ТОЛКУВАЊЕ НА ЕВАНГЕЛИЕТО ВО ПЕТНАЕСЕТА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ

9064
Мат. зач. 92. гл. 22. ст. 35-46
Ова Евангелие говори (од 35-40) за некој законик кој дошол кај Спасителот со прашање:„ која исповед во законот е најголема“? Но токму пред овој законик доаѓале кај Спасителот Садукеите за да го прашаат: „На кого ќе припадне онаа жена на оној свет, која на земјата заради тоа што немала пород, била жена на повеќе браќа?“ А кога Спасителот со својот одоговор ги засрамил, тие го пропуштаат овој законик со неговото прашање со цел некако да го фатат Христа во било каква грешка против Мојсеевиот закон и да го обвинат. Но, истото Евангелие говори (од 40-46) и за односот на Христа кон Давид и обратно.
-„Во она време еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го: ”Учителе, која е најголемата заповед во Законот?”
Овој законик евангелистот Марко го нарекува книжник, т.е. учен човек, кој е добар познавач на Мојсеевиот закон. Знаејќи дека пред овој законик при Спасителот доаѓале Садукеи и фарисеи, се уверуваме дека Христовите непријатели доаѓале еден по друг за да Го искушуваат и да се расправаат со Него за своите начела, а се со цел некако да го обвинат. Така Иродијаните Го искушувале и му поставувале политички прашања, Садукеите му поставувале филозофски прашања, а фарисеите за вероисповедта. – Законикот му го поставува горенаведеното прашање за заповедта во случај Тој да не одговори нешто против начелата на тогашните секти, или нешто случајно каже за себе дека е Бог и додаде некоја заповед и за обожување на самиот себе, а со тоа самиот себеси да се покаже како богохулник.
Јудејците ги делеле сите законски заповеди на големи и мали. Така некои како големи ги сметале оние заповеди кои говорат за воздржувањето и чистотата, затоа и мислеле дека Спасителот ќе одговори против било кое од спомнатите мислења.
-„А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!” Тоа е најголемата и прва заповед“
Од овие зборови на Спасителот се учиме дека сме должни Бога да го љубиме совршено и непрестајно; а оваа заповед е прва и најголема затоа што од неа произлегуваат и сите останати доблести.
-„А втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!”
Вистина, во Светото Писмо нема заповед која на човекот би му наложувала да се љуби себеси, но на љубовта кон себе го упатува човека и самата природа зошто таа љубов е кај секој човек вродена. Секој човек е должен да го љуби својот ближен, т.е. да го љуби секој човек и тоа: 1) не како што се љуби себеси, туку како што е должен да се љуби себеси, зошто алкохоличарите и развратниците воопшто не се сакаат себеси поради своето однесување кое само ги оддалечува од Бога, а должност е да му се приближува и да биде свет како што е Тој; и 2) слободно и со потполна готовност искрено и без никаква итрина и задна цел, нежно и постојано. А има и прилики кога човекот е должен да го љуби својот ближен и повеќе од себеси, па дури и да го жртвува својот живот за него како и татковината и црквата, а според примерот на Христос Спасителот, Неговите Апостоли и христијанските маченици.
Спасителот многу добро знаел за лукавството на книжниците и фарисеите и нивната омраза кон Него, зошто да не го мразеле, не би го ни искушувале, а уште помалку би Му посакувале мачење и смрт, и затоа ја додава и втората заповед за љубовта кон ближниот. А ја нарекува голема, како и првата, затоа што оној кој не го љуби ближниот свој како себе, тој не Го љуби ни Бога и ја нарушува Божјата заповед. Според тоа оваа заповед е втора, но не само по ред во кој се наоѓа во законот, туку и според силата и важноста.
-„На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.”
Во љубовта кон Бога и ближниот се наоѓа целиот Мојсеев закон и се што е наредено преку пророците. За овој ист предмет зборува и Спасителот многу јасно во 7-та глава во Евангелието по Матеј, но кај евангелистот Марко во 12-та глава се зборува за истото но поопширно, зошто кај него законикот – искушувачот – е и пофален. Тој навистина доаѓа како искушувач испратен од фарисеите, но кога го слушнал одговорот го усвоил, го променил своето мислење и признал дека Спасителот има право и затоа Господ му вели дека не е далеку од Царството Божје.
-„ А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша: ”Што мислите за Христа? Чиј Син е?” Му рекоа: „Давидов.”
Бидејќи ги засрамил своите противници, Спасителот сега се обраќа на фарисеите и ги прашува што тие мислат за Христос за кого пророците прорекувале и кого тие самите Го очекуваат? Знаејќи ги нивните лукавства и лоши намери, Спасителот сега зборува за Своето Божество, но сепак не директно иако со својот сопствен одговор им покажува дека Тој е Господ и Бог. – Спомнатото прашање: „Чиј син е Христос?“ не е со намера Спасителот да ги искушува противниците, туку да ги поучи своите ученици, да ги засрами своите противници и да ја покаже причината на нивните софистички прашања кои јасно посведочија дека противниците не ги знаат духот и смислата на пророштвото за Месијата. Зошто кога фарисеите одговориле дека Христос е син- потомок на Давид и наследник на неговото царство сметале дека Давид е поголем од Христа кој му е наследник. Меѓутоа Спасителот со тоа покажува дека е Син Човечки заради откупување на човекот, но и Господар Давидов зошто е Син Божји и Бог.
-„Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи: ’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’? И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?”
Ова пророштво го кажал Давид по вдахновение на Светиот Дух, зошто според сведоштвото на Светото Писмо, никогаш пророштво не се случило од човечка волја, туку научени од Светиот Дух говореле светите Божји луѓе. Спасителот го навел ова Давидово пророштво во оваа прилика како доказ на своето вистинско Божество.
-„И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.“
Противниците не можеле ништо да му одговорат на Господа зошто имале многу зли срца, а како второ, многу погрешно го толкувале пророштвото за Месијата очекувајќи тој на земјата да биде земски цар и да ги исполни нивните световни желби.
Од ова Евангелие гледаме дека Христовите противници иако меѓу себе биле непријатели, сепак знаеле да се здружат кога сакале да го нападнат Господ. Меѓутоа при нивното напаѓање не гледаме да доаѓаат слободно и со убедување, туку плашливо и лукаво искушувајќи со помош на софизми. Но, вистината не може да се сокрие зошто не се плаши од светлината бидејќи и таа самата е светлина која се повеќе се покажува. Заради тоа и срцето на попростите христијани не треба да се плаши од научните зборови на некои софисти кои на христијанството викаат, зошто христијанството е чиста и жива вистина која во светот се остварува, која го препородила светот со напредок и среќа и која го воздигнува човека до небото и повторно го врќа таму од каде што паднал и така го прави вистински среќен како на земјата, така и горе на небото, како во неговото човечко достоинство, така и во душевната возвишеност.
БЕСЕДА ВО ПЕТНАЕСЕТА НЕДЕЛА ПО ДУХОВИ
„Љуби го твојот ближен како себеси“

Една и иста Божја заповед ни наложува и љубов кон самите себе и љубов кон ближниот зошто сите луѓе, без исклучок, се украсени со една и иста разумна природа и сите луѓе ги краси едно и исто високо достоинство, кое бара љубов и почитување, зошто сите луѓе, без исклучок, се создадени по ликот Божји. Заради ваквата еднаквост меѓу луѓето ние се уверуваме дека љубовта кон ближниот треба да е општа и да се простира на сите луѓе без исклучок и без разлика на народноста и верата, па и на нашите непријатели и тешки грешници. Според науката на Словото Божје ние сме должни да разликуваме лошо дело од страна на луѓето и до каде лошото и зло дело треба да се презира, човекот треба да го љубиме и да го сожалуваме со тоа што никогаш нема да му вратиме зло за зло, туку како што апостолот не учи „грижејќи се за доброто меѓу вас и живеејќи во мир со сите“.
Вистинскиот христијанин е должен да го следи примерот на Господ Исус Христос Кој ги љуби сите грешници, Кој се молеше на Бога и за оние што Го распнаа на крст, Кој правел добро и на оние кои Го мачеле и Му се потсмевале. Вистинскиот христијанин е должен да се угледа на својот небесен Отец „Кој со своето сонце ги осветлува и лошите и добрите и Кој дава дожд и на праведните и неправедните“ (Мт. 5, 45).
Нашата љубов кон ближниот ние можеме да ја покажеме и да ја посведочиме грижејќи се за душата, телото и надворешната благосостојба на нашиот ближен. Вистината е храна и светлина на душата, па затоа не треба ова богатство да го криеме и оддалечуваме од душата на нашиот ближен и не треба никогаш да го мамиме кажувајќи му лага, наместо вистина. Но, освен тоа нашата света должност е кога ќе видиме дека нашиот ближен е во измама и дека во нешто се лаже, ние треба да се потрудиме да го информираме и да го изведеме на патот на вистината и должноста, а наградата за тоа човечко дело ќе ни даде праведното небо, како што тоа и Светото Писмо ни го ветува велејќи: „Браќа мои, ако некој се отклони од вистината, и некој го го поврати, нека знае дека оној, кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво на гревови.“(Јак. 5, 19-20). И по овие зборови на Словото Божје ние сме должни да даваме на другиот братски совети, но секогаш вистинити и искрени со христијанска смиреност сеќавајќи се дека и ние како луѓе можеме да паднеме во истиот грев и нам тогаш ќе ни треба помош од нашиот брат. Човекот никогаш не треба да мисли дека е најдобар и најсилен, зошто се што е човечко тоа е несигурно и непостојано. Кога човекот има власт и должност да казни грешник, тој во таа прилика не треба да заборава на смиреноста, благоста и човекољубието, зошто само така работејќи ќе го увери виновникот дека не му е непријател и злотвор, туку татко и добротвор. Човекот исто така треба да се грижи никогаш и никого да не го измами ниту со зборови ниту со дела, а не треба да покажува ниту лоши примери, зошто Спасителот ни вели: „А кој наведува на грев едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси мелнички камен на вратот, и да потоне во морската длабочина.“ (Мт. 18, 6). Ако некој ослабел во вера и се оддалечил, должни сме да потпомогнеме со вера во Бога и надеж на преблагиот Отец небесен и неговото срце да го загрееме и оживиме со топли и спасителни евангелски вистини. Како што сме должни да се грижиме за душите на нашите ближни, исто така сме должни да се грижиме и за неговото тело. Како што ние оддалечуваме од нас секоја опасност која би можела да ни наштети на нашиот живот исто така сме должни истото да го правиме на другите. Заради тоа се молиме на Бога да не чува од убиства и крвопролевања, но затоа и човекот треба да ги избегнува сите оние околности и причини кои може да го наведат на тежок и смртен грев. Треба секој да избегнува караници и расправии, злоба, омраза и лутина, зошто не е само оној човек убиец кој го убил својот брат, туку и оној кој го мрази својот брат, а ова ни го посведочува Светото Писмо кога вели: „Секој, кој го мрази својот брат, е човекоубиец, а знаете дека во ниеден човекоубиец не пребива вечен живот“. (1.Јованово, 3, 15), зошто својството и расположението на онаа душа која го мрази својот брат е онакво какво и душата на еден убиец. Бог се гнаси од онаа душа која го мрази својот брат и ќе го казни како братоубиец. Затоа да избегнуваме се она што може да наштети не само на животот, туку и на здравјето на нашиот ближен. Да избегнуваме пцости, зошто и тие Го омаловажуваат светото име на Бога. Да ги избегнуваме и навредливите зборови зошто тие го омаловажуваат достоинството и гордоста на човекот. Да го избегнуваме немилосрдието кон секој, ососбено кон сиромашните и несреќните, зошто немилосрдието не наликува на човекот и е тежок грев пред Бога Кој грешниот човек постојано го опсипува со дарови поради милосрдието на Отецот. Вистинскиот христијанин прави добро каде може и на секого му простува и затоа е вистински христијанин, по зборовите на Словото Божје:; „Љубовта долго трпи, љубовта е милостива, лубовта не завидува, не се фали, не се вообразува“. Добриот христијанин никогаш не е мрзелив на својот брат да му помогне во болест, да го харани кога е гладен, да го напои кога е жеден, да го облече кога е гол, да го посети кога е болен или пак е во несреќа, и е спремен за ближниот да го жртвува и својот живот. Затоа нека биде благословен оној христијанин кој во својот живот тука на земјата ги прави оние доблести кои праведниот Бог Спасител на страшниот суд ќе ги изнесе на јавност говорејќи: „Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот! Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте; бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.“(Мт. 25, 34-36).
И после сето ова да се сетиме на зборовите на Божјиот Апостол кој вели вака: „Ве молиме браќа, поучувајте ги неуредните, утешувајте ги малодушните, бранете ги слабите, трпете го секого. Гледајте да не враќате зло за зло, туку секогаш бидете добри и меѓу себе и кон сите. Радувајте се секогаш. Молете се на Бога и на се бидете благодарни зошто ова е волја Божја во Исуса Христа“ на Кого нека е чест и слава во сите векови. Амин.
+++Јован-Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.