ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ТРИНАЕСЕТА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ

13-nedela-grozje
Мат. зач. 87. гл.21. ст. 33-42
Параболата на ова Евангелие говори за лозјето и лошите работници, а намерата и е: изобличување на јудејскиот народ и неговите недостојни старешини и учители зошто не го примиле Исуса Христа за вистински Месија. Оваа парабола е многу слична со песната на пророкот Исаија која исто така говори за лозје. За параболата на денешното Евангелие уште говорат евангелистите Марко 12; 1-12 и Лука 20, 9-19.
-Ја кажа Господ оваа приказна: „ Беше еден домаќин, кој насади лозје, го загради со плет, и ископа во него точило; изгради чуварница и им го даде под наем на земјоделците, и си отиде.“
Под името домаќин, Спасителот мисли на Бог Отецот Кого од големо човекољубие го нарекува човек. Лозјето е јудејскиот народ кого Бог го избра за свој народ, а потоа го пресели во Египет, како што и цар Давид вели: „И од Мисир ја пренесе лозата, ги протера народите и го насади.“
И го огради, т.е. Бог му даде на својот народ закони кои ќе го чуваат од гревови и мешање со другите расипани народи.
И ископа бунар, т.е. Бог се грижел да обезбеди и храна и вода на својот народ, особено кога поминувал низ пустината.
И направи кула, т.е. храм кој така се нарекува, како заради силата на неговата светост и средставата кои се во него – а тоа е законот и пророчките книги –заради очувување на избраниот народ, така и заради силната и висока градба.
И го даде на лозарите, т.е архиереите и книжниците и воопшто на старешините, зошто Бог на нив, како на учители и првенци, им го довери својот народ.
И отиде, т.е. Бог долго ги трпел кога грешел зошто секаде присуствувајќи не може никаде да отиде, туку како што е погоре кажано, и тука има метафоричка смисла.
-„А кога наближи времето на плодовите, ги испрати своите слуги при земјоделците, за да ги приберат неговите плодови.“
За чување и исполнување на законот и за напредок во доблестите и доброто, Бог ги испрати своите пророци да бараат сметка за исполнувањето на законите и напредокот во доблестите.
-„И лозарите ги фатија неговите слуги: едниот го биеја, другиот го убија, а другиот го каменуваа. Пак испрати други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто.“
Јудејските старешини скоро сите пророци, на разни начини, ги мачеле и убиле кога тие ги укорувале заради безаконијата и им се заканувале со Божји казни. Тоа им се случило на пророците: Исаија, Еремија, Захариј, Михеј и други. Некои ги каменувале зошто тоа било честа казна кај Јудејците.
-„Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: „Ќе се засрамат од мојот син!”
Односно, веројатно ќе се засрамат од мојот Син. Вака Бог не кажал зошто не знаел дали ќе се засрамат или не, туку со овие зборови Спасителот сака да каже дека требале да се засрамат. Под името син, се разбира дека се мисли на Синот Божји, Месијата, Спасителот на светот.
-„Но лозарите, кога го видоа синот, си рекоа меѓу себе: „Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!” И го фатија, го исфрлија надвор од лозјето и го убија. “
Архиереите и фарисеите гледајќи со колкава мудрост и леснотија Исус Христос го толкува Светото Писмо и Божјите закони, колку јавно и строго ги изобличува нивните безаконија и колку лесно и со полна власт прави чуда, па дури и мртви од гроб воскреснува иако и покрај се не верувале дека е Син Божји, сепак верувале дека има натприродна моќ и затоа: го собраа собранието и зборуваа: овој човек прави многу чуда. Ако го оставиме така сите ќе поверуваат. Но бидејќи Исус Христос заради нивните безаконија ги укорувал и ги изобличувал, тие се решија да го убијат, а тоа е она што во денешното Евангелие лозарите велат: ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство. Со овие зборови Спасителот предскажал каков ќе биде крајот на Неговиот живот на земјата. Но освен тоа, значајно е уште и тоа што чувствата, плановите и изреките во оваа парабола многу се усогласуваат со чувствата, плановите и изреките на Јосифовите браќа кога сакале да го убијат , а се знае дека Јосиф, Јакововиот син, со својот живот бил слика на животот на Спасителот. Понатаму Спасителот во оваа парабола го предскажал и местото каде ќе страда, зошто вели: го изведоа синот надвор, т.е. надвор од Ерусалим.
-„Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие земјоделци?” Му одговорија: „Овие злосторници тој бедно ќе ги уништи, а лозјето ќе им го даде под наем на други земјоделци, кои ќе му ги даваат плодовите во нивно време.”
Според евангелистот Марко овој одговор сам го дал Исус Христос, а Лука кажува дека книжниците, откако тоа го слушнале, рекле: Бог да не даде. Но, како што кажува Матеј, вака одговориле фарисеите и тоа не мислејќи и не знаејќи дека со тоа сами над себе изрекуваат суд. А Спасителот нивниот одговор на своето прашање не само што го одобри, туку и со голема важност и достоинство го повтори и тие дури тогаш се сетиле и го разбрале вистинското значење на одговорот кој го дале, и затоа, како што кажува Лука, извикнале: Бог да не даде. Но, Бог дал и бидејќи тие со својот одговор решиле две работи: пропаста на лозарот и предавството на лозјето на други лозари; така и се случило – Римјаните сосема ги покориле, а при тоа и старешините страдале.
-„ Исус им рече: „Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: „Каменот што го отфрлија ѕидарите; тој стана крајаголен камен; од Господа е тоа и чудесно е во вашите очи.”
Исус Христос, како основач на христијанството се нарекува „крајаголен камен“, а Крајаголен камен врзува и спојува два ѕида од куќа, па затоа метафорички се применува за Исус Христос кој со Себе ги врзува и спојува во едно тело Јудејците и идолопоклониците. И тоа бидна од Господа, т.е. така е решено во советот на Светата Троица, на овој начин да се основа христијанската црква, затоа е прекрасно што Бог за основање на таа црква и спасението на човечкиот род го испратил Својот Единороден Син, Кој заради тоа се понизил со крстна смрт, но Кој славно воскреснал и постанал крајаголен камен на Црквата која спасува.
13-nedela-grozje
БЕСЕДА ВО ТРИНАЕСТА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ
„Чујте, небеса, послушај, земјо, зашто говори Господ: „Ти ги воспитав, ги подигнав, синовите, ама тие се одметнаа од Мене“. (Исаија, 1, 2)
Со овие строги зборови некогаш пророкот Исаија го укорувал непослушниот и неблагодарниот народ, кон неговиот Бог и Творец, Отец и Добротвор. И параболата на денешното Евангелие „за лошите лозари“ не е ништо друго, туку укор на јудејскиот народ од страна на Господ Спасителот за неговата неблагодарност и расипаност поради што не Го примија како вистински Месија, туку како што ги примија и убија сите пророци пред Него, кои Господ им ги праќал. Но затоа сите тие умреле со злобна смрт во времето кога римскиот цар Тит го разурнал Ерусалим, а вистинската казна ги очекува пред Божјиот суд. Народот се растури по светот и остана без својата држава и свој владетел и тоа како одвратно племе. Ова е страшна и тешка казна, но тежок е и гревот на неблагодарноста кон пријателот, а колку тој е уште потежок кон Бога, и затоа ќе зборуваме за гревот на неблагодарноста.
Луѓето стануваат неблагодарни кон своите добротвори на три начини: 1) кога не се грижат со добри дела да им се оддолжат на својот добротвор за стореното добро; 2) кога заборавајќи на направеното добродетелство, ни со зборови не сакаат на својот добротвор да му покажат дека се благодарни и 3) кога на својот добротвор му враќаат со зло. Значи неблагодарните луѓе можеме да ги поделиме во три реда, а овие третите се најлоши, а во тој ред можеме да ги сместиме и неблагодарните Јудејци на кои Бог толку добродетелства им направил што речиси целиот Стар завет и говори за добродетелствата Божји кон нив, а тие не само што често пати од Бога отстапувале и паѓале во идолопоклонство, туку на крај и самиот Син Божји го убија со најсрамната и најтешката смрт на крст и на тој начин не на човекот, туку на Бога со зло Му вратиле неверувајќи во божеството на Неговиот Син.
Но зарем и денеска нема луѓе кои не веруваат како и јудејските фарисеи и книжници и за кои апостол Пвле вели: „Би сакале да бидат учители на Законот, иако не го разбираат ни она што го зборуваат, ни она што го тврдат упорно“, (1 Тим. 1, 7) и така го одрекуваат воскресението на мртвите и се што се однесува на верата тие исмеваат. Кога човек ќе ги запраша зошто го напаѓаат христијанството, тие велат затоа што сакаат да ги просветат луѓето? Но какво просветување тие добиле од нивното неверие, тоа убаво се гледа во нивниот живот и нивниот карактер. Тие, како лукавиот, ветуваат слобода и еднаквост, а покоруваат други под своја власт, а гледаат самите себе што повеќе да се наградат. Просветувањето кои тие го дале на луѓето убаво се гледа во потоците и реките од човечка крв која се пролева по светот! Се гледа во тоа што другите ги поттикнуваат на зло и против законските власти и со тоа ги уништуваат сиромашните. Но бидејќи нивното учење му годи на телото и неговите страсти, а го убива духот и ја умртвува свеста, затоа тоа лесно се разнесува и умножува, но тешко се лечи и уништува.
Неверениците и фалбаџиите од нашето време може се управуваат само според своите чувства, но треба да се знае дека таквото управување со себе е под човечкото достоинство. Човекот има разум и без неговото паметно одобрение не би требало ништо да работи, зошто инаку изгледа како кога ќовек работи само со една рака, а Бог му дал две за работа. Паметниот човек во секоја своја работа донесува заклучок според разумот, а не според чувствата.
Ако некој сака да верува во боженствената на содржината на нашите црковни книги, тој треба да ни докаже дека пророците и апостолите биле луѓе непобожни и расипани и како такви се осудиле да кажат за заборовите на својата расипаност: „ова го кажа Господ Бог“ или „ова го заповеда Господ Бог“. Но никој не може да има доказ за расипаност на богодуховните пистале на Светото Писмо, а ние со нивниот живот, работа и дела можеме да посведочиме дека биле побожни, искрени, праведни и украсени со секоја доблест, а од таму призлегува дека таквите луѓе не можеле подло, лукаво и како измамници да работат. Второ, требало да се докаже и тоа како тие луѓе, пророците, толку години пред Христовото доаѓање, можеле да прореќат се она што ќе се случи со Него?
Пророкот Даниел го предвидел мошне точно времето кога Христос ќе се јави на земјатаде. Пророкот Исаија пророкува за христа како со него заедно да живеел и се со своите очи видел иако живеел 800 години пред Спасителот. Пророкот Еремија мошне точно пророкува за тоа како Ирод, барајќи Го Христа, ќе убие толку многу младенчиња. Пророкот Захариј јасно кажува како Спасителот ќе влезе во Ерусалим во недела пред своето страдање. Пророкот Давид точно говори како за Христовиот живот, така и за сите страдања, воскресението и вознесението и на крај, не само Евангелската историја, туку и многу идолопоклонички записи не уверуваат дека не само ова, туку и се друго што пророците предвидувале најточно се исполнило.
Нека неверниците ни кажат според кој природен закон, или по каква човечка сила можеа пророците целиот Христов живот да го предвидат и тоа неколку стотици години пред Неговото доаѓање? Ако мислат дека пророштвата се измислени од христијаните, тогаш нека на тоа им одговорат Евреите, тие непријатели на Христа и христијанството. Ако некој мисли дека евангелистите ги напишале своите Евангелија управувајќи се според она што пророците предвиделе, а не според она што се случувало за време на Христа, тогаш нека не забораваат дека тие проповедале и пишувале и во Ерусалим самите Јудејци, кои Спасителот го гледале и слушале и кои го знаат целиот Негов живот многу добро, и затоа не можеле ништо друго да проповедаат, ниту да пишуваат, освен она што тие луѓе слушале и гледале и што многу добро како Христови современици, им било познато. Нека помисли секој оној кој се сомнева или не верува, дали тој би се согласил, за некоја лага која ја измислил, да претрпи толку прогони и мачења, па и маченичка смрт, а апостолите сето тоа го претрпеле зошто знаеле дека за вистината е природно човек да трпи за да ја сочува. Што да кажат оние кои се сомневаат или не веруваат во христовото воскресение кога 12 апостоли, 70 ученици и 500 христијански браќа, сите современици на Христа, едногласно исповедуваат и признаваат дека христос Го виделе и после неговото воскресение од мртвите и се спремни таа вистина со својот живот да ја посведочат.
Спасителот рече: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот Кој Ме испрати“ (Јн. 6, 44). Значи, ако неверниците, оддалечувајќи се од своите страсти кои го помрачуваат нивниот разум, станат хеам на благодатта Божја, Бог нема да ги остави, зошто Он не ја сака смртта на грешникот, туку со својата боженствена благодат ќе ги обрати на патот на верата и спасението, но ако тоа тие не го сакаат, Бог на никого не сака да му ја ограничи слободната волја и со сила да ги спасува. А ние, затворајќи ги ушите од зборовите на неверникот, ги избегнуваме нивните замки зошто и Словото Божје не учи говорејќи: „Блазе си му на оној човек кој не оди на собир на неверници и на патот на грешникот не стои, како и во друштво на непослушни луѓе не седи“. Амин.
администрација на МВПЦ

This entry was posted in Uncategorized. Bookmark the permalink.

Comments are closed.