ПОКАЈНИОТ КАНОН КОН НАШИОТ ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС

index
ПЕСНА 1, ГЛАС 6
Ирмос: Како по суво газеше Израил по дното на морето и гледајќи го фараонот – гонител како се дави, извикуваше: победна песна да Му пееме на Бога!
Помилуј ме, Боже, помилуј ме!
Јас грешниот и преоптоварен излегувам сега пред Тебе, мојот Владика и Бог. Но не смеам да погледнам кон небото, туку само се молам говорејќи: Господи, дај ми расположение горко да плачам за своите гревови!
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Тешко на мене грешниот, моето срце е потешко од сите луѓе, зошто во мене нема покајание! Господи, дај ми солзи горко да ги оплакувам своите гревови.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Безумен беден човеку, го губиш своето време во мрзливост! Помисли на својот изминат живот и обрни се кон Господа Бога и горко оплакувај ги своите грешни дела.
И сега и секогаш и во вечни векови, Амин!
Пречиста Мајко Божја, погледни кон мене, грешниот, и од замката на ѓаволот избави ме и на патот на покајанието упати ме, горко да ги опплакувам своите грешни дела.
ПЕСНА 3
Ирмос: Нема свет како што си Ти, Господи Боже мој, Кој си ги прославил своите верници, Благи, и ги утврдуваш врз каменот на Твојата вера.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Кога ќе бидат поставени престолите на Страшниот суд, тогаш ќе се испитаат делата на сите луѓе: тогаш тешко ќе биде на грешниците кога ќе бидат испратени на вечни маки. И знаејќи го ова, душо моја, покај се за своите зли дела.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Праведниците ќе се зарадуваат, а грешниците горко ќе заплакаат. Тогаш никој нема да може да ни помогне, туку нашите дела ќе не осудат. Затоа пред смртта покај се за своите зли дела.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Тешко на мене, многугрешниот, кој се извалкав со дела и мисли, ни капка солза немам поради душевната скаменетост. Отргни се од земните мисли, о душо моја, и покај се за своите зли дела.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Ете не повикува, Пресвета Богородице, Синот Твој и не поучува на добро. А јас грешниот, секогаш бегам од доброто, но Ти, Милостива, смилувај ми се и помогни ми за злите дела мои да се покајам.
ПЕСНА 4
Ирмос: Христос е моја сила, Бог и Господ, чесната Црква свечено пее и ликува; со чист ум, во Господа празнувајќи.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
По широк пат тука на земјата одат сите зошто е угодно во сласти да се живее, но горко ќе биде во последниот ден кога душата ќе се одвојува од телото. Чувај се од сето тоа, о грешен човеку, заради Царството Божјо.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Зошто сиромашниот го презираш, платата на наемникот ја задржуваш, својот ближен не го љубиш, со блуд и гордост себе се валкаш? Престани со сето тоа, о душо моја, и покај се заради Царството Божјо.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
О, безумен човеку, до кога ќе собираш како пчела богатство земно; наскоро сето тоа ќе пропадне како прав и пепел; туку со солзи барај го Царството Небесно.
И сега и секогаш и во вечни векови.Амин!
Пресвета Богородице, смилувај се на мене грешниот и во добри дела укрепи ме и сочувај ме ненадејната смрт да не ме зграби неподготвен, но одведи ме, Дево, во Царството Божјо.
ПЕСНА 5
Ирмос: Ти се молам, Благи, со Својата Божја светлина озари ги душите на оние кои со љубов Ти порануваат, за да Те познаат, Слове Божји, Тебе вистинскиот Бог, Кој ги повикува од мракот на гревот.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Сети се, беден човеку, како заради гревовите си потчинет на лагите, клеветите и лутиот блуден грев; душо моја грешна, како на сето тоа во ропство си се предала.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Треперат моите сетила, зошто со помош на сите согрешив: со очите гледајќи, со ушите слушајќи, со јазикот зло говорејќи, целиот себеси на пеколот се предадов. Душо моја грешна, тоа ли го сакаше?
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Блудникот и рабојникот, кои се покајаа, Спасителе мој, ги прими, а единствено јас натежнав од гревовната мрзливост и постанав роб на злите дела. Душо моја грешна, колку на сето тоа се предаде.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Мајко Божја, прекрасна и брза помошничке на сите луѓе, помогни и на мене недостојниот, зошто мојата грешна душа кон Тебе за милост повикува.
ПЕСНА 6
Ирмос: Гледајќи го морето на животот, разбранувано од бурни опасности, доаѓам до Твоето тивко пристаниште и извикувам: Многумилостив Боже, избави ја од напаст мојата душа!
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Животот на земјата блудно го поминав и душата во темнината ја предадов, а сега Те молам, Милостив Владико, ослободи ме од ова ѓаволско ропство и дај ми разум да ја творам волјата Твоја.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Кој прави вакви зла како мене? Како што свињата лежи во кал, така и јас му служам на гревот. Но, Ти, Господи, извлечи ме од оваа кал и дај ми срце да ја творам волјата Твоја.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Обрни се кон Бога, беден човеку, сеќавајќи се на своите согрешенија, плачејќи и воздивнувајќи кон својот Творец, а Он, како милосрден, ќе ти даде ум за да ја знаеш волјата Негова.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Богородице Дево, сочувај ме од видливото и невидливото зло; и прими ја молитвата моја и принеси ја на Синот Твој да ми дарува вразумување да ја творам волјата Негова.
КОНДАК
Душо моја, зошто ја твориш волјата на ѓаволот и се збогатуваш со гревови. Во што ја полагаш надежта кога ќе настапи крајот твој; прекрати со твоите зли дела и обрати се кон Бога со плач: милосрден Господи, смилувај се на мене грешниот.
ИКОС
Помисли душо моја, на горкиот смртен час и на страшниот суд на твојот Творец и Бог: страшните ангели ќе те земат и ќе те фрлат во вечен оган. Затоа, душо моја, покај се пред смртта извикувајќи: Господи, смилувај се на мене грешниот.
ПЕСНА 7
Ирмос: Ангелот ја ороси вжештената печка на преподобните момчиња, а мачителите ги натера да запеат: Благословен си Боже, на нашите татковци.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Не се надевај душо моја на трулежното богатство и на имотот со неправда собран: сето тоа не знаеш на кого ќе го оставиш, туку со покајание повикај кон Бога: смилувај се, Христе Боже, на мене недостојниот.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Не се надевај душо моја на телесното здравје и на брзоминливата убавина гледајќи како ненадејно умираат и млади и здрави, туку во покајание повикај кон Христа Бога: Боже смилувај се на мене недостојниот.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Сети се , душо моја, на вечниот живот, на Царството Небесно што е подготвено за светите; но помисли и на мрачната темнина на адот и гневот Божји подготвени за грешниците и обрати се на Бога со покајание: смилувај се на мене Христе Боже, недостојниот.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Припадни, душо моја, кон Божјата Мајка и измоли ја како брза помошничка, да Го измоли Синот свој, Христа Бога, да се смилува на мене недостојниот.
ПЕСНА 8
Ирмос: Со роса си ги оросил преподобните во пламенот и жртвата на праведникот со вода си ја запалил. Христе, се правиш што сакаш. Тебе Те прославувам во сите векови.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Како да не плачам кога ќе помислам на смртта и го гледам во гроб мојот брат каде лежи изобличен; што тогаш да чекам и на што да се надевам? Само дај ми Господи покајание пред смртта (двапати).
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Верувам, Господи, дека ќе дојдеш да им судиш на живите и мртвите, и сите ќе застанат во својот ред пред Тебе: старите и младите, владиците и владетелите, девиците и свештениците; а каде ли ќе биде моето место тогаш? Затоа Господи, Ти извикувам: дај ми, Господи, покајание пред смртта!
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Пречиста Богородице, прими ја мојата недостојна молитва и заштити ме од ненадејна смрт и дарувај ми покајание пред крајот на животот мој.
ПЕСНА 9
Ирмос: Луѓето не можат да Го видат Бога, а и чиновите ангелски не смеат да Го гледаат. Преку тебе Пречиста, им се јави на луѓето. Него величајќи Го, со небесните војски, Тебе Те славиме како блажена.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Сега прибегнувам кон вас ангели, архангели и сите небесни сили кои стоите крај престолот на Божјата слава, молете се на својот Творец и Бог да ја избави душата моја од вечните маки.
Помилуј ме Боже, помилуј ме!
Сега со плач ви се обраќам свети патријарси, цареви и пророци, апостоли и светители и сите Христови избраници, помогнете ми на Страшниот Божји суд да биде спасена мојата душа од демонската сила.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Ги кревам моите раце кон вас, свети маченици, пустиножители, девственици, праведници и сите светии кои се молите на Господа за целиот свет, молете Го да ме помилува во часот на мојата смрт.
И сега и секогаш и во вечни векови. Амин!
Мајко Божја, помогни ми, на Тебе се надева мојата душа, помоли Го Синот свој, Христос нашиот Бог, да ме постави и мене недостојниот од Својата десна страна кога ќе седне да им суди на живите и на мртвите. Амин!
МОЛИТВА
Владико, Христе Боже, Кој со своите страдања ги исцели страстите на мојата душа и со раните Свои ги исцели моите рани, подари ми, мене многугрешниот, солзи на покајание и умиление и укрепи го телото мое со дејството на животворната сила на Пречистото Тело Твое и наслади ја душата моја со Твојата Света Крв и исцели ме од смртоносниот јад, отровот гревовен со кој ме напои сатаната. Возвиши го мојот помрачен ум кој постојано е во земните мисли, кон Тебе Творецу и Спасителе мој, зошто во мене нема покајание, нема умиление, нема во мене утешителни солзи кои ги приведуваат грешните души преку покајание кон небесното наследство. Ми се помрачи умот и душата од земните грижи и не можам да го возвишам срцето свое кон Тебе, ниту да се загреам со синовска љубов кон Тебе од многуте невидливи врски гревовни. Но Владико, Господи Исусе Христе, извору на секое добро, дарувај ми и мене покајание вистинско и срце трудољубиво, за ревносно да се трудам да ја познам пресветата волја Твоја. Дарувај ми благодат Твоја и со неа обнови го во мене подобието Твое. Многупати Те оставив, Господи, вртејќи го срцето кон ништожноста земна, но Ти не ме оставај, многунилостив Господи. Обрати ме на покајание и придружи ме кон овците на Твоето избрано стадо, воспитај ме со нив и нахрани ме со сладоста на боженствените тајни Твои, по молитвите на Пресветата и Пречиста Мајка Твоја и сите светии Твои. Амин.
+++Јован-Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.