МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР,ГО ЧЕСТВУВА

preobrazenje-gospodnje
ДЕНЕСКА,6 АВГУСТ, ПРЕОБРАЖЕНИЕ ГОСПОДОВО
Празникот Преображение Господово во црковниот календар и меѓу народот има особено значење. Овој празник, кој секогаш се слави на 6 август по Јулијанскиот календар, е одбележен со црвени букви, што го сместува маѓу таканаречените заповедни празници.
Христовото Преображение покажува точно што е и која е Црквата, но и која е нејзината цел. Во Црквата припаѓаат Пророците и Апостолите и оние кои што ја примаат нејзината откровенска Теологија и кои што се борат да се наоѓаат во истата перспектива. Секако, постојат многу степени на учество, но човекот барем треба да се наоѓа на степенот на очистување.
И уште се гледа и која е најдлабоката и најсуштинската цел на Црквата. А таа цел е да го одведе човекот во обожување, кое што е гледањето на несоздадената светлина. Целото дело на пастирите стреми кон таа возвишена цел. Значи, обожувањето не е луксуз за христијанскиот живот, туку е неговата најдлабока цел. Како светите Тајни така и аскезата стремат кон таа состојба. Кога ќе се оддалечат од неа, тогаш се идолатризираат.
Несоздадената светлина е доживување на Царството Божјо. Меѓутоа, паралелно е претвкус на идните блага. Преображението покажува што е Царството Божјо и што е идната состојба. Богочовекот ќе се наоѓа во средина на обожените луѓе, кои што ќе се веселат од присуството и од славата Божја, според различни степени и според разновидно учество во несоздадената благодат. На тој начин ќе се примени Давидовиот псалм: “Бог застана во собранието на боговите; меѓу боговите изрече суд” (Псалм 81, 1). Христос, и воопшто Триедниот Бог, ќе биде Бог по природа, а светителите ќе бидат богови по учество и по благодат. Според тоа, идното Царство, како и нашето присуство во Црквата, не е еден збир на побожни луѓе, туку е едно собрание, едно црквување на богови по благодат, “на обожени луѓе од Оној Кој по природа е Бог” (св. Симеон Солунски).
Како што сите Господови празници не се само апсолутно Христолошки, туку се антрополошки и сотириолошки, така истото важи и за Христовото Преображение. Христос со Своето Преображение го покажа обожувањето на човечката природа, но и славата на оние кои што ќе се соединат со Него. Затоа, впрочем, настанот на Преображението е централна точка на сотириолошкото учење на Црквата, бидејќи покажува која е целта на постоењето на човекот.
Меѓутоа за да стаса некој до доживување на славата на своето обожување, т.е. во учество на обожителната енергија Божја, треба да мине низ очистувањето на срцето. А тоа е така затоа што Христос го просветлува човекот аналогно на чистотата на неговото срце. Со духовната светлина се случува истото што и со сетилната светлина. Како што сетилната светлина ги осветлува здравите очи на телото, така и несоздадената светлина го просветлува чистиот ум и заблесканото срце (св. Никодим Агиорит).
Светите Отци, говорејќи за Христовото Преображение и за учеството во Божествената слава, кажуваат за лично искачување на гората на Боговидението. Непрестан е викот на Црквата: “нека ни засветли и нам грешните Твојата беспочетна светлина”. А во една молитва на Првиот Час ја чувствуваме потребата да Го молиме Христа: “Христе, вистинска светлино, што го просветлуваш и осветуваш секој човек што доаѓа во светот да се покаже и на нас светлината на Твоето лице, та во неа да ја видиме непристапната светлина”. Потребно е непрестано искачување и еволуција. Во Црквата зборуваме за еволуција на човекот не од мајмун во човек, туку од човекот кон Бога. А оваа црковна теорија за еволуцијата дава смисла за живот и ги задоволува сите внатрешни проблеми и егзистенцијалните немири на човекот.
Св. Максим Исповедник учи дека Христос не им се јавува на сите на ист начин, туку на почетниците им се јавува во обличје на слуга, а на оние кои што се искачуваат на гората на Боговидението “во обличје на Бог”.
Тројцата Ученици на Тавор, штом ја видоа славата на Христовото лице, исповедаа: “Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш, да направиме овде три сеници, една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија” (Мат. 17, 4). Толкувајќи ја оваа желба на Учениците, св. Максим Исповедник вели дека трите сеници се сениците на праксата, на созерцанието и на Богословието. На првата сеница (на праксата) образец беше Илија како храбар и разумен, на втората (на созерцанието) беше Мојсеј како законоположител и правдодавец, на третата (на Богословието) образец беше Владиката Христос, бидејќи беше совршен во се.
Во оваа ерминевтичка анализа се гледаат трите степени на духовниот живот, кои што го сочинуваат духовното издигнување на човекот на гората Тавор, а тоа се очистувањето, просветлувањето и обожувањето. Така, не се работи за некое просторно искачување, туку за една еволуција на начинот. Ако го видиме внимателно целиот црковен живот и сотириолошкото учење на светите Отци ќе се увериме дека постојано станува збор за овие три степени на духовниот живот, кои што претставуваат различно учество на човекот во Божјата благодат. Ако духовниот живот ги нема оваа насоченост и еволуција, тогаш или се идолатризира или се морализира.
Христовото Преображение ни покажува што точно е православната Теологија. Од учењето на Црквата знаеме дека Теологијата не е рационализам и интелектуални знаења, туку е учество во обожителната енергија, созерцание на несоздадената Светлина и секако, обожување на човекот. Кога зборуваме за Теологија подразбираме опит и боговидение.
Како заклучок треба да кажеме дека Христовото Преображение претставува централен настан во Христовиот живот, но и основен момент во животот на човекот. Затоа не може да се проанализира со етички мисли и сентиментални возбудувања, туку во рамките на православната Теологија. Впрочем, живееме во Црквата и не се стремиме само да бидеме добри луѓе, туку да бидеме богови по благодат. На таа висина не кани црковниот живот и православната Теологија.
На Христовото Преображение му претходеше исповедањето на апостолот Петар. Христос ги праша Своите Ученици какво мислење имаат луѓето за Него. Тие Му одговорија ека едни Го сметаат за Илија, други за Еремија, за Јован Крстител, или за еден од Пророците. Тогаш Христос ги праша што тие мислат за Него. Од името на Учениците апостолот Петар Му одговори: “Ти Си Христос Синот на Живиот Бог” (Мат. 16, 16). Христос со Своето Преображение го потврди ова исповедање. Значајното е тоа што претходи исповедањето дека Христос не е некој човек или некој Пророк, туку е Синот на Живиот Бог. Кога се слуша гласот на Отецот “Овој е Мојот Возљубен Син”, тоа е најголемиот момент на Откровението на Тавор.
По исповедањето следи молчење. По зборовите: “овде стојат некои што нема да вкусат смрт дури не го видат Царството Божјо дојдено во сила”, веднаш Евангелистите додаваат “и по шест дена Исус ги зеде Петар, Јаков и Јован и ги одведе на висока гора”. Помеѓу овие зборови и Преображението е вметната една седмица на молчење. Ги подготвува со молчењето, бидејќи не се вместнува ниту еден друг настан.
Преображението Христово, т.е. објавувањето на славата Божја, се случува за време на молитвата. Анализирајќи го текстот можеме да констатираме дека Господовата молитва на Тавор е слична со Неговата молитва во Гетсиманската градина. Евангелистот Лука забележува: “и ете, двајца луѓе разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се јавија во слава, тие зборуваа за Неговата смрт, со која требаше да заврши во Ерусалим” (Лука 9. 30 – 31). Тоа дека зборувале за завршувањето Христово, за Неговите страдања, покажува дека молитвата е поврзана со молитвата во Гетсиманија. И нормално, тоа е молитва за целиот свет. Господ тогаш со Својата љубов го прегрнува целиот свет и Своите Ученици за да се утврдат во верата кон Него и во меѓусебното единство.
Овие нешта ни го покажуваат патот на обожувањето. Потребно е исповедање на Христа, сигурност и исповедање дека Он е единствениот Спасител и единствениот Искупител. Во непоколебливата вера во Христа се создаваат предиспозициите на созерцанието. Следи молчењето, трудот за пазење на Божјата воља, аскетскиот живот преку кој се чисти срцето на човекот од страстите и од помислите. Во основа тоа е борбата за очистување која се врши со трпение, упорност и надеж во Бога. Во таа состојба не е потребна човечка дијалектика. Тоа молжење всушност е православното тихување (исихија) со сето значење на зборот, тихување телесно и тихување духовно. И нормално е човекот да заврши во созерцание на Бога наоѓајќи се во атмосфера на молитва, а особено на една молитва која се моли за целиот свет. Само една таква интегрална и сесветска молитва го привлекува умот кон созерцание на Бога.
На овој пат укажува и свети Григориј Палама во неговите анализи на Христовото Преображение. Несоздадената Светлина е тајната на идниот век, односно таа е Царството Божјо. За да достигнеме таму потребни се исповедањето дека Христос е вистинскиот Бог, постојаноста на верата, пребивањето во Црквата и послушноста кон зборовите на обожените и Богоносните свети Отци.
Гледањето на несоздадената Светлина не е луксуз за нашиот живот, туку тоа е смислата на нашето постоење. Нашето исрпување во пониските степени на духовниот живот се нарекува морализам. Свети Григориј Палама вака ја завршува една своја беседа на Христовото Преображение: “Од вечниот оган на пеколот да се ибавиме сите преку озарувањето и познанието на нематеријалната и беспочетна светлина на Господовото Преображение, во слава Негова и на Неговиот беспочетен Отец и на животворниот Дух, Кои се едно и исто озарение и Божество и слава и Царство и сила, сега и секогаш и во вековите на вековите. Амин”.
Значајно е тоа што свети Григориј Палама ова не го зборува на монашко собрание, туку му го зборува на своето стадо во Солун, на брачни и безбрачни, и покажува дека заеднички е патот што треба да го следиме сите за да достигнеме до гледањето на несоздадената Светлина, што е убавината на идниот век и е Царството Небесно.
Православната Црква и нејзините верници на светите литургии на овој ден го прославуваат споменот на настанот кој се случи на гората Тавор, третата година од почетокот на проповедта на Исус Христос. Тогаш Тој, како кажува евангелското предание, за првпат пред избраните ученици Петар, Јаков и Јован, ја покажува својата боженствена природа препорачувајќи им да ја чуваат преображенската тајна до Воскресението и да не попуштат во духот во деновите на Неговите страдања.
За христијанскиот свет смислата на животот е во воскресението, а тајната на своето воскресение Христос првпат ја објави на своите ученици на Тавор, и од таму е значењето на празникот Преображение за православното христијанство.
Како што бележи Библиската историја, Господ пред своите тројца избрани ученици се преобрази на гората Тавор: „И беше преобразен пред нив, лицето Му светна како сонце, а Неговата облека стана бела како светлина“ (Мт. 17, 2). Светлината на Христовото лице ги осветли лицата на апостолите, а душата им се исполни со мир и радост. Според теолошките објаснувања, она што се случило на гората Тавор укажува дека Господ на своите ученици така ја покажал својата боженствена природа, невидлива природа сокриена во човечката. Во исто време од облаците се слушнал глас: „Ова е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината; слушајте Го Него!“ (Мт. 17, 5). Значи не само што Исус Христос се преобразил пред очите на своите ученици, туку и самиот Отец се јавил кажувајќи ги зборовите кои за верниците и денес се поука за однесување.
Господ Исус Христос им проштевал на луѓето и ги учел и тие да им проштеваат на другите, да не враќаат лошо за лошо, да им проштеваат дури и на непријателите. Бил милосрден и на тоа ги учел своите следбеници. Затоа говорел: „Така свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.“ (Мт. 5, 16). Со овие зборови Христос им порачува на христијаните дека и тие би требало да се трудат во животот за да светат, или уште попрецизно, да бидат видливи со своите добри дела и живот. Кон тоа тежнееле прво апостолите, а потоа останатите христијани, на таков начин човекот доживува преображение.
На овој празник во православните храмови се изнесува грозје и тоа се осветува со посебни молитви, а потоа верниците го носат дома за корист и напредок на својот дом.

Тропар, глас 7:
Преобразилсја јеси на горе, Христе Боже, показавај учеником Твоим славу Твоју, јакоже можаху: да возсијает и нам грешним свет Твој присносуштниј, молитвами Богородици, Светодавче, слава Тебе.
Христе Боже, си се преобразил на планината, покажувајќи им ја на Твоите ученици славата Твоја, колку што можеа (да видат). По молитвите на Богородица и нас грешните да не осветли Твојата вечна Светлина. Слава Тебе, Дарителу на Светлината.
preo
Нека Господ Бог Благослови на многаја љета
aдминистрација на МВПЦ

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.