрниот грев е кога човек го обожува своето сопствено дело, направата на својот мозок и своите раце. Дивите луѓе прават свои богови од дрво, а потоа му се клањаат и молат. Но, на дивите луѓе и би требало да им се прости бидејќи нивната дивина ги оправдува. Кон нив вистинскиот и вечен Бог е милостив и снисходлив, така што оние молитви кои тие ги упатуваат кон боговите што ги направиле од дрво, Тој ги прима како кон Него да се упатени и ја испраќа својата помош и заштита кон своите непросветени деца. Но, има и питоми луѓе кои ќе направат нешто со својот мозок или со своите раце и таа своја направа ја сметаат за свое божество. Има сликари кои ја обожуваат својата слика како вистинско божество. Има писатели кои ќе напишат книга и ќе почнат да си мислат дека нивната книга е подобра и од небото и земјата, па ќе почнат да и се клањаат на својата книга. Има богати луѓе кои го собираат богатството, како хрчакот својата зимница, па ќе го кренат својот нос и очи над Бога и неговиот свет и се клањаат на своето богатство. Таму каде што се сите мисли и целото срце на човекот таму е и неговиот Бог.
Ако еден човек ги посветува своите мисли и целото свое срце на своето семејство и не знае за друг Бог, тогаш неговото семејство за него е божество. Тоа се душевно болни луѓе од прв вид.
Ако еден човек ги посветува сите свои мисли и целото свое срце на златото и среброто и не сака да знае за друг бог, тогаш златото и среброто е негово божество на кое тој се клања дење и ноќе, додека не му стаса смртната ноќ и го затрупа со својата темнина. Тоа се душевно болни луѓе од втор вид.
Ако еден човек ги насочи сите свои мисли и целото свое срце на тоа да се крене над другите луѓе, да биде прв, по секоја цена да ги надминува останатите, да биде пославен од другите, да се фали и да се смета себеси подобар од сите луѓе, од сите нешта на небото и земјата, тогаш таквиот човек самиот на себе е божество за кого жртвува се. Тоа е душевна болест од трет вид.
Навистина браќа, само болните луѓе не знаат за вистинскиот Бог. А здравите луѓе се здрави поради своето познание и признание на вистинскиот и единствен Бог Кој е господар и владетел на сите резби и слики, сите семејства човечки, целото злато и сребро и сите смртни луѓе на земјата. А ако некој го напише името Боже на хартија или дрво или камен или кал или снег, тие ја почитуваат таа хартија, дрво, кал или снег заради името на најсветиот Кој е напишан на нив. Но, немој да го обожуваш она на што е напишано најсветото име.
Или ако некој го наслика ликот Божји, ти поклони се, но знај дека ти не се клањаш на материјата на која е насликан ликот Божји, туку на живиот и велик Бог.
Или кога некој Го изговори или отпее името Божје, ти поклони се, но знај дека не се клањаш на човечкиот јазик и глас, туку на живиот и страшен Бог.
Или кога ноќе ќе погледнеш кон величествените небесни ѕвезди, ти поклони се длабоко, но не се клањај на созданието на рацете Божји, туку клањај се на Севишниот Бог, Кој е повиоко од ѕвездите.
И кога навечер ќе клекнеш да се молиш, речи: „Единствен Господи, Тебе Единствениот Те познавам, признавам и славам: и кога денот ќе ми ја открие Твојата убавина преку убавината на Твоите дела и кога ноќта ќе се нагрне со темната наметка и ќе ме остави сам со Тебе. Амин.“
ТРЕТА БОЖЈА ЗАПОВЕД: НЕ ГО ИЗГОВАРАЈ НАПРАЗНО ИМЕТО НА ГОСПОД ТВОЈОТ БОГ
Што? Зарем има некој кој се осудува да го изговори страшното и магично име на Севишниот Бог? Кога на небото се спомнува името Божје, небесата се навалуваат, ѕвездите го зголемуваат својот сјај, а архангелите и ангелите почнуваат да пеат: свјат, свјат, свјат Господ Саваот; а светителите и богоугодниците паѓаат на колена. Кој тогаш од смртниците се осудува да Го спомне името на најсветиот без треперење на душата и без духовно воздивнување и копнеж?
Кога човек е пред смрт, спомни му го било кое име и нема да го охрабриш, ниту да му вратиш мир на душата. Но кога ќе му го спомнеш името на Господ Бог, ќе го охрабриш и ќе му го вратиш мирот во душата. И со својот последен поглед ќе ти заблагодари што си го спомнал тоа мелемно име.
Кога човек ќе го изневерат роднини и пријатели, тој се чувствува сам во овој бескраен свет и уморен на својот осамен пат. Тогаш спомни го името Божје и со тоа како да си му дал бастун за отежнатите нозе и раце.
Кога на човек навалат злобни соседи и со лажни сведочења го доведат во затвор и ги придобијат злобните судии за себе, а против праведникот, приближи му се на страдалникот и шепни му го името Божје. Навистина во тој монет на неговите очи ќе се појават солзи – мастилото на надежта и довербата – и тешките ланци ќе му се причинат лесни како да се од липово дрво.
Кога човек се дави во длабока вода и кога во одлучувачкиот момент меѓу животот и смртта му се спомне името Божје, неговата снага двојно се зголемува.
Кога некој човек се најде опколен од диви ѕверови и додека се надева само во својата сила и вештина, до тогаш им изгледа слаб и смешен во очите на гладните ѕверови. Но кога ќе Го повика името Божје на помош, тој одеднаш станува страшен за ѕверовите.
Кога научникот се мачи да реши некоја загатка на природата и се почуваствува измамен во сите комбинации од својот мал разум и кога одеднаш ќе го спомне името Божје, името на Серазумот, неговата душа се осветлува и загатката почнува да се разјаснува.
О, пречудно име Божје, колку си моќно, колку си убаво и колку си слатко! Нека замолчат усните мои занавек ако те изговорат безгрижно и напразно.
Некој филигран седел во својот дуќан и работејќи постојано го употребувал името Божје напразно или како клетва или како израз. Некој аџија од улицата го слушал и душата му се вознемирила и го викнал филигранот да излезе надвор. Кога тој излегол, аџијата се сокрил. Филигранот се вратил во дуќанот и продолжил со работата. Аџијата повторно го викнал, а кога овој излегол, аџијата пак се сокрил. Филигранот се вратил во дуќанот малку налутен и продолжил да работи. Аџијата повторно го викнал, а аџијата, пак, си молчел како ништо да не рекол. Се вратил филигранот во дуќанот, повторно налутен, и продолжил со работата. Аџијата пак го викнал и кога филигранот излегол, повторно аџијата си молчел како ништо да не рекол. Филигранот, бесен од лутина, му се обратил на аџијата:
-Викаш ли ти по мене, аџијо, и правиш шега со мене кога имам толку многу работа?
На тоа аџијата мирно му одговорил:
-Навистина, Бог има многу повеќе работа, а ти многу повеќе пати напразно си го викал отколку јас тебе. Кој има право повеќе да се лути – Бог или ти?
Филигранот се засрамил, се вратил во дуќанот, ги подвиткал нозете и својот јазик во устата.
Браќа, името Божје постојано трепери, како кандило, во душата, во мислите и срцето, но нека не се крева јазикот без важен и свечен момент.
Некој црнец живеел како роб во домот на некој белец, негов газда, кој имал обичај во лутина да го грди и хули името Божје. А црнецот бил смирен и благочестив човек. Белецот имал куче кој многу го сакал. Еден ден газдата многу го грдел и хулел името Божје, а на црнецот му се смачило од тоа и го фатил кучето на газдата и почнал да го мачка со нечиста кал. Кога го видел газдата му се развикал:
-Што правиш со кучето?!
-Тоа што ти правиш со Бога – одговорил црнецот мирно.
Во една болница биле на работа еден доктор и неговиот помошник кои биле неразделни од утро до мрак. Помошникот имал валкан јазик со кој, како со валкана крпа, ги валкаше се и секој што му доаѓаше на памет. Од неговиот валкан јазик не бил поштеден и Бог Саваот.
Еден ден докторот бил посетен од еден негов пријател од далеку. Докторот го повикал да присуствува на операција на гнојна рана на еден пациент. Со докторот бил и неговиот помошник. На пријателот му било мачно на стомакот кога ја видел страшната рана на пациентот од која течел гној со одвратна миризба. Помошникот на докторот постојано пцуел. Пријателот го прашал докторот:
-Како можеш да слушаш толку богохулни зборови?
Докторот му одговорил:
-Пријателе, јас се навикнав да познавам рани и она што од нив мора да истече. Од гнојните рани мора да истече гној. Кој има гној во телото, преку отворените рани мора да истече, а кој има гној во душата, гнојот истекува преку устата. Мојот помошник преку пцуењето само го открива и излева насобраното зло, како гној, од својата душа.
О, Седржителе, како тоа волот не Те грди, а човекот Те грди? Зошто си го создал волот со почиста уста од човекот? О, Семилостив, како тоа жабите не Те пцујат, а човекот Те пцуе? Зошто ја создаде жабата со поблагородно грло од човекот?
О, Сетрпелив, како змијата не хули на Тебе, а човекот хули? Зошто ја создаде змијата поблиска до ангелите од човекот?
О, Сепрекрасен, како ветерот, кој ја поминува целата земја, не Го спомнува напразно Твоето име, а човекот го прави тоа? Како ветерот повеќе да се плаши од Бога отколку човекот?
О, пречудно име Божје, колку си моќно, колку си прекрасно, колку си слатко! Нека мојата уста замолчи занавек кога би Те изговорила намерно и напразно.
ЧЕТВРТА БОЖЈА ЗАПОВЕД:СПОМНУВАЈ СИ ЗА ДЕНОТ НА ОДМОРОТ ЗА ДА ГО ПРАЗНУВАШ; ШЕСТ ДЕНА РАБОТИ И СВРШИ ГИ СИТЕ РАБОТИ, А СЕДМИОТ ДЕН ПОСВЕТИ ГО НА ГОСПОДА, ТВОЈОТ БОГ
Ова значи: создаде шест светови и во седмиот се одмора. Шесте светови се привремени, немирни и минливи, а седмиот е вечен, мирен и неминлив. Со создавањето Бог влезе во временоста, но не излезе од вечноста. Ова е голема тајна и во неа треба повеќе да се размислува отколку да се говори. Зошто таа не е достапна на секого, туку само на Божјите избраници.
Божјите избраници кои се наоѓаат со телото во време, се креваат со духот до оската на тркалото на светот во кој е вечен мир и блаженство.
А, ти, работи и одморај се. Работи зошто и Бог работи; одморај се зошто и Бог се одмора. Твојата работа нека биде создавање зошто си чедо на Создателот. Не уривај, туку создавај!
Сметај ја својата работа како соработка со Бога. Така нема да правиш зло, туку добро. Пред секоја работа помисли дали Бог ќе ја работа таа работа. Зошто воглавно, Бог работи се, а ние само соработуваме со Него.
Кога ќе станеш наутро, сонцето веќе направило многу нешта – и сонцето и водата и воздухот и растенијата и животните. Твоето неработење би било навреда на светот и грев пред Бога.
Твоето срце и бели дробови работат и дење и ноќе. Зошто и твоите раце не би работеле? И твоите бубрези работат дење и ноќе. Зошто и твојот мозок не би работел?
Ѕвездите постојано се трчаат побрзо од коњ во галоп, дење и ноќе. Зошто ти би се предал на неработење и мрзливост?
Во еден град живеел богат трговец со три сина. Тој бил вреден трговец и го собирал богатството на товари. И кога го запрашале зошто му е толкаво богатство и толкава мака, тој одговорил: Се мачам за да ги осигурам синовите за тие да не се мачат. Тоа го слушнале синовите и почнале да стануваат мрзливи, ја напуштиле работата и по смртта на својот татко почнале да го трошат богатството на товари. Таткото посакал да дојде од оној свет за да види како му живеат синовите без мака и пот. И Бог му дозволил, така тој се симнал во својот град и дошол во својата куќа. Но, кога затропал на вратата, некој непознат ја отворил. Таткото прашал за своите синови и доби одговор дека неговите синови се наоѓаат на робија поради неработењето што ги довело до пијанство, пијанството ги довело до караници кои ги довело до палење на куќа и убиство.
-Ах – воздивнал таткото – јас мислев да создадам рај за своите деца, но јас сум создал пекол.
Потоа таткото отишил во градот и почнал да ги учи родителите:
-Не бидете луди како што бев јас. Од љубов кон своите деца, јас ги фрлив во пекол. Не оставајте им, браќа, на своите деца никаков имот. Научете ги да работат и тоа оставете им го во наследство. Се останато, вие богати луѓе, раздајте го на сиромашните пред својата смрт.
Навистина нема поопасна и подушегубна работа од тоа да се добие голем имот во наследство. Бидете убедени дека на оние кои добиле големо наследство повеќе се радува ѓаволот отколку ангелот. Зошто со ништо полесно и побрзо ѓаволот не ги расипува луѓето отколку со големо наследство.
Затоа работи и научи ги своите деца да работат. А кога работиш, не гледај во работата само како на добивка, туку гледај во неа убавина и задоволство кои работата може да ги пружи. За еден стол кој столарот ќе го направи, може да добие одредена сума на пари, но убавината и задоволството кои столарот ги чувствува при обликувањето и склопувањето на дрвото, не може со ништо да се плати. Тоа задоволство е слично на задоволството кое Бог го чувствувал при создавањето на светот, при обликувањето и склопувањето на светот. И целиот Божји свет би имал своја одредена цена и би можела да се плати, но неговата убавина и задоволството Божје при неговото создавање нема цена и не може со ништо да се плати.
Знај дека ја понижуваш својата работа кога мислиш само на својата материјална полза од неа. Знај дека таквата работа не му оди од рака на човекот, не му ги носи очекуваните придобивки. И дрвото се лути на тебе и ти се противи кога не го работиш со љубов, туку од полза. И земјата ќе те замрази ако ја ораш немислејќи на нејзината убавина, туку само на својата добивка од неа. Железото ќе те изгори, водата ќе те удави, каменот ќе те згмечи, ако со љубов не ги гледаш, туку во се ги гледаш само своите пари.
Работи без да размислуваш за својата придобивка, како што славејот ја пее својата песна без никаква придобивка. Така Бог ќе оди напред во својата работа, а ти по Него. Ако Го претрчаш Бога и Го оставиш зад себе, твојата работа ќе ти донесе проклетство, а не благослов.
А седмиот ден се одмора.
Како да се одмораш? Ете, одморот е само при Бога и во Бога. Никаде вистински одмор веќе нема во овој свет. Зошто ова е свет на немири, како еден вител.
Посвети го седмиот ден исклучиво на Бога и така навистина ќе се одмориш и ќе се напоиш со нова сила.
Некој безбожник не ја почитувал заповедта за Божјото празнување на неделата и ја продолжил саботната работа и во недела. И додека целото село се одморало, тој се потел на нивата со својата стока на која исто така не и давал одмор. Но наредната среда тој омалаксал, како и неговата стока и кога цело село било на нива, тој седел дома, преуморен, мрзлив и очаен.
Затоа браќа, не бидете како безбожникот, за и вие да не ја изгубите силата и здравјето и душата, туку шест дена работете и соработувајте со Бога, со љубов, задоволство и стравопочитување, а седмиот ден цел посветете Го на Господ Бог. Навистина, јас пробав и знам дека вистинското празнување на неделата човекот го одуховува, подмладува и го прави среќен.
ПЕТТА БОЖЈА ЗАПОВЕД: ПОЧИТУВАЈ ГО СВОЈОТ ТАТКО И СВОЈАТА МАЈКА ЗА ДА ТИ БИДЕ ДОБРО И ДОЛГО ДА ПОЖИВЕЕШ НА ЗЕМЈАТА
Пред да си дознал за Господ Бог, за Него знаеле твоите родители. Само тоа е доволно за да им се поклониш и им покажеш благодарност и почитување. Поклони се и покажи благодарност и почитување кон секој кој пред тебе сознал за најголемото добро на овој свет.
Некој богат и млад Индиец патувал со својата придружба преку планината Хиндукуша. На планината сретнал некој старец кој чувал кози. Сиромашниот старец се тргнал на страната на патот и му се поклонил на богатиот млад човек. Младиот, пак, слегол од својот слон и легнал на земјата пред старецот. Тој се зачудил, како и придружбата на младиот богаташ. А тој му рекол на старецот:
-Се поклонувам на твоите очи зошто тие пред моите го виделе овој свет, делото на севишниот Брама; се поклонувам на твоите усни зошто тие пред моите го изговориле неговото свето име и се поклонувам на твоето срце зошто тоа пред моето срце затреперило од радосното сознание дека таткото на сите луѓе на земјата е Царот и Господ небесен.
Почитувај го својот татко и својата мајка зошто твојот пат од раѓањето твое до сега е распослан со мајчините солзи и таковата пот.
Тие те сакале и тогаш кога сите останати се гаделе од тебе во немоќ и нечистотија. Тие ќе те сакаат и тогаш кога сите ќе те замразат. И кога сите по тебе ќе фрлаат камења, твојата мајка ќе фрли врз тебе цвеќиња и босилек.
Твојот татко те сака иако ги знае сите твои маани. А другите ќе те мразат и тогаш кога ќе ги знаат само твоите доблести.
Твојот татко и мајка те сакаат со стравопочитување зошто претчувствуваат дека си Божје богатство, ним поверено на чување и негување. Никој не е во состојба, како твоите родители, да ја видат Божјата тајна во тебе. Нивната љубов кон тебе има свет корен во вечноста.
Преку својата нежност кон тебе, твоите родители ја разбираат нежноста Господова кон сите свои создадени деца.
Некој нечестив син тргнал против својот татко и му зарил нож во градите. А таткото, издивнувајќи, му рекол на синот:
-Брзо измиј го ножот од крвта, за да не те фатат и осудат.
Во руската степа еден развратен син ја врзал својата мајка пред шаторот, а тој под шаторот се пијанчел со расипани жени и други луѓе. Во тој монет наишле ајдуци и кога ја виделе мајката врзана, рекле дека веднаш ќе ја осветат. А врзаната мајка викнала силно по својот син и му дала знак на својот несреќен син дека е во опасност. Синот се спасил, а ајдуците наместо синот, ја убиле мајката.
Во Техеран, во еден дом живееле две ќерки кои биле злобни кои не го слушале својот татко и му се смееле на неговите совети. Со својот валкан живот ќерките ја извалкале и честа и образот на својот татко. А таткото им бил здодевен зошто им бил како злобна совест. Една вечер, кога ќерките мислеле дека таткото спие, се договориле да му спремат отров и да му го дадат следното утро во чајот. Таткото слушнал се и цела ноќ плачел горко и на Бога се молел. Утрото ќерките му донеле чај и го ставиле пред него. Таткото им рекол:
-Јас ја знам вашата намера и ќе се оддалечам од вас по ваша волја. Но, нема да се оддалечам на ваш грев, за да ви ја спасам душата, туку на мој грев.
Откако го кажал тоа, тој ја превртил чашата со чај и го истурил отровот, а потоа се фрлил низ прозорот и погинал.
Синко, немој да се гордееш со своето знаење пред својот неук татко, зошто неговата љубов вреди повеќе отколку твоето знаење. Ете, да не бил тој, ти не би постоел, а ниту и твоето знаење.
Ќерко, не горди се со својата убавина пред својата остарена мајка, зошто нејзиното срце во коските е поубаво од твоето лице. Зошто и ти и твојата убавина сте излегле од нејзината утроба.
Научи се, ќерко, да го почитуваш својот татко, зошто само така ќе се научиш да ги почитуваш останатите татковци на земјата.
Дење и ноќе вежбај, синко, да ја почитуваш својата мајка зошто само така ќе се извежбаш да ги почитуваш и сите други мајки на земјата.
Навистина, деца, не правите многу ако ги почитувате својот татко и мајка, а ги презирате останатите татковци и мајки. Вашето почитување кон другите родители треба само да ви е школо за почитување на сите мажи и жени кои во мака раѓаат, во пот негуваат и во болка ги љубат своите деца. Запомнете го ова и живејте по ова за Бог да ве благослови на земјата.
И навистина, деца, не правите многу ако ги почитувате личностите само на својот татко и мајка, а не и нивната работа, нивното време и нивните врсници. Почитувајќи ги своите родители вие ги почитувате и нивната работа и време и нивните врсници. Така ќе ја убиете во себе кобната и глупава навика да го презирате минатото. Бидете уверени, деца, дека деновите кои вам ви се дадени на располагање, не се ниту поскапи, ниту помили на Бога од деновите дадени на оние кои пред вас живееле. Ако се гордеете со своето време пред минатото, не заборавете дека тревата ќе расте над вашето време, по вашите гровоби, вашите тела и дела и дека други ќе се насмеат над вас како на дамнешно минато.
Ете, секое време е исполнето со мајки и татковци, солзи, болки, жртви, љубов и вера и надеж во Бога. Затоа секое време е достојно за почит.
И мудриот се клања со почит пред сите минати времиња, како и пред идните. Зошто мудриот го знае она што лудиот не го знае, а тоа е – дека неговото време е како една минута на саатот. Погледнете, деца, во саатот: слушнете како минутите течат и кажете ми која минута е подобра, подолга и поважна од другата?
Клекнете на колена, деца, и молете се на Бога заедно со мене:
Господи, Оче Небесен и Мајко Небесна, Ти благодарам што ни заповеда да ги почитуваме својот татко и својата мајка на земјата. Помогни ни, Себлаги, да преку тоа почитување се научиме да ги почитуваме сите мажи и жени на земјата, Твоите скапоцени деца. И помогни ни, Семудар, преку тоа да се научиме да не презираме, туку да ги почитуваме и цениме времињата и поколенијата кои биле пред нас и кои пред нас ја гледале Твојата слава, Го изговарале Твоето име и изчезнале во прашината пред Твојот светол престол. Амин.
ШЕСТА БОЖЈА ЗАПОВЕД: НЕ УБИВАЈ
А ова значи: Бог дал живот од Својот живот на сите создадени битија. Животот е најскапоцен имот Божји. Оттаму, кој се осуди да наштети на било кој живот во светот, се осудил да наштети на најскапоцениот имот Божји – да, на самиот живот Божји. Сите ние, кои сега живееме, привремени сме носители на Божјиот живот во себе, чувари сме на најскапоцениот имот Божји. Оттаму ниту ние смееме, ниту можеме, да го уништуваме тој позајмен живот Божји во себе или другите. А ова значи:
Прво – ние не смееме да убиваме; и
Второ – ние не можеме да убиеме живот.
Еден човек правел тенџере од земја и кога некој ќе го скршел, тој се лутел и барал отштета за него. Навистина и човекот е од евтин материјал, како и тенџерето, но тој е скапоцен бидејќи човекот има душа која тој ја ткае внатре и дух Божји кој на душата и дава живот.
Дури ниту таткото, ниту мајката немаат право да го одземат животот на своите деца бидејќи животот не го даваат родителите, туку Бог преку родителите. Родителите се како сад во кој Бог го меси животот и како печка во која Бог го пече лебот на животот. Родителите не го даваат животот и поради тоа што не го даваат, немаат ни право да го одземат.
Кога родителите, кои толку многу се трудат околу своите деца, немаат право да им го одземат животот, како може да имаат право на тоа оние кои случајно ги среќаваат во овој свет?
Како што човекот кој го прави тенџерето чувствува болка кога некој ќе му го скрши тенџерето, отколку што тенџерето чувствува било што, исто така кога некој ќе убие човек, убиениот не чувствува болка колку што ја чувствува болката Бог Кој го создал човекот, го изградил и во него го дал својот дух.
Кога мораш на оној што го направил тенџерето да му платиш оштета за скршеното тенџере, исто така мораш да платиш оштета на Бога за одземениот живот. Навистина, ако луѓето не бараат оштета за тоа, Бог ќе бара. Не се лажи дека ако луѓето го заборават твојот злочин, Бог не може да го заборави. Ете, има нешта кои и Бог не може да ги напрви. На пример: Тој не може да го заборави твојот злочин. Сети се на ова секогаш кога чувствуваш гнев пред да се фатиш за оружје.
Тогаш, ние не можеме да убиеме живот. Целосно да се убие живот значи да се убие Бога бидејќи животот е Божји. Кој може да Го убие Бога? Ти може да го скршиш тенџерето, но ти не можеш да ја уништиш земјата од кое е направено тенџерето. Исто така, ти можеш да го скршиш човечкото тело, но ти не можеш ниту да ги скршиш, ниту изгориш и разлееш неговата душа и духот негов.
Во Цариград владеел некој страшен и крволочен везир на кого му било задоволство да гледа како џелатите сечеле глави пред нековата куќа. А на цариградските улици живеел некој просјак, праведник и пророк, кого сите го почитувале како Божји човек. Едно утро, токму кога џелатите отсекле глава пред очите на везирот, стариот просјак застанал пред под прозорот на везирот и со еден железен чекан мавтал по ветерот лево и десно.
-Што правиш? – го прашал везирот.
-Исто што и ти – одговорил просјакот.
-Како тоа? – запрашал везирот.
-Ете така – рекол просјакот – Се обидувам со чеканов да го убијам ветерот. А ти се обидуваш со нож да го убиеш животот. И мојата и твојата работа се залудни. Ти не можеш да го убиеш животот, везиру, како што ниту јас можам да го убијам ветерот.
Везирот се повлекол во темните одаи на својата куќа и никого не пуштал внатре. Три дена не јадел, не пиел, ниту некого видел. Четвртиот ден ги повикал своите пријатели и им рекол:
-Навистина, Божјиот човек е во право. Јас залудно ја работев својата работа. Животот не може да се убие, како што ниту ветерот може да се убие.
Во Америка, во градот Чикаго, живееле двајца соседи. Едниот од нив се полакомил на богатството на својот сосед, влегол ноќе во неговата соба, му ја отсекол главата, а неговите пари ги ставил во својот џеб и тргнал кон дома. Штом излегол на улицата, го видел својот сосед како му оди во пресрет. Но, на телото на соседот не била неговата глава, туку главата на овој убиец. Убиецот се завртел на друга страна и почнал да бега, но соседот со главата на убиецот на својот врат повторно се нашол пред бегалецот и му тргнал во пресрет. Убиецот го облило студена пот. Некако тој стасал до својот дом и ја преноќил ноќта. Но, следната ноќ, тој повторно го забележал својот сосед пред себе со неговата глава. И така тоа се случувало секоја ноќ. Потоа убиецот ги зел украдените пари и ги фрлил во реката. Но, ниту тоа не помогнало. Соседот му се јавувал секоја ноќ. Убиецот се пријавил во судот и го признал делото и бил испратен во затвор. Но, ниту тоа не помогнало. И во затворот убиецот го гледал својот сосед секоја ноќ, со неговата глава на рамењата. Најпосле тој замолил еден стар свештеник да се моли на Бога за него грешниот и да го причести. Свештеникот му рекол дека мора да даде признание пред молитвата и причеста. Осудениот одговорил дека признал дека го убил својот сосед.
-Не тоа – му рекол свештеникот – туку мораш да осознаеш и признаеш дека животот на твојот сосед е твојот сопствен живот. И дека ти убивајќи го него, си се убил и себеси. Затоа и ти ја гледаш својата глава на телото на убиениот. Со тоа Бог ти дава до знаење дека твојот живот и животот на твојот сосед и на сите луѓе е еден ист живот.
Осудениот се помислил и кога подолго размислил, тој сфатил и признал. Потоа се помолил на Бога и се причестил. Така духот на убиениот човек престанал да го вознемитува и почнал деновите и ноќите да ги поминува во каење и молитви и проповедање на останатите осуденици за чудото кое нему му се открило дека човекот не може да убие друг човек, а себеси при тоа да не се убие.
Ах, браќа, колку се ужасни последиците на убиството. Кога тоа би можело да се опише на сите луѓе, вистина не би имало ниту најлуд човек кој би кренал рака на туѓ живот.
Бог ја разбудува и раздразнува совеста кај убиецот и таа негова совест го гризе одвнатре како црвот што го гризе дрвото под кората. И гризе и тропа и татни и лае како бесна лавица, така несреќниот злосторник нема мир ниту дење и ниќе, ниту на гора или нива, ниту во овој живот, ноту после гробот. На човекот би му било полесно да му се отвори черепот и во него да влезе рој пчели, отколку во главата да има нечиста и налутена совест.
Затоа, браќа, Бог и им заповеда на луѓето, заради нивниот мир и среќа, да не убиваат.
О, Господи Предобар, колку секоја Твоја заповед е како млеко слатка и хранлива! О, Господи Силен, сочувај го Твојот слуга од зли дела и осветничка совест, за да Те слави и да Ти благодари низ вечните векови. Амин.
СЕДМА БОЖЈА ЗАПОВЕД: НЕ ПРАВИ ПРЕЉУБА
А тоа значи: Да немаш незаконска врска со жена. Навистина, во ова животните се попослушни кон Бога отколку луѓето, зошто животните се врзуваат меѓу себе точно во она време и онака како Творецот нивни им предодредил. А многу луѓе не познаваат ниту време, ниту начин на таа врска меѓу мажите и жените. Нивниот разум е затупен од блуд, така да тие не разликуваат законска врска со жена од незаконска врска, како што болен човек не разликува солено од кисело. Затоа често ќе слушнете од оние кои прават прељуба вакво оправдување на својот грев:
-Па тоа е сосема сеедно, својата жена или некоја туѓа, одредено време или неодредено. Сеедно.
Токму онака исто како што би рекол човек со температура кога прво на јазикот ќе му ставите сол, а потоа пиперка, па шекер:
-Тоа е се едно и исто. Тоа не се различни работи. Тоа е една иста работа со еден и ист вкус.
Ако беше сеедно дали да се живее законски или незаконски, Бог немаше преку Мојсеј да му заповеди на израелскиот народ да не прави прељуба.
Прељубодејството го разорува човекот и телесно и душевно. Оние кои прават прељуба обично се искривуваат како гудало пред староста и го завршуваат својот живот во рани, маки и лудило. Најстрашните и најгадните болести за кои знае науката се болести кои се множат и пренесуваат на други луѓе со прељуба. Телото на прељубците во болест станува како една смрдлива бара од која секој бега затворајќи го носот и со големо гадење.
Но барем злото да заврши со оние кои прават зло, работата би била помалку ужасна. Но работата е многу ужасна кога ќе се помисли дека децата на прељубодејците ги наследуваат болестите на своите родители: синовите и ќерките, па дури и внуците и правнуците. Од тие болести човештвото е уназадено и дегенерирано многу повеќе од било која друга болест.
Сликата е доволно страшна кога се имаат на ум само телесните маки, телесното гниење и распаѓање од блудните болести. Но сликата е уште пострашна кога на телесната грдост се додаде душевната грдост како последица од истото блудно зло. Од тоа зло кога на телесната грдост се додаде и душевната грдост, човекот ослабува и се растројува. Болниот ја губи острината, длабочината и висината на мислите кои ги имал пред болеста. Го губи својот карактер и се препушта на сите можни пороци. Кај него се развива голема омраза на се добро, чесно, светло, молитвено, духовно, божествено. Тој ги мрази добрите луѓе и се труди со сета сила да им напакости, да ги извалка, навреди, оцрни и наклевети. Како вистински човекомразител, тој во исто време е и богомразател. Тој ги мрази сите закони, и човечки и Божји, затоа тој ги мрази сите законодавци и законочувари. Тој е гонител на редот, поредокот, доброто, светото и идеалите. Тој е вистински отров за општеството кој гние и смрди, како грда бара и ја труе целата околина. Неговото тело е гној и неговата душа е гној.
Ете браќа, зошто Бог, кој се знае и се предвидува, издал заповед против прељубата, против блудниот живот, против вонбрачните врски меѓу луѓето.
Кој умее да ја чита историјата на луѓето и народите, може доволно да се научи колку страшна казна ги стасува племињата и народите кои прават прељуба.
Во Светото Писмо се опишува пропаста на два града, Содом и Гомор, во кои не можело да се најде ниту десет праведни и чесни луѓе. Затоа Бог пуштил огнен дожд со сумпур и двата града одеднаш биле затрупани како во гроб.
Во Јужна Италија постои и сега местото наречено Помпеја, некогаш богат и раскошен град, а сега една жална урнатина каде луѓето се собираат за да ја видат и да затреперат од ужас и страв. Богатството го довело тој град до толку развратен и блуден живот каков што, веројатно, во светот не се памтел. И казната Божја дошла одеднаш. Еден ден вулканот Везув избил и огнен дожд со пепел и сумпур почнал да паѓа врз градот Помпеја со сите нејзини жители, додека не се наталожил високо над куќите, како што еден мртовец се закопува во гроб.
А на народите кои се здрави во тој поглед Бог им дава секакво добро во изобилство.
Нека Семоќниот Бог ви помогне, браќа, да не заскитате на опасниот и лизгав пат на прељубодејство. Нека вашиот ангел хранител чува мир и љубов во вашиот дом.
Нека Божјата Мајка ги вдахне вашите синови и ќерки со својата божествена девственост за нивните тела и души да бидат неизвалкани со грев, туку чисти и светли, за да може Светиот Дух да се всели во нив и да ги оплоди само со она што е божествено, што е од Бога. Амин.
ОСМА БОЖЈА ЗАПОВЕД: НЕ КРАДИ
А тоа значи: Не го натажувај својот брат со непочитување на неговиот имот. Не прави го она што го прават лисиците и глувците, ако себе се сметаш за подобар од нив. Лисицата краде незнаејќи за законите за крадењето и глушецот го подгризува амбарот незнаејќи дека тоа некого му е штета. И лисицата и глушецот знаат само за својата корист, но не и за туѓата штета. Ним не им е дадено тоа да го знаат, а тебе ти е дадено. Затоа тебе не ти се простува она што на лисицата и глушецот им е простено. Твојата корист мора секогаш да стои пониско од законот и твојата корист не смее да биде на штета на твојот брат.
Браќа, само незнајковците одат во кражба; имено оние кои не знаат две големи работи во својот живот:
Едната работа е дека човекот не може да украде, и
Втората работа е дека човекот не може да се користи со кражба.
Како тоа? Ќе се запрашаат многу јазици и ќе се зачудат многу незнајковци.
Еве вака: Оваа вселена е многуока вселена. Таа целата е исполнета со очи како сливата на пролет со бели цветови. Одреден број на тие очи гледаат и чувствуваат, но многу поголем број ниту гледаат, ниту чувствуваат. Пред се, сонцето е едно битие со големо око и ѕвездите се битија со очи. Но, освен сонцето и ѕвездите постојат уште милиони и милиони духови со многу очи кои постојано гледаат што се случува на секој сантиметар на земјата. Како тогаш може крадецот да украде, а да не се види? Ти не можеш да ја ставиш својата рака во џебот, а милиони сведоци тоа да не го видат. Уште помалку можеш да ја ставиш раката во туѓ џеб, а милиони виши сили да не се побунат. Значи оној кој тоа го знае, тој тврди дека човекот не може да украде, а да не биде виден и осуден. Тоа е една работа.
Втора работа е дека човекот не може да го користи она што го украл. Зошто како може да го користи кога е виден од толку многу очи и поради тоа ќе биде осуден? А кога ќе биде осуден, ќе биде осрамотен и ќе му остане името крадец до смрт меѓу неговите соседи. Има илјада начини како силите небесни го осудуваат крадецот.
Покрај една река живееле двајца рибари со своите семејства. Едниот имал многу деца, а другиот бил без деца. И двајцата ставале корпи во реката и оделе да спијат. Но во последно време се случуваше во корпата на оној со семејството да нема повеќе уловено од две до три риби, додека во корпата на оној без деца имало изобилство од риби. И овој без децата се правел милосрден и одвојувал само неколку риби од својата полна корпа и му давал на соседот. Така тоа се повторувало на одредено време во текот на една година. Едниот се збогатил тргувајќи со рибите, а другиот не можел доволно ниту леб да набави за своето семејство.
-Што може тоа да биде? – се запрашувал сиромашниот рибар. Но една ноќ, додека тој спиел, му се открила вистината во сон. На сон му дошол човек, облечен во светлина, како ангел Божји и му рекол: стани веднаш и излези на реката и ќе видиш зошто си сиромашен. Но, кога ќе видиш, биди воздржлив.
Рибарот скокнал од својата постела, се прекрстил, излегол на реката и видел како неговиот сосед ги префрлал уловените риби од неговата корпа во својата. Крвта во сиромавиот рибар зоврела, но се сетил на опомената во сонот, се воздржал од гневот и смирено му рекол на рибарот – крадец:
-Соседу, може ли да ти помогнам, за да не се мачиш сам?
А соседот се замрзнал од страв и кога дошол при себе, клекнал пред својот сосед и рекол:
-Навистина, Бог ти го покажа моето недело. Тешко мене, неправедникот! И му го даде на сиромавиот рибар половината од целиот свој имот за овој да не го предаде на луѓето и да не го гони на суд.
Во еден арапски град тргувал неправедниот трговец Исмаил. Секогаш кога им ја мерел стоката на купувачите, секогаш им одземал по неколку грама и неговото богатство многу се умножило. Но, неговите деца биле болни, а тој трошел многу пари на лекари и лекови. И колку што трошел за лекови исто толку им одземал на купувачите. Но колку повеќе им оздемаше, толку поболни биле неговите деца. Еден ден, кога Исмаил бил сам во дуќанот, загрижен за своите деца, му се стори дека одеднаш се отворило небото. Тој погледнал за да види што се случува. И видел како еден ангел стои покрај еден голем кантар на кого ги мерел сите богатства што Бог ги делел на луѓето. И кога дошло ред до семејството на Исмаил, Исмаил погледнал и видел дека кога ангелите делеле здравје за неговите деца, на тасот ставале помалку здравје отколку што тежел тегот на другиот тас на кантарот. Исмаил се налутил и посакал да им викне на ангелите, но тогаш еден од нив се завртел со лицето кон него и му рекол:
-Мерката е права. Зошто се лутиш? Ние одземаме на твоите деца онолку колку што ти им одземаш на своите муштерии. И на тој начин ја твориме Божјата правда. Исмаил се тргнал како прободен со нож и почнал горко да се кае за својот грев. Од тој час Исмаил почнал не само да мери правилно, туку да дава и повеќе од мерката. А на неговите деца им се вратло здравјето.
Така браќа, украденото постојано го потсетува човекот дека е украдено и дека не е негово.
Некое момче украл часовник и го носел на себе еден месец. После еден месец, тој го вратил часовникот на сопственикот, го признал своето дело и рекол:
-Секогаш кога го вадев часовникот од џебот и погледнував во него, слушав како ми вели: јас не сум твој, ти си крадец.
Господ Бог знаел дека кражбата ги прави и двајцата несреќни: и оној кој украл и оној на кого му било украдено. И луѓето, Неговите синови, да не бидат несреќни, Премудриот Господ ја дал и оваа заповед: Не кради.
Ти благодарам Господи Боже, на оваа заповед која навистина ни е потребна заради нашиот мир и среќа. Нареди му, Господи, на твојот оган, да ги изгори нашите раце кога се пружаат за да украдат. Нареди им на твоите змии да се свиткаат околу нашите нозе кога тие ќе тргнат да крадат. А пред се, Ти се молиме Семоќен, да ги очистиш срцата наши од желба за крадење и нашиот дух од помисли за крадење. Амин.
ДЕВЕТА БОЖЈА ЗАПОВЕД: НЕ СВЕДОЧИ ЛАЖНО ПРОТИВ СВОЈОТ БЛИЖЕН
А тоа значи: Не биди лажен ниту кон себе, ниту кон другите. Кога говориш лажно за себе, ти самиот знаеш дека лажеш. Кога говориш лажно за друг, тој другиот знае дека лажно говориш за него.
Кога себеси се превознесуваш и се фалиш пред луѓето, луѓето не знаат, но ти знаеш дека даваш лажно сведоштво за себе. А, ако го повториш тоа лажно сведоштво за себе повеќе пати, сите луѓе ќе знаат дека ти говориш лага, дека ги лажеш. А, ако постојано повторуваш една лага за себе, сите луѓе ќе знаат дека ти лажеш, но тогаш ти ќе почнеш да веруваш во својата лага и така лагата за тебе ќе стане вистина. И ќе и се навикнеш на лагата како слепиот на темнината.
А кога говориш лага за друг човек, тој човек знае дека си лажен сведок против него, а и ти знаеш дека лажеш против него. Така, ти си вториот сведок против самиот себе. А Бог е третиот сведок. Кога искажуваш едно лажно сведоштво против својот сосед, знај дека има тројца сведоци против тебе: Бог, твојот сосед и ти. И знај дека еден од тие три сведоци ќе те покаже на целиот свет.
Еве како Бог го покажува твоето лажно сведочење против твојот сосед:
Во едно село Лука и Илија биле соседи. Лука го замразил Илија бидејќи Илија бил подобар и поуреден човек од Лука, кој бил пијаница и неработник. Гонет од омразата, Лука отишол во судот и за да го тужи Илија дека говорел погрдни зборови против царот. Илија се бранел колку што можел, а на карај се завртел кон Лука и му рекол: нека Бог самиот ја открие твојата лага против мене! – Но, судот го оставил Илија во притвор, а Лука се вратл дома. Кога дошол близу својата куќа, тој слушнал плачење од својата куќа и сета крв му се замрзнала зошто се сетил на клетвата на Илија. Кога влегол во куќата, тој видел ужас. Неговиот стар татко паднал во оган и му изгореле цело лице и очите. Кога Лука го видел тоа, тој занемел и неможел да зборува, ниту да плаче. Утредента рано отишол во судот и признал дека лажно го оптужил Илија кој веднаш бил пуштен од притвор, а судот Лука го казнил за лажно сведочење.
И така Лука го стасале две казни за еден грев: и Божја и човечка.
А еве како соседот може да го открие твоето лажно сведочење:
Во Ница живеел еден месар, Анатол. Него го потплатил некој трговец лажно да сведочи против својот сосед Емил, дека тој, Анатол, го видел Емил како истурил гас и ја запалил куќата на лошиот трговец. И така Анатол посведочил пред судот и се заколнал. Емил бил осуден. Но, кога ја отслужил казната, Емил се заколнал дека понатаму ќе живее само за да докаже дека Анатол сведочел лажно. Емил бил вреден човек и набргу стекнал илјада наполеони и смислил како може да го натера Анатол да признае пред сведоци дека лажно сведочел против него. Затоа Емил прво нашол луѓе, познаници на Анатол, и тие вака ја завршиле работата:
Една вечер тие го повикале Анатол на вечера, го изнапијаниле добро, а потоа му рекле дека им треба еден сведок кој на суд ќе сведочи против кафанџијата дека овој криел некои злосторници. Кога целиот план му го изложиле на Анатол, извадиле на масата илјада наполеони и го запрашале дали може тој да најде некој човек кој на суд би сведочел лажно. На Анатол му засветлиле очите кога го видел златото пред себе и веднаш изјавил дека тој самиот ќе ги земе за да биде лажен сведок. Потоа луѓето му рекле дека се сомневале во него дека може да го изведе тоа пред суд, дека може да се збуни или уплаши. Анатол им докажувал дека тој може да го направи тоа, а тие го запрашале дали негокаш нешто слично направил. Не предчувствувајќи никаква замка, Анатол им признал дека тој претходно бил потплатен да сведочи лажно против Емил и дека по неговото сведочење Емил бил осуден на затворска казна. Штом го слушнале тоа луѓето, тие станале и отишле да му кажат на Емил. Утредента Емил поднел тужба против Анатол и тој бил осуден на тешка робија. Така железната правда Божја го стасала Анатола и го исчистила образот на чесниот Емил.
А еве како самиот лажен сведок го открива својот злочин:
Во Фиум имало двајца млади луѓе, двајца добри другари, Ѓорѓи и Никола. Двајцата биле неженети. И двајцата засакале една иста девојка, ќерката на сиромавиот занаетчија Павел, кој имал седум немажени ќерки. Најстарата ќерка се викала Флора, а Ѓорѓи и Никола се загледале токму во неа. Но, Ѓорѓи бил побрз и тој ја запросил Флора и ги викнал своите пријатели да му бидат девери. Никола толку почнал да му завидува на својот другар што решил по секоја цена да ја расипат работата. Едно утро тој почнал да го одвраќа Ѓорѓи да не ја зема Флора за жена зошто таа била лоша девојка, која поминувала лош живот со други луѓе. Ѓорѓи се зачудил и почнал да го уверува Никола дека тоа не било можно. Тогаш Никола му рекол дека тој самиот имал нечиста врска со Флора. Ѓорѓи му поверувал, отишол кај Флора и ја откажал женидбата со неа. Целата работа се дознала во малиот град. Целото семејство на таткото на Флора било оцрнето. Нејзините сестри почнале да ја укоруваат, а таа, за да се оправда, скокнала во вода и се удавила.
По една година Никола отишол во црква на Велики Четврток и го слушнал свештеникот како ги повикува верниците да се причестат. „Но, нека не приоѓаат-рекол свештеникот-оние што лажат, крадат, лажно сведочат, ниту оние кои се скарале со своите блиски, ниту оние кои ја извалкале честа на некоја невина девојка. Зошто подобро е да земат оган во себе, отколку чистата крв на чистиот и невиниот Исус Христос“.
Кога Никола ги слушнал овие зборови, целиот затреперил како лист на дрво.
Веднаш по службата тој го замолил свештеникот да го исповеда, и тој го направил тоа. Никола му кажал се и запрашал што да направи за да се спаси од нечистата совест која го гризела како гладна лавица. Свештеникот му предложувал разни начини, но, секако, прво покајание. Меѓу останатото свештеникот му рекол дека ако навистина се срами од својот грев и не се плаши од казната – да го објави своето недело јавно, преку весниците. Никола не можел да спие цела ноќ собирајќи ја целата храброст да го направи ова последното. Утредента тој напишал се што направил, за валкањето на честа на семејството на занаетчијата и како го излажал својот пријател Ѓорѓи. На крајот напишал вака: „Не сакам да одам на суд, зошто судот нема да ме осуди на смрт, а јас заслужив смрт. Затоа самиот себе ќе се осудам со смрт“. И другиот ден се обесил.
О, Праведен Господи, колку луѓето се несреќни, кои не ја слушаат Твојата света заповед и не го зауздуваат со железна узда своето грешно срце и својот јазик. Помогни ми мене, грешниот, о Боже, никогаш да не згрешам за вистината. Просветли ме со Твојата вистина, Исусе Сине Божји и изгори ја сета лага во моето срце како што оној кој одгледува овошје го согорува гнездото на гасениците на овошките. Амин.
ДЕСЕТА БОЖЈА ЗАПОВЕД: НЕ ПОЖЕЛУВАЈ НИШТО ШТО Е ТУЃО
А ова значи: Штом си посакал, веднаш си паднал во грев. Сега прашањето е дали сакаш брзо да се тргнеш од удолницата на која твојата желба те навела или ќе се тркалаш и понатаму се подолу.
Желбата е семе на гревот. Грешното дело е жетвата на посеаното и израснато семе.
Запази ја разликата меѓу оваа десета Божја заповед и претходните девет заповеди. Во претходните девет заповеди Бог те предупредува од правење на грешни дела, токму од жетвата на гревовите. А во оваа десета заповед Бог слегува на коренот на гревот и грешењето и те предупредува да не грешиш ниту со своите желби. Затоа оваа заповед прави мост меѓу Стариот и Новиот Закон Божји, првиот даден од Бога преку Мојсеј, а другиот даден од Бога преку Господ Исус Христос. Зошто кога ќе го читаш Новиот Завет Христов, ќе видиш дека Христос веќе не им заповеда на луѓето да не убиваат со рацете и да не прават прељуба со тело и да не крадат и да не лажат со јазикот, туку Тој слегува длабоко во душата на човекот и заповеда да не се убива со помисла, да не се прави прељуба со желба, да не се краде ниту во мислите и да не се лажи ниту со молчење.
Така, оваа десета заповед прави премин кон Христосвиот закон кој е повеќе духовен, повозвишен и потежок од Мојсеевиот закон.
Не пожелувај ништо што му припаѓа на твојот ближен, зошто штом си го помислил тоа веќе си посеал семе на злото во срцето и семето ќе падне и ќе расте и ќе се шири и ќе се разгранува и ќе ги турка твоите раце во грев, и твоите нозе и очи и твојот јазик и целото тело твое. Зошто телото, браќа, е извршниот орган на душата. Телото ги извршува наредбите кои душата му ги дава. Она што душата сака, телото мора да направи; и она што душата не сака, телото не мора да го направи.
Кое растение, браќа, расте најбрзо? Да не е тоа папратот? Навистина, посеаната желба во човечкото срце расте побрзо од папратот. Денеска ќе израсне многу малку, но утре веќе е двапати поголема, задутре е четири пати поголема, па шестпати и така натаму.
Ако денеска си ја посакал куќата на својот ближен, утре веќе ќе кроиш план како да му ја одземеш; задутре ќе му ја бараш да ти ја даде, а следниот ден ќе му ја грабнеш и запалиш.
Ако денеска си ја погледнал неговата жена со желба, утредента веќе постојано ќе мислиш како да ја одземеш од својот сосед, другиот ден нечисто ќе се врзеш со неа, а потоа заедно со неа ќе смислуваш план како да го убиеш својот сосед и да му ја присвоиш жената.
Ако денеска си го посакал волот на својот сосед, утредента ќе го посакаш двапати посилно, задутре четири пати посилно, а следниот ден ќе го украдеш. Ако те тужи поради тоа што си му го украл волот, во судот ти ќе се браниш и ќе се заколниш дека волот е твој. И така од грешна желба растат и се развиваат и сите грешни дела. И уште запази дека кој ќе ја погази оваа десета заповед, ќе ги погази, една по една, сите останати девет заповеди.
Слушни еден мој совет: погрижи се да ја исполниш оваа последна Божја заповед и полесно ќе ти биде да ги исполниш сите останати. И верувај ми дека оној чие срце се исполни со лоши желби толку ја помрачува својата душа, што станува неспособен за верата во Господ Бог и за работа во одредено време и за празнување на неделата и за почитување на своите родители. Вистина, тоа важи и за сите останати заповеди – ако погазиш една, ќе ги погазиш и сите десет.
Некој праведен човек по име лавро, го оставил своето село и се повлекол во планината каде живеел осамено. Тој се грижел сите свои желби, освен желбата за Бога и царството Божје, да ги искорени од својата душа. Во текот на неколку години Лавро само мислел на Бога, се молел на Бога и постел. Кога повторно се вратил во селото, сите селани му се воодушевувале на Лавро и сите го почитувале како Божји човек. Во селото имало некој Тадија кој му позавидел на Лавро и им кажал на селаните дека и тој можел да биде како Лавро. Тадеј отишол во планината и се предал на осаменоста и страдањето. Но, по еден месец Тадија се вратил во своето село. Кога селаните го запрашале што правел во текот на тој еден месец, тој им рекол:
-Убивав, крадев, лажев, напаѓав луѓе, се фалев, прељубодејствував, палев куќи – со зборови ги правев сите можни безаконија.
-Како тоа кога таму си бил сам?
-Да, бев сам со телото, но со душата и срцето бев постојано во друштво со луѓе и она што не можев да го правам со рацете и нозете, со јазикот и телото, го правев со душата и срцето.
-Така, браќа, човек може да греши и кога ќе се одвои од луѓето и побегне во осаменост. Зошто ако лош човек го остави друштвото на луѓето, него не го оставиле грешните желби, неговата грда душа и нечистите помисли.
Затоа браќа да се помолиме на Бога да ни помогне да ја исполнеме и оваа последна заповед Негова и со тоа да се припремиме да го чуеме, разбереме и примиме Новиот Завет Божји, т.е. Законот на Исус Христос Синот Божји.
Господи Боже, Господи Велик и Страшен, Велик во Своите дела, а Страшен во својата незапирлива правда! Позајми ни ја Твојата сила, Твојата мудрост и Твојата добра волја и да ја исполниме оваа Твоја света заповед. Угуши ја, Боже, секоја грешна желба во нашето срце пред да израсне и почне таа да не гуши.
О, Владико на сите светови, исполни ги нашите души и тела со Твојата сила, зошто со својата сила ние не можеме ништо да направиме; и со Твојата мудрост, зошто нашата мудрост е глупост и мрак; и со Твојата волја, зошто нашата волја е секогаш зла без Твојата. Приближи ни се за и ние да Ти се приближиме. Навали се кон нас за да можеме и ние да се кренеме кон Тебе.
Всади го, Боже, Твојот свет закон во нашите срца; всади го, накалеми го и разграни го, и оплоди го. Зошто ако не оставиш сами со Твојот закон, ние не можеме да се спријателиме со Твојот закон.
Нека е слава на Тебе Единствен Господи, а чест нека е на Мојсеј, Твојот избраник и пророк преку кого ни го даде и овој јасен и моќен закон.
Помогни ни Господи, да го научиме секој збор на овој прв закон, за преку него да се припремиме за великиот и преславен закон на Твојот Син Единороден, Исус Христос, нашиот Спасител на Кого заедно со Тебе и на Животворниот Свет Дух нека е вечна слава и благодарност, песна и поклонение, од поколение во поколение, во вечни векови, до свршетокот на светот, до Страшниот суд, до одвојувањето на непокајаните грешници од страдалните праведници, до победата над сатаната, до уништувањето на неговото царство и до засјајувањето на Твоето вечно царство над сите царства, знајни и видени со око и ум човечки. Амин.
администрација на МВПЦ
+++Јован Хаџи

This entry was posted in Поуки. Bookmark the permalink.

Comments are closed.