МОЛИТВЕНО ПОКЛОНУВАЊЕ НА ПРЕСВЕТАТА ВЛАДИЧИЦА БОГОРОДИЦА

index
МОЛИТВА НА СВЕТИОТ ЕФРЕМ СИРИН
За смирување на совеста од внатрешен немир
Владико Господи, Боже на небото и земјата, смилувај се на мене кој Ти се моли со измачена душа, отвори ми ја вратата на покајанието.
Погледни кон мене по Твојата добрина, обрати го увото Твое кон молитвите мои и прости ми ги сите мои вини кои ги направив многупати пред Тебе, победен од злобната волја своја. Барам олеснување на душата своја и не наоѓам, затоа што мојата свест е извалкана; и нема во мене мир заради многубројните безаконија мои.
Услиши го, Господи, срцето мое кое вика кон Тебе со болка. Не гледај на моите дела, но слушај ги моите болни воздишки и побрзај да ме излечиш мене изобличениот од многуте гревови. Дарувај ми да дојдам при Тебе по благодатта на човекољубието Твое.
Повикај ме, Владетелу, мене заробениот во ланци на моите зли дела, зошто Ти единствен знаеш да ги разврзиш врските мои и да ги исцелиш невидливите рани мои зошто сето тоа е познато на Тебе единствен Кој гледаш и тајни.
Подади ја кон мене раката своја, Господи, и извади ме од калта на безаконијата мои, Ти, Кој не се радуваш на погибелта на човекот, не го завртуваш лицето свое од оние кои Те повикуваат со солзи. Услиши го Господи, гласот на слугата свој, кој извикува кон Тебе, осветли ме мене помрачениот со светлината на Твоето лице, просветли ме со доаѓањето на Твојот Свет Дух.
Дарувај ми Господи, ревност за се она што е угодно пред Тебе и обрати ги моите маки во моја радост.
Симни го од мене товарот и препаши ме со веселие. Отвори ја и за мене вратата на царството Твое и влегувајќи во него да го прославам пресветото име Твое – на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Благ човекољубец, примајќи две лепти и фалејќи ја ревноста на онаа вдовица, прими ја молбата на слугата Твој, зголеми ја молитвата моја и дарувај ми она за што те молам: да се направам храм на благодатта Твоја, таа да се всели во мене и самата да ме научи како да Ти угодувам. Како со узда да го врзе мојот ум за да не погрешам пред Тебе заскитувајќи за да не бидат истиснат од Твојата светлина.
Слушни Господи, слушни ја молбата моја и дарувај ми јас нечистиот, безумниот, да станам мудар, непотребниот да станам потребен во избраното стадо. Твоите подвижници и сите светии кои Ти угодија и беа примени во царството Твое, веселејќи се во рајот, сами ме застапуваат мене, се молат на Тебе, единствениот човекољубец и Ти слушни ја молитвата нивна. А јас преку нив ќе Те славам затоа што си ја услишил нивната молитва и си се смилувал на мене – не ја презре молбата моја.
Господи, Ти си кажал преку Твојот пророк: „Отвори ја устата твоја и јас ќе ја исполнам“. Еве, отворени се и срцето и устата на слугата Твој, исполни ги со благодатта Твоја за непрестајно да Те благословувам, Христе Боже, Спасителе мој.
Мојата молитва не е силна, а моите безаконија се големи. Гревовите ме притискаат и совеста моја ме осудува; а Ти си богат и благ, милосрден и добар.
Ти Кој на морињата им постави меѓа со зборот на Твојата заповед, постави меѓа во срцето мое со благодатта Твоја, за тоа да не се заврти ни лево ни десно од убавината Твоја. Ти, кој им даде вода во пустината на народот непокорен и нетрпелив, дарувај ми каење, а во очите мои солзи за да плачам ден и ноќ, низ целиот мој живот во понизност со љубов и чисто срце. Слушни ја Господи молитвата на слугата Твој по застапништвото на сите Твои светии.
Господи Боже мој! Ја фалам и славословам неискажливата слава Твоја и Твоето неизмерно величество, Ти благодарам што по Твојата благост ми даде битие и ме удостои да бидам учесник на спасоносните добра на воплотениот Твој домострој. Повеќе пати ме избавуваше, дури и мене самиот од непознати беди кои ми се закануваа и од рацете на невидливи непријатели мои. Признавам пред Тебе дека безброј пати ја газев својата совест и без страв ги престапував светите Твои заповеди, покажувајќи се неблагодарен кон толкуте добродетелства Твои. Но Боже мој, многумилостив, нека оваа моја неблагодарност не ја победи благоста Твоја. Презри ги моите гревови, погледни на солзите на жалостите мои и по Твојата голема милост сега помогни ми, дај ми што е потребно за спасението мое и целиот живот мој исправи го на угодување кон Тебе за и јас недостојниот да Го славам светото име Твое.
Ти Господи Исусе Христе, Боже мој, Кој погледнуваш на тварта Твоја, Ти на Кого се познати страстите мои и немоќта на природата наша и моќта на непријателот наш, Ти самиот заштити ме од неговата злоба зошто неговата сила е моќна, а нашата природа е бедна; затоа Ти благи, Кој ја знаеш немоќта наша и Кој го зема товарот наш, сочувај ме од лоши помисли и од страсти, направи ме достоен за оваа света служба, за со своите страсти да не ја уништам нејзината сладост и пред Тебе да не се покажам без срам и дрзок.
МОЛИТВА НА СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН
Против ѓаволските лукавства и тајните мрежи на гревот
Повторно одам по стапките на Владиката мој, просејќи, молејќи, поклонувајќи се и со страв повикувајќи: послушај ги Владико, воздивнувањата мои и прими ги зборовите од молитвата моја која ја принесувам пред Тебе јас засрамениот грешник. Излиј врз мене, клетникот, по Твојата милост, барем мала капка од благодатта на вразумувањето и покајанието за во мене да се роди малку ревност за исправување на самиот себе.
Зошто ако благодатта Твоја не ја просвети душата моја, нема да бидам во состојба да ги увидам во својата душа повредите и пустошот произведени од страстите заради мојата небрежност и духовна мрзеливост.
Тешко мене, гревот господари над мене, наоѓајќи во мене плодна нива и од ден во ден ме влече во мрачната длабочина на злото. А јас отежнатиот во срцето, не престанувам да Го гневам својот Бог, не чувствувајќи страв од вечниот оган, ниту тресејќи се од вечните маки. Гревот, претворајќи се во навика, ме влече во потполна погибел. Иако себе често се избобличувам и не престанувам да принесувам каење и признавање на својата грешност, сепак постојано паѓам во грев. Се обидувам да стражарам над себе, но сепак не забележувам како паѓам во грев зошто и во самото покајание грешам, не внесувајќи се доволно во разликувањето на се она што се случува околу мојата душа. Како слуга на гревот и против својата волја правам она што не треба, како војник војувам под власта на гревот, му се потчинувам иако би сакал да бегам и плаќам данок царувајќи во мене со гревовната навика. Секогаш наклонет кон страстите го исплаќам долгот на телото, јасно знам од што се разбранува смрдеата гревовна во мене, но сепак слепо му помагам, влечен со некоја тајна сила, би сакал некаде да побегнам, но како куче на ланец, повторно таму се враќам. Некогаш чувствувам омраза кон гревот и одвратност кон безаконието, но и понатаму останувам роб на страстите. Владеејќи над мене несреќниот тие со сласта гревовна ме влечат во јамата на гревот. Страста ја потчинила мојата слободна волја и постојано ме тера на грев, во мене вријат страстите, спротивно на мојот ум: тие сраснале со телото мое и не сакаат да се одвојат, ја напрегнувам својата слободна волја за да се спротивставам на гревовната сласт, но таа цврсто се вкоренила во мене, а јас чувствувам дека немам сила да ја искоренам. Се трудам да ја ослободам својата душа од гревовниот долг, но лошиот заемодавец одеднаш ме вовлекува во уште подлабок долг. Ако преземам напори себеси некако да се присилам на спротивставување на страстите, непријателот одеднаш во мене сее нови страсти убедувајчи ме со тоа да се помирам и дека не можам да бидам подобар и брзо во мене сее нови и нови гревовни мисли и сласти, а од нив да не можам со исповест да се избавам, прави да заборавам и ги крие од мене моите гревовни рани.
Сите страсти повторно се појавуваат во мене и обземен од нив брзо ги заборавам претходните, брзо се здружувам со новите и потпаѓам под нивна власт – јас кој пред малку се трудев да се ослободам од нечистите страсти и во еден миг, во ужасна самоизмама, повторно сам трчам по нив.
О, каква власт имаат над човекот гревовните страсти, о како е сокриена власта на лукавиот. Убедливо ми шепнува дека треба да му угодувам на телото, под изговор дека тоа ќе биде поспособно за служба на душата и јас, послушувајќи го сластољубив совет, во тој момент се предавам на сонот, оддалечувајќи се од службата на душата; кога се молам со мислите, ми спомнува за било каква ништожност, задоволство и со него, како некој оков, го држи мојот слаб ум и не ја попушта таа врска иако мојот ум настојува да се отргне. Амин.
+++Јован-Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.