ВЕЛИГДЕНСКО ПОСЛАНИЕ НА АРХИЕПИСКОП ЈОВАН-ХАЏИ,ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ,ВАИСТИНУ ВОСКРЕСЕ

mv1.jpg
МИЛИ БРАЌА И СЕСТРИ ВО ХРИСТА
Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух
Свети Боже Свети Крепки Свети Бесмртен Помилуј не и Спаси
Денеска ви се обраќам за да ви го честитам најголемиот христијански празник Воскресение Христово, но во едни сосема различни услови отколку што до сега сме го чествувале празникот, во православните цркви и заедно со своите најблиски. Но, оваа состојба во која се наоѓа целото човештво на земјата не треба да биде препрека за да ја почувствуваме радоста на празникот кога нашиот Господ Исус Христос со Своето Воскресение ни покажа дека ја победи смртта, дека нас не очекува вечен живот кој Бог ни го вети уште од самиот почеток со создавањето на нашите прародители Адам и Ева.
Последниве неколку недели бевме сведоци на појава која никогаш до сега не се случила во толкави размери, но не потсети на нашите претци кои со векови се криеле или пак граделе цркви на скриени места за да можат да ги чествуваат христијанските празници во полнотата и единството на Црквата. Исто така ова време не потсети и на почетокот на Христијанството кога оние кои поверуваа во нашиот Господ Исус Христос беа немилосрдно прогонувани и погубувани. Но, мили возљубени чеда, тие не се предадоа во духот, туку, со уште поголема жар во срцето, ја зацврстија својата вера во Троичиниот Бог наш и ја сочуваа за таа да продолжи низ многуте генерации што следеа и ете се задржа се до ден денес.
Бог, со Својата Промисла, ни испраќа искушенија во текот на целиот наш живот, некогаш помали, а некогаш поголеми. Христијаните се соочувале со секакви искушенија, прогони, како што претходно спомнав, а и тоа добро го знаеме читајќи ги житијата на светителите, како и оние кои на овие територии на Балканот, под опсадата на Отоманите, успеаја да ја сочуваат Православната вера недопрена, онаква каква што Апостолите, Евангелистите и Светите Отци ни ја предадоа.
Сега во ова време на еден сосема различен непријател, ние никако не смееме да паднеме со својот дух и вера затоа што нашите цркви беа затворени и токму на овој празник не можеме да се Причестиме со Крвта и Телото Господови како лек за прочистување на нашите гревови. Токму ова искушение треба да ни биде поука како не треба да ја губиме верата за да не бидеме како петте неразумни девојки. Господ Исус Христос, преку Евангелието по Матеј, ја раскажува параболата за десетте девојки за да не поучи како сите треба да бидат подготвени и постојани во верата бидејќи ноќта на овој живот изминува, сите девојки заспале, односно умреле, бидејќи во оваа парабола сонот ја означува смртта. Додека тие спиеле, среде ноќта се слушнал повик и, оние што имале доволно масло, односно доволно вера во себе, кога се отвориле вратите, влегле со Младоженецот, додека неразумните девојки, кои немале доволно масло во своите светилки, односно немале вера, не можеле да влезат. А неразумните девојки, кога дошле непросветлени, неподготвени и без вера (без запалени свеќи), тропајќи на вратата, викале: „Господару, Господару, отвори ни”. А самиот Господ им го дава овој страшен одговор:„Одете си, не ве познавам!” (Мт. 25, 1-12)
Зошто Господ Христос на Своите ученици, како и пред првосвештениците и фарисеите, им вели: „Царството небесно прилега на човек цар, кој направи свадба на сина си, и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие нејќеа да дојдат. Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: „Ете, приготвив јадење; јунците мои и сè што е угоено се заклани, и сè е готово; дојдете на свадба!“. Но тие не сакаа да знаат за тоа, а си отидоа: кој на нива, кој по трговија; а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија.
Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град. Тогаш им рече на слугите свои: Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба!“ И како излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: „Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?“ А тој молчеше. „Тогаш царот им рече на слугите: „Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани.” (Мт. 22, 2-14)
Господ Исус Христос преку многу параболи им укажа на своите ученици дека секој кој поверува во Него треба својата вера да ја негува и сочува и покрај искушенијата кои се случуваат во текот на овој живот. Нека ништо не ни ја разниша верата во Бога зошто Он пред да си замине од земниот живот им вети на Своите ученици, а со тоа и на сите нам, дека секогаш ќе биде со нас: „Зошто каде што двајца или тројца ќе се здружат под Моето име и Јас сум таму, меѓу нив“ (Мт. 20, 18). Кога Он ни вети на сите нас дека секогаш е со нас, тогаш зошто ние да дозволиме било што да не оддалечи од Него, значи, колку сме ние близу или далеку од нашиот Господ зависи само од нас самите.
Затоа, мили возљубени чеда, да не паднеме пред ниту една пречка и искушение и да не ги исполнуваме желбите на нашите непријатели кои сакаат да не погубат и телесно и духовно, туку уште послини да се воздигнеме и да се радуваме на овој празник над празниците и со своите најблиски да се поздравиме со:
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!! – ВАИСТИНУ ВОСКРЕСЕ!!
Нека Господ Исус Христос Благослови
Секојпат во моите молитви бидете Благословени
+++Јован Хаџи

JOVAN
ТРОПАР:
Глас 5
Христос воскресна од мртвите, со смрт, смртта ја победи и на тие во гробовите, живот им подари. (х3)
КОНДАК:
Глас 8
Иако во гроб влезе, Бесмртен, но силата на адот ја разурна и воскресна, како победник, Христе Боже, Ти што на жените мироносици им рече: радувајте се! И на Твоите апостоли мир дарувајќи им, на паднатите им даваш Воскресение.
воскресение
ДЕНЕСКА ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО – ВЕЛИГДЕН
Велигден е најголемиот христијански празник. Тој ден Господ Исус христос воскресна од мртвите, ја победи смртта и на сите луѓе од Адан и Ева до последниот човек на земјата им дарува вечен живот. Заради значењето на овој празник, секоја недела во текот на годината е посветена на Воскресението и секоја недела е мало Воскресение.
Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ѝ поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.
За Велигден исто така се поврзани и убави обичаи во нашиот народ. Во целиот христијански свет се бојадисуваат и даруваат јајца. Јајцето е симбил на обновување на природатата и животот. И како што бадникот горејќи дава посебна убавина на божиќната ниќ, така и велигденското црвени јајце значи радост и за оние кои го даруваат и оние кои го примаат.
Тропар, гл. 5:
Христос воскресе из мртвих, смертију смерт поправ и сушчим во гробјех живот дарова.
Стихира, глас 6:
Воскресеније Твоје, Христе Спасе, Ангели појут на небесјех, и нас на земли сподоби: чистим сердцем Тебе славити.
Кондак, глас 8:
Ашче и во гроб снизшел јеси, Бесмертне, но адову разрушил јеси силу и воскресл јеси јако Побједитељ, Христе Боже, женам мироносицам вјешчавиј: радујтесја, и Твоим Апостолом мир дарујај, падшим подајај воскресение.
Нека Господ Бог Благослови, на многаја љета!
Христос Воскресе,Ваистину Воскресе

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.