ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ОСМА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ

loaves-and-fishes
Мат. зач.58. гл. 14. ст. 14-22
Денешното Евангелие зборува како Господ Исус Христос со пет леба и две риби нахранил големо множество народ. За тој чудесен настан говорат и евангелистите Марко 7, 30-44; и Лука 9, 10-17; и Јован 7, 1-15. Ова чудо на Спасителот не само што е јасен доказ за Неговото милосрдие и семоќност, туку во исто време ги исполнува срцата на верните не само со смелост туку и со голема надеж. Во денешното Евангелие имаме доволно докази дека Божјата промисла не се ограничува само на лечење на болните, туку дека се простира и над секоја човечка потреба.
-„Во она време, кога излезе Исус виде големо мноштво, беше поттикнат со сожалување кон нив и ги исцели нивните болни“.
Овој народ, како што се гледа од 13-от стих од оваа глава, го нашол Спасителот на некое пусто место, а еве како: Кога Исус Христос тргнал од Капернаум на кораб преку Генисаретското езеро, дошол во оваа пустина која припаѓала на Витсаида. Овој предел бил под управа на Филип, оној единствен добар син на Ирод. Кога се случило Спасителот од пет леба и две риби да го нахрани мноштвото народ, тогаш и учениците се враќале од оваа апостолска работа. Но, токму во она време Ирод го затворил Свети Јован Крстител во темница. Поради тоа и учениците кои дошле од пат да се одморат и божествениот учител да им повтори се што учел и работел, се оддалечил во пустината и тука се сожалил на народот кој дошол по Него. Во тоа време, вероисповедните народни учители толку биле навлезени во подлоста што се грижеле само за своите приходи и почести, а стадото го напуштиле и го оставиле изложено на сите можни опасности. Така и во оваа прилика гледајќи опасност, зошто Свети Јован веќе бил во Иродовата темница, го напуштиле и оставиле народот; но Спасителот, како добар пастир кој го даде и својот живот за своето стадо, се сожали на народот и му помага нахранувајќи го и излекувајќи ги нивните болести, но и заради тоа повторно старешините уште повеќе го замразиле!
-„А кога се свечери Неговите ученици дојдоа при Него и Му рекоа: „Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна.”
Кога настапила вечерта и кога учениците се вратиле од пат, тие му пристапија на својот учител и Го замолија да го отпушти народот, кој се собрал околу Него за да ја слушаат Неговата наука и да ги излечи болните. Но, евангелистот Јован вели дека пред тоа Спасителот му рекол на Филип: „каде ќе купиме леб луѓето да јадат“ и затоа не треба да се мисли дека тука има некои противречности, зошто Јован го опишал и она што било претходно, а Матеј го премолчел. Но, Јован направил многу добро што го навел и тој дел зошто од таму дознаваме дека Бог и пред нашето барањеја гледа нашата потреба и како човекољубив татко се грижи да ни помогне. Така Спасителот сакајќи и во оваа прилика да го покаже своето милосрдие кон луѓето сосема различно постапил зошто:
-„Но Исус им рече: „Нема потреба да одат, дајте им вие да јадат!” А тие Му рекоа: „Тука немаме ништо, но само пет лебови и две риби.” А Тој им рече: „Донесете Ми ги тука.” И заповеда народот да седне по тревата; ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото и благослови; ги раскрши лебовите и им ги даде на учениците, а учениците на мноштвата.“
Ги зема петте лебови и двете риби и ги благословува и ги раздава на народот кој до мила волја се наситил иако имаше преку 5000 души. Овде навистина сосема умешно може да се примени текстот на Апостол Павле за неизмерната сила на Божјата благодат при немаштија и потреба: „зошто Мојата сила при слабост се покажува.“
Според евангелистот Јован, кога народот при оваа прилика се уверил за Христовото божество, сакал да го прогласи за цар, а на тоа се согласиле и учениците на Спасителот. Но Господ Исус Христос, знаејќи ја нивната намера ги испратил, според Марко во Витсаида, а според Јован во Капернаум. Витсаида била татковина на Андреј, Петар и Филип, и се наоѓала близу Капернаум.
Според евангелистот Лука, Спасителот лебовите и рибите ги благословил, а според Јован Му заблагодарил на Бога подигнувајќи ги очите кон небото. Со тоа Спасителот и нас не учи секогаш пред јадење да Му благодариме на Бога.
-„И сите јадоа и се наситија; и го дигнаа преостанатото од парчињата, дванаесет кошеви полни. А оние, кои јадеа, беа околу пет илјади мажи, освен жените и децата“.
Ова чудо е навистина преголемо за да може нашиот ум да го разбере. Овие пет леба не се намножиле бројно, не постанало од 5 леба 5000, туку се разделувале на парчиња невидливо и чудно се заменувале. Не разбираме како и каде самата материја се умножувала, дали на трпезата или во рацете на Апостолите кои го раздавале лебот, но храната се умножувала како на пример водата на извор, како виното на виновата лоза или како изобилието во природата. И така како што силата на Чудотворецот ја надминува човековата природа, така и начинот кој и овој пат дејствуваше, го надминува нашиот разум, но во исто време не учи: прво-дека Спасителот кога го нахранил народот со својата храна духовно, го нахранил и со 5 леба и 2 риби телесно; второ-кога наредил народот да седне на земјата на имотот со тоа не учи на смирение; трето-кога нахранил толку народ со 5 леба и 2 риби, со тоа не учи на возрджливост; и четврто-кога ги нахранил сите со една и иста храна, така на еден и ист начин не учи дека сите сме еднакви и дека сите сме браќа меѓу себе.
-„И веднаш ги натера Исус учениците Свои да влезат во кораб и да отидат пред Него на другата страна, додека да го распушти народот.“
Им заповеда на учениците да одат напред сигурно затоа што учениците сакале со Него да останат, но и тие биле согласни со народот да Го прогласат за цар, а тоа би било спротивно на намерите на Спасителот „бидејќи Неговото царство не е од овој свет“.
Затоа им наредил да одат за Тој да може во мир и тишина да го распушти народот за потоа да може сам на ридот, како што наведува евангелистот, на Бога да се моли. Но учениците веројатно и затоа не сакале да Го остават сам.
БЕСЕДА ВО ОСМА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ
И денешното Евангелие ни ја дава спасоносната наука за безграничното Божје милосрдие и Неговото човекољубие кон луѓето кои Го бараат. Кога царот Ирод го затвори Свети Јован Крстител во темница, Спасителот се оддалечи во пустина, а по Него тргнаа 5000 луѓе да ја слушаат Неговата наука и да болните да ги исцели. И Господ Исус правејќи го и едното и другото, уште се погрижи народот да го нахрани и тоа го направи.
Но, освен овој настан има и уште многу други кои јасно не уверуваат за неограниченото Божје милосрдие кое особено се гледа во Божјето извонредно човекољубие и татковска љубов кон човекот. Човекот секој ден греши и со тоа го навредува својот Творец и Спасител и се прави себеси недостоен за Неговата милост, но благодарение на Божјата милосрдност, човекот сепак живее на земјата и тоа како син Божји. Без ова милосрдие ни овој свет не би можел да постои, а со тоа ниту човекот кој многу често ги урива Божјите заповеди, па затоа неограниченото милосрдије Божје и треба да ги исполнува нашите срца со радосна надеж за спасение и да не чува од очај во кој како грешни често паѓаме. Заради тоа најлош и најтежок грешник е оној христијанин кој се осудува самиот себе да се убие зошто со таа своја постапка тој го негира Божјето милосрдие. Бог е многумилостив и долготрпелив и непрестајно ги повикува грешниците на покајание бидејќи Словото Божје не учи: „Бог не ја сака смртта на грешникот, туку сака сите да се спасат; затоа и на небесата и меѓу ангелите има голема радост кога само еден грешник се покае.“
И така милоста Божја е неизмерна и таа се одразува не само во воплотувањето на Синот Божји заради вечното спасение на селиот човечки род, туку ја гледаме и во секој човек иако секој човек греши. Цар Давид врз кого Бог правел особени добри дела, падна во два смртни грева иако не остана без надеж за спасение зошто знаел дека Божјата милост е безгранична, затоа откако ги послуша советите на Натан, тој веднаш почна да се кае од целото свое срце и душа „и Бог му прости“ (2. Цареви, 12, 13). Нема грев кој е поголем од Божјата милост со која човекот може секогаш да се користи само ако сака да се откаже од грешењата и да се покае. Човекот најлесно ќе се реши на покајание кога ќе се сети дека Бог заради гревовите човечки целиот свет го казни со потоп, но сепак заради своето милосрдие, го спаси Ное и родовите на сите животни. Господ ги казни и Содома и Гомора, но сепак го спаси Лот и неговото семејство. Бог го испрати Јона во Ниневија да јави дека градот и сите жители ќе пропаднат за 80 дена и кога тие искрено се покајале, Бог им простил на сите, како што му прости и на Петар зошто три пати се откажа од Спасителот, но затоа и веднаш се покаја и горко заплака и затоа Господ му прости. Потребно е грешникот да се кае, а благајната на Божјата милост е за секого отворена зошто Бог не ја сака смртта за грешникот, не сака никој да умре како грешник.
Но, има луѓе кои ја злоупотребуваат Божјата милост, па не престануваат да одат по патот на гревот задоволувајќи ги своите страсти и работејќи против Божјите заповеди, мислејќи да се покајат на смртниот час, како и оној разбојник кој со Спасителот бил распнат и кажал: „Господи, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство“. Но, кој го знае часот на смртта и зошто човекот спасението на својата душа непрестајно би го држел на патот на гревот и пропаста зошто кој може со сигурност да каже дека таквиот човек, кој цел живот го поминал во грешење и грев, нема да умре како другиот разбојник кој беше распнат со Спасителот и кој не само што не сакал да се покае, туку уште и се потсмевал како и останатите Јудејци, фарисеи и книжници?
Да имаме секогаш на ум дека Спасителот вели: „Дојдете при Мене сите кои сте натоварени со грев и Јас ќе ве одморам“. Без разлика колку сме грешни, да побрзаме, бараќа, кон Бога и Неговата милост и Он ќе ги развесели нашите срца и ќе ја успокои нашата совест. Неговата милост ќе ги прости нашите гревови и ние ќе се спасиме. Да се чуваме од очајот зошто со тоа се одрекуваме од Божјето милосрдие кое секое утро и секоја вечер на секое Божје суштество и на секоја мала работа во природата многу јасно се рефлектира. А кој ја злоупотребува Божјата благост и милосрдие и не сака благовремено да се покае, своето каење го одложува, тој нека се сети на Божјите зборови: „Човеку, зарем не се грижиш за богатството на Божјата добрина и корист и трпение незнаејќи дека таа Божја добрина води на покајание“ (Рим. 2, 4). Амин.
администрација на МВПЦ

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.