МАКЕДОНСКА ВИСТИНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,СПОРЕД ЈУЛИЈАНСКИОТ КАЛЕНДАР,ГО ЧЕСТВУВА

ikona_uspenie_bozhiey_materi
ДЕНЕСКА, 15 АВГУСТ, УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА – ГОЛЕМА БОГОРОДИЦА
Празникот Голема Богоодица, празникот Успение на Пресвета Богородица, празникот на Нејзиното заминување од овој свет во небесните двери кај Синот Свој Љубен, нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, тоа е голем празник и неговата содржина не побудува и поучува за најважните прашања од нашиот живот…
…За Пресвета Богородица пишувале старозаветните пророци во разни прилики како и за символот за се она што ќе дојде. Девојчето Марија било испросено од Бога преку молитвите на нејзините родители Јоаким и Ана кои се заветиле на Бога дека ако Бог им подари дете ќе го посветат на Бога и како тригодишно девојче на Воведение служела во храмот и го прославувала нашиот Бог Отец Небесен.
Целата старозаветна историја како да се повторува и всушност извршува се она што пророците зборувале за неа. На свеченото бдение во читањата кои се одредени од Светото Писмо се зборува од Стариот Завет дека кога Јаков заспал на каменот во сон видел отворено небо и скали по кои ангели Божји се симнувале од небото и се качувале на небото, а ова црковните луѓе го протолкувале дека се однесува на Пресвета Богородица, зошто Таа е Онаа која преку таа скала не поврзала со небото. Ангелите се симнуваат на земјата да не поучат на волјата Божја и Таа од земјата да не пренесе на небото.
Во црковните песни толку многу е опишано за Пресвета Богородица како Храм на Духот Свети. Премудриот Соломон вели дека Премудроста себеси си соѕидува дом и се зацврстува на 7 столбови и така зборува на еден мистериозен начин за Црквата, за Светите Тајни каде Пресвета Богородица има толку важна улога. Таа, по зборовите на светиот пророк Езекиел претставува и врата на Ерусалимскиот храм низ која никој не смеел да помине освен кнезот, зошто само Тој поминал низ таа врата и тие останале затворени, а тоа зборува за улогата на Пресвета Богородица која ја здобила раѓајќи го Господ Исус Христос, Синот Божји, Спасител наш и за Нејзиното Приснодевство и Нејзината Девственост непрестана, за Нејзината Богородичност и дека не било обично раѓање, туку во планот на Божјото спасение на човечкиот род. Има многу примери каде е спомната, и свети пророк Исаија вели: „Ете, девојка ќе забремени и ќе роди син и ќе му даде име Емануел…“ што значи дека Бог е со нас. Така послужила на големата тајна и на човечкиот род кога во Назарет ја примила Благовеста од Архангелот Гаврил дека ќе го роди Синот Божји, и прашала: „Како е тоа можно кога не знам за маж?“, а Архангелот и рекол: „Духот Свети ќе дојде на тебе и Силата на Вишниот ќе те осени и она што ќе се роди ќе биде Најголем, ќе биде Син Божји, ќе биде наш Господ, Исус Христос, Избавител и Спасител наш.“
Цело време ја следела работата на Господ Исус Христос, Неговата Евангелска проповед и тагувала и боледувала за Него кога страдал на Голгота и учествувала со жените Мирносици во Воскресението Христово, Неговото Вознесение од Маслиновата Гора и на Денот на Светата Педесетница кога се симнал Светиот Дух на Апостолите. Кога Апостолите ја фрлиле коцката кој каде ќе оди да проповеда, на Пресвета Богородица и паднал делот да оди во Света Гора Атонска таму да го проповедува Светото Евангелие и Светата Гора Атонска е под покровителство на Пресвета Богородица, и од тогаш на никоја друга жена не и е дозволено да дојде на Света Гора. Таа ги посетувала светите места кои се поврзани со важните настани на Господ Исус Христос.
oliva
Често одела на Маслиновата Гора каде Господ се вознел на небото, одела во Гетсиманија, таму каде Господ се молел на Отецот Небесен пред своето страдање: „Оче, ако е можно да ме пројде оваа чаша, но нека не биде волјата моја, туку волјата Твоја, Оче небесен“. И се вели дека во тоа тагување, Пресвета Богородица добила блага вест која Архангелот Гаврил и ја соопштил дека за три дена ќе се пресели од овој живот во небесниот и и донел палмино гранче кое ќе се носи за време на нејзиниот погреб како знак на нешто што се завршува важно во нејзониот живот.
Таа посакала уште еднаш да се види со Светите Апостоли и да се прости и на чудесен начин гледаме, на фреските и иконите, дека сите Апостоли биле донесени на облаци во Ерусалим за да се поздрават со Пресвета Богородица по што Таа заспала и била погребена со сите почести, но тука не бил Апостол Тома, кој бил во Индија на проповедување на Евангелието. Кога дошол, посакал да го види гробот и да го види телото на Пресвета Богородица да и се поклони и заблагодари за нејзината ревносна улога која ја имала во текот на целиот нејзин живот. Кога го отвориле гробот, не го најшле нејзиното тело, зошто Господ ја вознел од овој свет на небото. Затоа уште пред многу векови цар Давид во својот псалм зборува за небесните градини: „Врати! Возвишете ги врвовите свои, возвишете се врати вечни!“ да се отворат небесните врати, ангелите да ја дочекаат Пресвета Богородица, да ја примат како Храм на Духот Свети која ревносно и послужила на Црквата и на целиот човечки род. Затоа ја прославуваме и почитуваме како Мајка на целиот човечки род. Со таа голема улога која Бог и ја доделил на Пресвета Богородица, го возвишил женското битие до небото, до апотеозата, до обожување како што цар Давид зборува во своите химни за сите луѓе ако живеат по волјата Божја: „Зарем не знаете дека сите сте богови и синови на Севишниот?“ Толку големо назначување Бог им дал на луѓето, дал на секое човечко битие!
Така читаме на почетокот на Божјата книга дека Бог го создал човекот од прав од земјата и му дувнал во носот дух на животот и стануваме тогаш слични на Бога и подобни извршувајќи го законот Божји и да бидеме во својот христијански живот во служењето на Бога и на ближните, слични на службата на Пресвета Богородица. Женскиот род треба посебно да биде радосен и на Бога благодарен за ваквата улога која Пресвета Богородица ја добила, која го родила Гспод Исус Христос, Синот Божји, која станала Мајка Божја. Голема е содржината на тој збор која човечкиот разум не е во состојба во целост да ја сфати, зошто човечката моќ на осознавање е мала и ограничена, но подигнат е голем број на храмови во слава Божја и Нејзин спомен, толку икони се насликани, живопишано како првобитно Светиот Евангелист Лука го насликал Нејзиниот лик кој е меѓу нас и чудотворно делува на сите оние кои со вера приоѓаат. Затоа постојано ја повторуваме молитвата до Пресвета Богородица: „Пресвета Богородице, спаси не! Пресвета Богородице, наша Застапничке, Застапничке на човечкиот род христијански!“ Пресвета Богородица е толку мило име кое Бог толку високо го возвишил. Браќа и сестри, на денешниот празник имаме многу причини да се поучиме за тајната на животот и тајната на нашето заминување од овој свет и заминување во непознатото, во Царквата Божја на небото. Затоа да не очајуваме и смирено да ја примиме Божјата волја. Кога сме во опасност да ја престапиме заповедта Божја, црковните учители советуваат да се сетиме на смртниот ден за да не згрешиме, да се чуваме лукавиот сатана да не не прелаже, да не не отстрани од љубовта Божја. Затоа се молиме и постиме, затоа се исповедуваме кај своите духовници да не разрешат од нашите грешки и гревови. Затоа се причестуваме со Светите Тајни, со Светото Причестување тој духовен оган да не очисти и како злато кое во оган се кали и се повеќе се покажува во својата вредност и светлина, така и нашата душа се чисти преку Светото Причестување. Затоа Црквата воспоставила посебен Богородичен пост во слава Божја и во спомен на Пресвета Богородица се воздржуваме од она што нашето тело го сака како знак на љубов кон Бога и Неговите Свети Угодници. Особено во денешно време кога христијанскиот морал е во голема криза, кога има војни, непријателства, кога има желба за збогатување, кога филозофијата на капиталот е најважната во животот, кога на политичарите им е се дозволено иако не е се на корист и се не е на спасение. Лажна демократија. Свети Апостол Павле вели дека се ни е дозволено, но дека се не е во полза. Демократијата ќе биде според Бога, ако сме послушни кон заповедите Божји и кон своите ближни. Ако го извршуваме законот Божји, ќе има мир во нашата душа, ќе има мир меѓу нашите ближни, ќе има повеќе мир во овој свет и секој од нас ќе биде миротворец. Ако сме миротворци, тогаш сме Божји деца, тогаш сме Божји народ. Тоа е она што најкратко и најљубезно би можеле да кажеме за овој голем празник, Успение на Пресвета Богородица. Секогаш кога во молитва се обраќате на Пресвета Богородица, Таа ќе биде ваша молитвеничка пред престолот Божји, ќе биде ревносна застапничка наша, исто онака како ја величи црковната песна.
jerusalim-14
Таа е повозвишена од Херувимите и Серафимите. Таа е на прво место во човечкиот род, прва пред лицето Божје која се моли за нас. Затоа и пееме химни и ја повикуваме во нашите молитви. „Пресвјатаја Богородице, спаси нас!“ Нека е среќен и благословен празникот Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица на сите вас кои сте се спремале за Светата Тајна на Исповедта, покајанието и Причестувањето и нека Бог со молитвите Нејзини ви помогне да се почувствувате духовно препородени и оснажени и радосни, Пресвета Богородица да ве покрие со омофорот на Нејзините свети и моќни молитви за секогаш да бидете среќни и благословени од сега па до вечност.
Нека Господ Бог благослови
5_red_roses

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.