МОЛИТВЕНО ПОКЛОНУВАЊЕ НА ПРЕСВЕТАТА ВЛАДИЧИЦА БОГОРОДИЦА

Свети отец Димитриј Ростовски
Дојдете да се поклониме пред Царицата наша, Богородица.
Дојдете да се поклониме пред Дева Марија, Царицата наша, Богородица.
Дојдете да се поклониме и да припаднеме кон самата Владичица наша, Богородица и Присно-Дева (секогаш Дева) Марија.
1. Се поклонувам, Пресвета Владичице моја, Богородице, пред Твоето Свето зачнување, од Светите Твои родители Јоаким и Ана и Те молам, светлино моја, раководи ме по патеката на Господовите заповеди, за да можам секогаш да водам непорочен живот и така да го наследам царството Божје.
2. Се поклонувам на Твоето Свето раѓање, кое, како што пее Светата Црква, било радосно претскажување за доаѓањето на Спасителот на светот на земјата, нашиот Господ Исус Христос. Надеж на безнадежните, Помошничке на беспомошните и Застапничке на сите грешници, кои Тебе со топла вера и љубов Ти се обраќаат; и те молам, светлино моја, биди мое секогашно радување во овој и идниот – бесконечен – век.
3. Се поклонувам на Твоето свето Воведение, о, Пресвета Мајко Божја, кога на три годишна возраст беше одведена во храмот Божји, каде си растела под раководство на ангелите и Ти се молам, светлино моја, направи ме и мене храм на Светиот Дух со Твоето раководство.
4. Се поклонувам на Твоето свето Благовештение, о Пречиста Дево, кога по архангелскиот глас и осветувањето на Пресветиот Дух Божји, Го зачна Синот и Словото Божје и Ти се молам, светлино моја, благовести го и на мене немоќниот радосното спасение.
5. Се поклонувам пред светото Твое Раѓање, о Пресвета Мајко Божја, кога го овоплоти и роди Спасителот на светот, нашиот Господ Христос и така стана Мајка на Бога и над секоја твар прославена и превознесена, како Владетелка на целиот свет; и Ти се молам светлино моја, биди кон мене милосрдна Мајка во овој и идниот – бесконечниот – век.
6. Се поклонувам пред светата понизност Твоја, заради кое си стоела со другите обични жени, кои од храмот Божји очекувале очистување. О, почесна од херувимите и неизмерно пославна од серафимите, Мајко на мојот Господ, Ти се молам, светлино моја, очисти ме од секоја нечистотија на телото и духот со светите Твои молитви.
7. Се поклонувам со стравопочитување пред Твоите душевни страдања кои ги претрпе во времето на страдањето на Синот Твој и нашиот Господ Исус Христос, кога врз Тебе се исполни пророштвото на праведниот Симеон: „И на Тебе нож ќе ја прободе душата за да се откријат мислите на многу срца“ и Ти се молам, светлино моја, избави ме и мене од сите напасти душевни и телесни кои од сите страни ме опколуваат.
8. Се поклонувам пред Тебе, Пресвета Владичице моја, Богородице, сеќавајќи се на радоста Твоја која ја чувствуваше во времето на Воскресението на Твојот Син и Спасител наш, Исус Христос и Ти се молам светлино моја: не ме лишувај од вечната радост во Царството небесно.
9. Се поклонувам на чесното и славното Твое Успение кога по примерот на Твојот Син и Бог наш, со смртта и тридневното погребување, се пресели во вечното царство на Твојот Син, нашиот Господ Исус Христос и Ти се молам, светлино моја, умртви ги сите страсти на мојата душа и моето тело.
МОЛИТВА
Пресвета Владичице моја Богородице, прими го ова мое мало молење, составено од девет стихови и принеси го пред Твојот Син и Бог наш и моли Му се да ги просветли, заради Тебе, нашите души. Гледајќи во светата икона Твоја како и на Твојот лик, се поклонувам со срдечна вера и љубов пред Тебе и Твојот Боженствен Младенец, Кого Го држиш во рацете свои и Ти се молам со солзи: заштити ме со Твојот свет покров од сите непријатели мои, видливи и невидливи, зошто Ти го воведуваш човечкиот род во Царството небесно. Амин.

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.