ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ЧЕТВРТА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ

unnamed
Мат. зач. 25; гл.8, ст. 5-13
Денешното Евангелие зборува за излекувањето на слугата на капетанот во Капернаум, а во исто време не уверува и за огромната љубов на Спасителот кон човечкиот род и за Неговата божествена моќ. За се ова зборува и евангелистот Лука во гл. 7, ст. 1-10.
-„Во она време дојде Исус во Капернаум и при Него пристапи капетан молејќи го: Господи, мојот слуга лежи дома одземен и многу се мачи. А Исус му рече: Јас ќе дојдам и ќе го излечам“.
Капернаум е мал град покрај Галилејското Море и бидејќи Исус Христос во него долго престојувал, евангелистот Матеј го нарекува понекогаш и Христов град. Капернаум лежи меѓу ридовите на Нефталимавото и Завулоновото племе при местото каде истекува реката Јордан и при Тиверијадското Море. Во овој мал град Спасителот ги направил сите оние чуда кои го прославија и разгласија по тамошната околина, така да маса народи доаѓале да го видат и слушнат божествениот учител. Овде Спасителот го излечил синот на царскиот чиновник, Петровата тешта и ќерката на законодавецот. Капетанот, кој сега му приоѓа на Исус Христос го моли за помош, бил старешина на една римска стража која ја чувала Јудеја. Според народност бил Римјанин, а според верата приврзаник на Јудаизмот. Оваа вистина ја посведочува на таков начин што од љубов кон Јудеците им подигнал и синагога. Капетанот сам лично дошол кај Спасителот, а подоцна донел и некои Јудејци за тие да го претстават на Христа како народен пријател и тоа таков кој изградил и синагога на тој народ. Спасителот, гледајќи ја цврстата вера на капетанот и иако непоканет вели дека ќе го посети во неговата куќа, а тоа го прави со цел таа вера да ја открие јавно и како пример да им послужи на другите.
-„А капетанот одговори и рече: Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку само кажи и мојот слуга ќе оздрави.“
Не сум достоен – вели капетанот затоа што верува дека Исус Христос е Бог, а за себе знае дека е грешен. –Со зборовите: ќе дојдам и ќе го излечам, Спасителот намерно предизвикал ваков одговор кај капетанот, затоа што со тоа сакал неговата вера да биде јавна, а таа своја вера капетанот навистина и ја потврдува со зборовите: само кажи збор и т.н.
-„Зошто и јас сум човек од власт и под себе имам војници и велам: оди и тој оди; и на другиот: дојди, и тој доаѓа; и на својот слуга: направи го тоа, и тој го прави.“
Овие зборови покажуваат големо и постојано убедување на капетанот во моќта и благоста на Христос зошто со нив признава дека Спасителот има божествена власт со која може само со еден збор да нареди неговиот болен слуга да оздрави или да умре.
-„А кога слушна Исус се воодушеви и им кажа на оние кои одеа по Него: вистина ви велам, дека ни во Израел не најдов толкава вера“.
Спасителот ја пофалил големата вера на капетанот зошто тој како нензабожец не го знаел јудејското Свето писмо за Месијата, но сепак подобро и попостојано од самите Јудејци верувал во Христовото божество. Но Спасителот не се задржал само на тоа, туку капетановата вера и на другите ја јавил и пофалил за и другите да се угледаат на него.
-„И тоа ви велам дека многумина од исток и запад ќе дојдат и ќе седнат на трпезата со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно“.
Спасителот намерно ги спомнува Авраам, Исак и Јаков сакајќи со тоа да ги укори Јудејците кои се фалеле себеси поради тоа што биле Авраамови потомци, а сега Спасителот вели дека и идолопоклониците од разни краишта на светот ќе бидат со Авраам во вечното Божје царство. Оваа вистина ја претскажал пророкот Исаија велејќи: „И ќе се соберат во домот Господов сите народи“. Од овие Христови зборови дознаваме дека верата, побожноста и доблеста не се наследуваат, туку се лични заслуги и кој со нив се одликува, без разлика дали е Јудеец или незнабожец, ќе се спаси како Авраам и Исак. И така за спасение е потебно вера, зошто Бог не гледа кој е кој.
-„А синовите на царството ќе бидат прогонети во најкрајната темнина и таму ќе биде плач и чкртање на забите“.
Јудејците како Авраамови потомци биле и природни наследници на царството Божје кое на Авраам му го вети, но заради нивното неверување и отстапување од Бога тие се оддалечени од вечното царство во кое е Авраам.
-„А на капетанот Исус му рече: оди и како што веруваше нека ти биде; и неговиот слуга оздраве во тој час“.
Бидејќи веруваше дека можам да го излечам твојот слуга и без да одам во твојот дом, тоа нека биде и според твојата вера – нека слугата ти оздрави.
Овие зборови сведочат не само за чудото кое Спасителот го направил излекувајќи го слугата на капетанот со силата на само еден збор, туку и докажуваат дека Спасителот со својата сила исполнува во најкратко време бидејќи и капетановиот слуга оздравел штом Господ рекол: нека оздрави.

БЕСЕДА ВО НЕДЕЛА ЧЕТВРТА ПО ДУХОВИ
Кога во денешното Евангелие слушнавме за капетанот, кој иако по вера незнабожец, а по народност Римјанин, толку се сложил со Јудејците, што им изградил Синагога во Капернаум, затоа денеска да зборуваме за слогата и љубовта меѓу нас. Доколку денес има повеќе љубов и слога, сигурно би биле повеќе среќни и понапредни. Кога Спасителот на светот, нашиот Господ Исус Христос го исполнуваше Своето спасоносно дело, дојде часот на Неговото страдање, кога требаше, распнат на крст, да ја пролее Својата пресвета крв и со неа да не очисти од многувековните гревови. И тогаш, подигнувајќи ги Своите очи кон небото, Го повика Бога и Отецот и од Него побара сите верници да бидат едно: „Свети Оче, сочувај ги во Името Твое да бидат едно како Ние“. И Спасителот во оваа Своја молитва петпати ги повторува зборовите сите да бидат едно сакајќи со тоа да ни ја покаже големата потреба и големата важност на единството и слогата.
Како можеме да бидеме едно? Само со помош на слога имајќи секогаш добро и благо мислење до кое пак се доаѓа по пат на убав и братски договор и взаемно известување.
Слогата е основа и темел не само на нашата православна христијанска вера, туку и на земната благосостојба и среќа на поединецот и на сите и на цели држави и народ, така исто и на вечното блаженство. Спасителот на Отецот во својата молитва Му вели: „Славата која Ми ја даде, им ја дадов ним“. Но, со каква цел Спасителот ни ја даде таа слава? „Да бидеме едно, да бидеме сложни“, а ако не сме сложни, таа слава од нас ќе се одземе и ние ќе бидеме робови на гревот и страдалници на вечните маки. Но кога се сложуваме и кога еден друг се помагаме, тогаш не само што ќе бидеме наградени со небесна слава, туку и тука додека сме на земјата Бог секогаш ќе ни биде на помош и секогаш ќе биде меѓу нас за секоја наша работа да биде среќна и благословена. На оние кои живеат во слога, Спасителот им ја вети својата божествена помош велејќи: „Каде се двајца или тројца во Моето Име и Јас сум меѓу нив“(Мат. 18, 20). Значи, каде има слога, таму е и Бог, а каде е Бог, таму се и ангелите, таму е благословот и среќата, таму е и љубовта, мирот, напредокот и секоја благосостојба.
Луѓето само под знамето на слогата и раководени од слогата можат да го постигнат своето определување. За во земјата да владее правдата и добрината и луѓето да бидат среќни и чесни, нема друг начин освен братска слога и искрена љубов зошто само таа небесна сила дава мир, среќа и благосостојба на целото човештво. Секое градче и секое село, секое општество и секое семејство каде владее слогата е среќно и напредува, зошто Бог вети дека ќе биде таму каде има слога. каде нема слога, таму нема чест, почитување, богатство, полза, наука ниту милосрдие. Заради тоа и Татковината секогаш на своите деца во аманет им остава да имаа слога и братска љубов, зошто кога тоа го нема меѓу нејзините жители, тогаш и таа страда и паѓа во несреќа, а нејзиното лице е покриено со пустош и срам и заради неслогата на своите родени деца, Татковината останува понижена и засрамена.
Историјата на човечкиот род не уверува со многу примери како неслогата во светот била причина на големи и тешки беди и несреќи! Неслогата цели народи избришила од лицето на земјата! неслогата кревала цареви против цареви и се леела човечка крв, а во таа крв се давеле вдовици и сирачиња, стари мајки и седи старци! Неслогата е толку страшна зошто таа не знае за свето и за правда, таа нема ни срце ни душа, таа не се грижи за мајчините солзи и плачот на некое дете!
Заради тоа нека е благословена слогата, мајка и учителка на секоја среќа и благосостојба, зошто каде и да било слогата го подигне својот престол, таму има луѓе меѓу кои е и Бог, среќата и славата, здравјето и напредокот. Да бидеме постојани во слогата и братската љубов, зошто тоа ни е најважно и најпотребно. Слогата е слава и гордост на секое село и град, на секоја држава и народ, зошто силата на Татковината е во слогата меѓу нејзините синови. Слогата е украс на семејството и задругата; таа е мир на совеста и спокојството на душата и слогата е небесно благо, па затоа Божјиот Апостол вели: „Ве молиме, браќа, со името на нашиот Господ Исус Христос, сите едно да говорите и меѓу вас да нема расправии, туку да бидете утврдени во еден разум и една мисла. Амин.
+++ Јован-Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.