ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ

index
Мат.зач. 29.гл.9 .ст. 1-9
Евангелието кое се чита на шестата недела по Духови зборува за излекувањето на фатениот. Тој настан, кој е опишан уште и кај евангелистот Марко во глава 2, ст. 1-12, и Лука во глава 5, ст. 17-26, се случил во Капернаум.
-„Во она време откако влезе во коработ, премина и дојде во Својот град. И ете, Му донесоа фатен, кој лежеше на постела. А кога Исус ја виде нивната вера, му рече на фатениот: Охрабри се синко, ти се простуваат твоите гревови.“
Спасителот влегол во коработ кога од Гергесинската област, по барање на населението, заминал и дошол во својот град, т.е. Капернаум. Господ излечил двајца фатени, еден кај Овчата бања, за кого евангелистот Јован зборува, и вториот за кој зборува денешното Евангелие и кој бил фатен толку многу што од креветот неможел да слезе самиот, ниту други не можеле да му помогнат да се симnе, поради големите болки, за да дојде пред Христа, туку на постела го однеле пред Него, верувајќи дека Тој може да го излечи. Дека болниот и тие што го донеле верувале во семоќта на Спасителот се гледа од зборовите на евангелистот:„и кога Исус ја виде нивната вера…“ Но таа вера била толку силна што, неможејќи до Спасителот да дојдат по обичниот пат, го отвориле покривот од куќата во која бил Господ и го спуштиле болниот пред Него. – „Ти се простуваат гревовите“, т.е. причините за болеста, и кога тие исчезнале болниот совршено оздравел. Вака само Бог зборува кој прво ја лечи душата на болниот од гревови, а потоа телото, а бидејќи Спасителот при тоа му се обраќа со –синко –значи дека не само дека тој бил целосно очистен од гревовите, туку и дека верувал во Христа, зошто како грешник и неверник не би го нарекол –синко.
-„И ете, некои од книжниците си рекоа во себеси: овој богохулствува“.
Овој текст кај евангелист Марко, глава 3, 6-7, е појасен и поопширен. Причината заради која и сега фарисеите лошо мислат за Христа е таа што Тој самиот лично го прави она што само на Бога му е својствено, т.е. што простува гревови кои, според Светото Писмо, никој не може да ги простува освен Бога. Но зарем тие од толкуте дотогашни чуда не можеле да се уверат во божеството на Спасителот? А кога тоа им било возможно, зарем и тогаш им било загатка тоа што Христос самиот им ги проштевал гревовите на луѓето? Тие тука доблеста ја осудуваат за зло, светлината за темнина! Да се хули на Бога значи да се понижува Бог со лош и непристоен говор и срамно да се присвојува она што само на Бога му прилега. Но фарисеите за Христа велат дека хули, т.е. на Бога затоа што Тој на болниот му ги прости гревовите, а тоа веднаш се извршува и болниот оздравува!
-„А Исус, знаејќи ги нивните мисли, рече: Зошто мислите зло во вашите срца? Па што е полесно да се рече: ти се проштеваат гревовите, или да се рече: стани и оди?“
Со овие зборови Спасителот открива многу важна карактерна црта на своето божество, зошто само Бог ги знае помислите на луѓето. „Јас, Господ, вели Бог преку пророкот Еремија, ги испитувам срцата и ги искусувам бубрезите за да дадам на секого според неговите патишта и според неговите плодови. Оваа вистина треба да не научи дека треба не само да избегнуваме лоши дела и зборови, туку и лоши помисли. Јудеите му ја признавале на Исуса Христа моќта за чудотворства, но му ја одрекувале моќта за простување на гревовите, зошто токму тоа го открива и покажува како вистински Месија, а тие според својата воображена „официјалност“ не можеле да го дозволат тоа зошто ќе требале да се понижат пред еден Назареќанин. Но Спасителот и тука ги победил излекувајќи го фатениот со семоќството на еден свој збор и тоа со посредство на простување на гревовите – нешто што е својствено само на Бог, како и излекувањето само со еден збор. Поради тоа книжниците и фарисеите не одговараат ништо на прашањето: Што е полесно? А поради тоа, Христос продолжува говорејќи:
-„Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да простува гревови, тогаш му рече на фатениот: Стани, подигни си ја постелата и оди си дома.“
…Да се простуваат гревови после овие зборови би значело: гледајте, внимавајте, па ќе видите дека Оној Кого вие Го сметате за човек – има божествена моќ. Зборот: на земја-значи дека Христос и на земја како овоплотен ја има истата божествена моќ која од вечноста ја имал на небото.
Синот човечки – е назив со кој Господ се нарекувал себеси, а значи исто што и човек воопшто. Но секој во ова име може во Спасителот да види нешто повеќе од обичен човек, нешто пославно и поголемо, а тоа е достоинството на Месијата. Името –Син човечки- е земено од книгата на пророкот Даниел каде јасно е насликано како на небесните облаци : одел како син човечки, кој дојде до старецот и застанал пред него. И му се даде власт и слава и царство да му служат сите народи, и племиња и јазици; власта негова е власт вечна која нема да помине и неговото царство нема да се растури. Ова пророштво се однесува на Месијата, на Господ и нашиот Спасител кој е подобен, сличен на човекот, но од кого се разликува со своето натприродно раѓање и со безгрешноста.
-„И стана и си отиде дома.“
Спасителот го испраќа веднаш излечениот и тој си заминува за да не го фали и превознесува; второ, со своето заминување да посведочи за своето чудесно исцелување и трето – излечениот со своето заминување да биде пример на вера во Спасителот пред сите присутни.
-„А народот кога го виде тоа, се исплаши и Го прослави Бога, Кој им даде таква власт на луѓето.“
Луѓето се зачудиле зошто Спасителот и во оваа прилика направи чудо како Бог и затоа се благодарни на Бога, но сметајќи го Христа само за човек со натприродна власт.
И ние да се поучиме од постапката на овој излечен човек и да имаме и ние како него цврста вера и постојана вера во моќта и божеството на Исус Христос, така и Тој ќе ни ги прости нашите гревови – причините за нашите беди и несреќи.
БЕСЕДА ВО ШЕСТА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ
„Ако навистина имате вера колку синаповото зрно – ќе и речете на црницава: „Откорни се и пресади се во морето!” И таа би ве послушала.” (Лука, 17, 6)
Овие зборови нашиот Господ и Спасител Исус Христос, кои ги кажал на своите ученици, значат дека ако нашата вера е топла како синапово зрно, тогаш на верникот му е лесно да го постигне она што е инаку тешко; можно му е и она што е инаку невозможно за човек, и тогаш човекот може да прави и чуда. Верата е топла кога не се сомневаме и кога не се стегаме да веруваме и јавно го исповедуваме она што Словото Божје не учи.
Но, човечките страсти се борат против она што верата учи и бидејќи во борба секогаш победува посилниот, а послабиот е победен, така каде верата е слаба, т.е. каде верата е ладна, таму чувствата победуваат, а оттука се случува ние да грешиме иако веруваме „Бог ги мрази сите оние кои прават безаконија, ги истребува оние кои зборуваат лага“ (Пс. 5, 5- 6). Но ние често гледаме како многумина безаконици и лажговци, убијци и подлеци не само што остануваат неказнети, туку и се среќни, па затоа и нашите чувства понекогаш се борат против верата и ние мислиме дека Бог само ги плаши, но не сака да ги казни и на таков начин самите паѓаме во гревови! Ние веруваме дека Бог е присутен насекаде, дека ги гледа сите наши дела, дека ги знае и нашите тајни помисли, но сепак често помислуваме на грев и на зло и често правиме она што нашата света вера го забранува! Зошто кај нас се појавуваат овие спротивности? Бидејќи нашата вера е слаба. Верата ни кажува дека Бог е пред нас, но ние погледнуваме пред нас и не Го гледаме Бога и бидејќи нашата вера е слаба, силата на чувствата го помрачуваат нашиот разум и така грешиме непомислувајќи дека Бог е пред нас.
Но оние среќни луѓе каде верата е топла, тие ги победуваат лошите чувства зошто топлата вера ги растерува сомнежите кои доаѓаат од страстите и затоа овие луѓе можат со успех да се борат против грешните чувства и така да се чуваат од грев. Ваква вера имал цар Давид и затоа кажал: „Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам.“ (Пс. 15 (16), 8).
Но нас, заради нашето маловерие не само што страстите не победуваат, туку стануваме робови на нашите страсти. „Ако им простиме на луѓето кои не навредиле и Бог нашите гревови ќе ги прости“, (Мат. 9, 14) вели Спасителот и христијаните во тоа веруваат. Но кој од нас е без грев? Кој нема потреба од простување на гревовите? Ако нашата вера не е топла, ние нема да им простиме на оние кои не навредиле зошто во нашите срца ќе завладее злоба и освета, а во тој случај ниту Бог нашите гревови нема да ни ги прости. Нашата вера не учи: „Не се осветувајте за себе, осветата е Господова, Он ќе им врати на сите“ (Рим. 12, 19). И навистина, кој може посилно да се освети, кој може поправедно да казно за зло освен Бог, но сепак во тоа не веруваме и страста на осветата завладува со нашата душа и срце и така паѓаме во опасност која ги снаоѓа сите осветољубци. Но кога постојано би верувале во зборовите на Словото Божје, нашиот гнев би се ублажил, ние би биле спокојни и би кажале како цар Давид кога Саул го гонел:„Да недаде Бог да ја кренам раката своја против оној кој ме навредил“.
Топлата и постојана вера не само што го чува човека од гревови, туку и го краси со доблести, а каде има неверие или маловерие, таму нема добри дела, нема доблести. Апостол Павле ги брои сите добри дела на светите мажи и вели дека само со помош на постојана и топла вера можеле да ги остварат и така кај луѓето со векови се прославиле и при Бога се удостоиле на вечен живот. Колку постојаноста и топлата вера ги украсувала душите на христијанските маченици? Навистина не може да се опише и затоа тие не се плашеле од светските тирани, ниту од грозните мачења и немилосрдните мачители! Тогаш тие Го исповедале Христа и при најголемите маки пееле благодарни песни! Толку е голема силата на топлата вера.
Но, барем некои од нашите дела наликуваат на овие? Каде се нашите жртви за света вера и спасение барем малку да наликуваат на жртвите на нашите стари предци? Ние го признаваме и одобруваме постот зошто знаеме дека го смирува телото и ги стишува страстите кои човека го навлекуваат на грев, но сме маловерни и верата ни е слаба и се плашиме постот да не ни штети и неумерено се предаваме на јадење и пиење, а тоа ни донесува не само болест и сиромаштво, туку и грев. Ние ја одобруваме и фалиме милосрдноста знаејќи дека сто пати повеќе ќе ни се врати и тука на земјатани горе на небото, но бидејќи нашата вера е слаба ние се плашиме дека помагајќи им на сиромашните и самите да не се осиромашиме и така паѓаме во грев на среброљубие и алчност. Ние сакаме да ги љубиме и нашите непријатели, зошто Господ Спасителот ни даде таква заповед, но бидејќи верата ни е слаба и ладна, се плашиме светот за тоа да не ни се потсмева и така остануваме како дрво кое не донесува плодови, но неплодното дрво луѓето го сечат и го фрлаат во оган. Да се размислиме да не биде и со нас така.
Може некој ќе се запраша како човек да се сочува во топла и постојана вера? Постојаноста на верата ја попречуваат нечистите телесни желби, напредокот на верата го спречуваат светските заблуди. Но, сето ова го чувствувал и Давид и вели дека од се тоа го сочувал Божјиот закон и читањето на Словото Божје: „О колку го љубам, Господи, законот Твој! Везден мислам за него. Заповедите Твои ме прават помудри од непријателите мои, зошто Си со мене постојано“.
Оној кој живее според законот Божји и кој го чита Словото Божје, кај него верата не се оладува, ниту вероисповедната постојаност не се попречува. Но, според зборовите на Апостол Јован, добрата вера и постојаната побожност одржуваат и добри дела без кои верата ги нема своите вистински вредности, па затоа да живееме според законот Божји, да го читаме Словото Божје и да правиме добри дела и Господ ќе ни каже: „Дојдете благословени при Мојот Отец и наследете го Царството кое ви е спремено од века“. Амин.
администратор МВПЦ

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.