ГОСПОДОВАТА НАУКА ДО НАРОДИТЕ ПРЕКУ ДВАНАЕСЕТТЕ АПОСТОЛИ

12-apostoli1-650x394-680x365_c

1.Постојат два пата: едниот пат води кон животот, а другиот пат води кон смртта и разликата меѓу нив е голема. (Јерем. 21, 8); (5.Мојс. 30, 15-20); (Мат. 7, 13-14).
2.Патот кон животот е овој: прво „сакај Го Бога Кој те создал“, а второ „сакај го ближниот свој како самиот себе“.И „сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Мат. 22, 37-39; 7, 12).
3. Но, учењето на овие зборови лежи во ова: „Благословувајте ги оние што ве колнат и молете се за своите непријатели“, а постете за оние што ве гонат. Зошто „каква е ползата ако ги љубите оние кои вас ве љубат? Зарем така не прават незнабошците ? Туку вие треба да ги сакате оние што ве мразат“, и нема да имате непријатели (Мат. 5, 44-46).
4. Воздржувај се од телесни и световни желби. Ако некој „те удри по десниот образ, сврти му го другиот“ и ќе бидеш совршен. „Ако некој те потера една милја, оди со него две“. Ако некој „сака да ти ја земе горната облека, дај му ја и кошулата“. Ако некој земе од твоето, не барај го назад, бидејќи не ќе можеш да го вратиш (1. Петр. 2, 11); (Мат. 5, 39-41).
5. „на секој што ќе побара нешто од тебе, дај му и не барај назад. Зошто Отецот сака на сите да им дадеш од своите дарови. Блажен е оној кој дава, според заповедите, зошто тој е невин. Тешко на оној кој ќе земе. Ако некој зема затоа што има потреба, таквиот ќе биде невин; а ако зема оној што нема потреба, ќе биде суден зошто земал. Кога ќе биде притиснат, ќе биде испитуван за тоа што направил и „нема да излезе од таму додека не го врати и последната пара“ (Лук. 6, 20); (Дела 20, 35); (Мат. 5, 26).
6. Но и за ова давање е речено: „Нека се испоти милостината во твоите раце, додека не познаеш кому ќе ја дадеш“ (Мудр. Сир. 12, 1).
II
1. Втората запвед од оваа наука е:
2. „Не убивај, не прави прељуба“, децата не ги расипувај, не прави блуд, не кради, не гатај, не употребувај магии, не убивај дете кога ќе зачне, ниту,пак, не го погубувај кога ќе се роди (2. Мој. 20, 13-16).
3. „Не посакувај ништо што е на твојот ближен„, „не се заколнувај, не сведочи лажно“, не клевети, не биди злопамтив (3.Мој. 19, 12); (Мат. 5, 33).
4. Не биди двосмислен, ниту, пак, двојазичен, затоа што двојазичноста е стапиза на смртта (јак. 1, 8); (Изрек. 21, 6).
5.Твојот збор да не биде лажен, ниту празен, туку исполнет со дела.
6. Не биди лаком, ниту пак граблив, ниту лицемер, ниту злобен, ниту пак горд. Не смислувај лош совет на твојот ближен.
7. Не мрази ниеден човек, туку едни укорувај, за други моли се, а некои сакај ги повеќе од душата своја.
III
1. Сине мој, бегај од секое зло и од се слично.
2. Не биди гневлив, зошто гневот наведува на убиство; ниту завидлив, ниту избувлив, зошто од сето тоа се раѓаат убиства.
3. Сине мој, не биди похотлив, зошто похотата води кон блуд; ниту пак бесрамен во зборувањето и со очите, зошто од сето тоа се раѓаатпрељуби.
4. Сине мој, не претскажувај според летот на птиците, зошто тоа води кон идолопоклонство , ниту гаталец, ниту астролог, ниту лажен очистувач и немој тоа да го гледаш, зошто од сето тоа се раѓа идолопоклонство (5.Мојс. 18, 10); (Иса. 8, 7).
5. Сине мој, не биди лажливец, зошто лагата води кон кражба, ниту среброљубец, ниту славољубив, зошто од тоа се раѓаат кражби (2.Петр. 2, 10).
6. Сине мој, не биди незадоволник зошто тоа води кон хулење; ниту самонаметлив, ниту злоумен зошто од сето тоа се раѓаат хулења.
7. Туку биди кроток, зошто „кротките ќе ја наследат земјата“ (Мат. 5, 4).
8. Биди долготрпелив и милостив и незлобив и мирен и добар и секогаш имај страв зборовите Божји што си ги чул (Иса. 66, 2).
9. Не се превознесувај, ниту и давај на својата душа да биде дрска. Нека твојата душа не се дружи со високите на положба, туку нека се дружи со праведните и смирените.
10. Се што ќе ти се случи примај го како добро, знаејќи дека без Бога ништо не бива (Мат. 10, 29).
IV
1.Сине мој, спомнувај си и дење и ноќе за оној „што ти го говори Словото Божјо“ и почитувај го како Господ, зошто таму каде што се проповеда за Господа, таму е и Господ (Евр. 13, 7); (2. Петр. 2, 10).
2.Секојдневно барај ги лицата на светите за да најдеш спокојство во нивните зборови.
3. Не создавај раздор, туку скараните смири ги. Суди праведно и не гледај кој е кој кога некого треба да искараш поради престапи (5. Мојс. 1, 17).
4. Не двоуми се дали нешто ќе биде или не.
5. Немој да ги подаваш своите рацекога се прима, а за давање да ги стискаш (Мудр. Сир. 4, 31).
6. Ако имаш нешто да дадеш што со твои раце е заработено, дај за откуп на своите гревови (Изрек. 3, 27).
7. не се колебај да ддадеш, ниту кога ќе дадеш да жалиш, зошто ќе познаеш Кој е Добиот Наградувач.
8. Не го избегнувај оној кој е во немаштија; се што имаш подели со својот брат и немој да кажеш дека нешто е твоја сопственост. Зошто ако сте заедничари во бесмртното, колку ли повеќе сте во смртното (Мудр. Сир. 4, 5).
9. Не ја кревај раката своја од синот свој или од ќерќата своја, туку од младоста учи ги на страв Божји (Мудр. Сир. 18, 6).
10. Во лутина не заповедај им на својот слуга или слугинка, кои се надеваат на истиот Бог, за да не престанат да се плашат од вашиот заеднички Бог, зошто Он не доаѓа да повика гледајќи во лицата, туку во оние кои Светиот Дух ги подготвил (Ефес. 6, 9).
11. А вие, пак, слугите, потчинете се на своите господари како на слика Божја, со почитување и со страв (Ефес. 6, 5).
12. мрази го секое лицемерство и се што не Му годи на Господа (5. Мојс. 4, 2; 13, 1).
13. Не ги напуштај заповедите Господови, туку држи се до тоа што си го примил, де додавај, ниту пак одземај.
14. Во Црквата исповедај ги своите гревови и не пристапувај кон молитвата своја со нечиста совест (Јак. 5, 16).
Тоа е патот на животот.
V
V. 1. А патот кон смртта е овој:
Пред сe тој пат е зол и исполнет со проклетство. Зошто на него се: убиства, прељуби, похоти, блуд, кражби, идолопоклонства, магии, гатање, лажни сведоштва, лицемерија, дводушност, лукавства, гордост, злоба, самоволие, дрскост, срамотни зборови, завист, пркос, надменост, фалбаџиство, небогобојазливост (Мат. 15, 19).
2. По тој пат одат: гонителите на добрите, кои ја мразат вистината, љубители на лагата, оние кои не ја знаат платата за праведноста, неприврзаници на добриот, ниту, пак, на праведниот суд, кои не бдеат над доброто, туку над злото, од кои кротоста и трпеливоста се далеку, кои не ги сакаат сиромашните, кои не сочувствуваат со паталецот, кои не го познаваат својот Создател; убијци на деца свои, уништувачи на Божјото создание; кои го вртат лицето од сиромавиот, кои го навредуваат веќе навредениот; застапници на богатите, неправедни судии на сиромашните; преполни со секаков грев.
Деца, спасете се од сите такви.
VI.
1. Пази се некој да не те заведе од овој вистински пат на науката Господова, затоа што таквиот те учи без Бога.
2. Ако пак можеш да го носиш целиот јарем Господов, тогаш ќе бидеш совршен; а ако не можеш, колку можеш, толку и прави (Мат. 11, 19-30).
3. Што се однесува до употреба храната, поднеси што можеш, но посебно внимавај да не јадеш од жртвата идолска, зашто тоа е служење на мртвите богови (Дела 15, 29).
VII.
1. Што се однесува до Крштението, вака крштевајте:
Откако претходно сето ова го кажете поучите, „крштевајте во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ во протечна вода (Мат. 28, 19).
2. Ако немаш протечна вода, крштевај во друга вода. Ако не можеш во ладна, тогаш во топла.
3. А ако пак, немаш доволно ни една ниту, пак, друга, тогаш излиј вода врз главата на крстениот три пати: во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. 4. А пред Крштевањето да постат оној што крштева и оној што се крштева, и ако можат и некои други. На оној што се крштева ќе му наредиш да пости однапред еден или два дена.
VIII.
1. А вашите пости да не бидат со лицемери (Мат. 6, 16).
2. Зашто тие постат во понеделник и четврток во седмицата, а вие постете во среда и петок.
3. И не молете се како лицемери (Мат. 6, 5), туку како што Господ заповедал во Евангелието, вака молете се (Мат. 6, 9-13); (Лука 11, 2-4): „Отец наш Кој си на небото, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес, и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги простуваме на нашите должници, и не воведи не во искушение, но избави не од лукавиот. Зашто е Твоја силата и славата за вечни векови!
4. Три пати на ден вака молете се. (Дан. 6, 10)
IX.
1. Што се однесува до Евхаристијата (Литургијата), благодарете вака:
2. Прво за чашата говорете: Ти благодариме, Оче наш, за светата лоза Давидова, слугата Твој, што си ни ја објавил преку Исуса Синот Твој. Слава Ти во вечни векови! (Псал. 80, 1-20); (Лука 1, 69).
3. А за лебот што се прекршува (говорете):
Ти благодариме Оче наш, за животот и спознанието, што ни го објави преку Исуса Синот Твој. Слава Ти во вечни векови!
4. Како што овој леб што го прекршуваме, кој бил растурен по горите и собран (Јован 11, 52), станал едно, така нека се собере Црквата Твоја од сите краишта на земјата во Царството Твое. Зашто Твоја е славата и силата преку Исуса Христа во вечни векови!
5.А од вашата Евхаристија никој да не јаде и да не пие, освен крстените во името Господово; зашто и за тоа Господ рекол: „Не давајте ја светињата на кучињата“. (Мат. 7, 6)
x
1. По причестувањето, пак, вака благодарете:
2. Ти благодариме Отче Свети, за Твоето свето Име (Јован 17, 11, 26), кое си го вселил во нашите срца, и за спознанието и верата и бесмртноста, што ни ги објави преку Исуса Синот Твој. Слава Ти во вечни векови!
3. Владико Седржителу, Ти, се си создал заради Твоето Име, и си дал храна и пијалак на луѓето за уживање, за да Ти благодарат; нам, пак, си ни подарил духовна храна и пијалак и вечен живот преку Твојот Син.
4. Пред се, Ти благодариме што си Моќен (Откр. 11, 17). Слава Ти во вечни векови!
5. Господи, спомни си за Црквата Твоја, та да ја избавиш од секое зло и да ја усовршиш во љубовта Твоја (1. Јов. 2,5); и собери ја од четирите ветрови, неа – осветена, во Твоето Царство, што си го подготвил (Мат. 24, 13). Зашто Твоја е силата и славата во вечни векови!
6. Нека дојде Благодатта Твоја, и нека помине овој свет. Осана на Бога Давидов (Мат. 21, 9, 15)! Ако некој е свет, нека пристапи, а кој не е, нека се покае. Маран ата! (Дојди Господи!) Амин! (1. Кор. 16, 22)
7. А на пророците дозволете им да благодарат, колку што сакаат.
XI
1. Ако некој ви дојде и ве учи на сè ова што напред е речено, примете го.
2. А ако тој кој учи, застрани, и почне да ве учи друга наука за да ја расипе оваа наука, тогаш не слушајте го (2. Јов. 10); а ако за да ја умножи правдата и спознанието на Господа, примете го како Господа.
3. Што се однесува до апостолите и пророците, работете како што е запишано во заповедите во Евангелието (Мат. 10, 5-12).
4. Секој апостол кој доаѓа кај вас, да биде примен како Господ.
5. Но нека не останува повеќе од еден ден; ако, пак, има потреба, тогаш и вториот ден. А ако остане три дена, тогаш е лажен пророк.
6. А апостолот кога заминува од кај вас ништо да не зема освен леб, колку до идното преноќиште (Мат. 10, 9-10); ако, пак, бара и пари, тогаш е лажен пророк.
7. И секој пророк кој говори во Духот не искушувајте го и не судете го, „Зашто секој грев ќе биде простен“, а овој грев нема „да се прости“ (Мат. 12, 31).
8. Но секој кој говори во Духот, не е пророк, освен ако се однесува како Господ. Значи, според начинот на однесување се препознава лажниот пророк од вистинскиот пророк (Мат. 7, 16).
9. И секој пророк кој во Духот одредува трпеза ја поставува за сиромашни, нема да јаде од неа, инаку е лажен пророк.
10. А секој пророк кој поучува во вистината, ако не го исполнува тоа што го зборува, лажен пророк е.
11. Секој, пак, пророк испробан, вистински, кој ја изградува тајната на Црквата во светот кој работи за светската тајна на Црквата, а не поучува да се прави сè она што тој го прави, нека не биде осудуван од вас, зашто тој кај Бога има суд; зашто исто така правеле и старите пророци.
12. А ако некој во Духот рече: дај ми пари или нешто друго, таков да не слушате. Ако, пак, за да се даде за други кои немаат, никој да не го осудува за тоа.
XII
1. Секој „што доаѓа во името Господово“ (Мат. 21, 9), нека биде примен; а потоа откако ќе го испробате, ќе дознаете каков е, зошто ќе имате толку расудување да разликувате десно и лево.
2. Ако оној што доаѓа е минувач, помогнете му колку што можете, но тој да не останува кај вас повеќе од два или три дена, ако е тоа потребно.
3. Ако пак сака да се насели кај вас, а знае некаков занает, нека работи, па нека јаде (2. Сол. 3, 10).
4. А ако не знае занает, вие погрижете се според потребата, меѓу вас да не живее христијанин во безработица (1. Тим. 6, 5).
5. Ако тој не сака да работи, таквиот тргува со Христа. Чувајте се од таквите.
ΧΙΙΙ
1. Секој вистински пророк што сака да се насели кај вас, „достоен е за својата храна“ (Мат. 10, 10).
2. Исто така и вистинскиот учител како работник е достоен за својата храна. 3. Секоја првина од плодовите од пивницата и од гумното, од стоката и овците (2. Мој. 22, 29); (5. Мој. 18, 3-4), земи ја и дај ја на пророците, затоа што тие се ваши прво свештеници, епископи.
4. А ако немате пророк, дајте на бедните.
5. Ако подготвуваш лебови, земи и дај ја првината од нив, според заповедта.
6. Исто така, кога ќе отвориш сад со вино или масло, земи ја првината и дај на пророците.
7. И од парите, и од облеката, и од сè што имаш, земи првина според својата волја и дај според заповедта (4. Мој. 15, 20-21).
XIV
1. А во Господовата недела, откако ќе се соберете заедно, кршете леб и извршувајте Евхаристија (Литургија), претходно исповедувајќи ги своите гревови, за да биде чиста вашата жртва (Дела 20, 7); ( 1. Кор. 16, 2).
2. Секој, пак, оној, што има спор со другарот свој нека не доаѓа на собрание со вас, додека не се измират, та со тоа да не се извалка вашата жртва (Мат. 5, 23-24).
3. Бидејќи тоа е онаа жртва за која Господ рекол: „На секое место и во секое време ќе Ми принесувате чиста жртва, зашто Јас Сум Цар голем, зборува Господ, и Името Мое е чудесно меѓу народите“(Малах. 1, 11).
XV
1. Изберете си епископи и ѓакони достојни на Господа, (1. Тим. 3, 3, 8) луѓе кротки и несреброљубиви и вистински и проверени, зашто тие ви служат служба на пророк и учител (Филип. 1, 1).
2. Значи, немојте да ги презирате, зашто тие се ваши достоинственици и учителите.
3. Исправувајте се еден со друг, не во гнев, туку во мир, како што стои во Евангелието (Мат. 5, 22-26); (Мат. 18, 15); а со секој оној што ќе му згреши на друг, никој да не зборува, ниту да го слушате, додека не се покае.
4. А вашите молитви и милостини и сите ваши дела правете ги како што имате во Евангелието на нашиот Господ.
XVI
1.Стражарете на вашиот живот; „вашите светилници да не изгаснат, и бедрата ваши да не ослабнат, туку бидете подготвени; зашто не го знаете часот во кој вашиот Господ ќе дојде“(Мат. 24, 42. 44); (Лука 12, 35).
2. А собирајте се заедно почесто, барајќи го она што им одговара приличи на вашите души. Зашто залудна ви е досегашната ваша вера, ако во последно време не бидете совршени.
3. Зашто во последните денови ќе се намножат лажните пророци и расипници, и овците ќе се претворат во волци, (Мат. 7, 15); (Мат. 24, 12) и љубовта ќе се претвори во омраза.
4. Зашто кога беззаконието ќе порасне (Мат. 24, 8-9), луѓето ќе се мразат и прогонуваат и клеветат меѓу себе. И тогаш ќе се појави измамникот на светот како син Божји, и ќе прави знаци и чудеса, и земјата ќе се предаде во рацете негови, и ќе прави беззаконија какви што никогаш на векот немало (Откр. 12, 9); (2. Сол. 2, 4); (Мат. 24, 24).
5. Тогаш родот човечки ќе падне во огнот на искушенијата, и „мнозина ќе се соблазнат и ќе пропаднат, а оние кои ќе претрпат во верата своја, ќе се спасат“(Мат. 24, 10-13) од проклетството (υπο του καταθεματος – на Оној (Христос) Кој (другите) го проколнуваат).
6. И тогаш ќе се појават знаците на Вистината: најнапред знакот на отворање знак на појавата (Господова – Крстот) на небото (Мат. 24, 31), потоа знакот на трубниот глас (1. Сол. 4, 14-17), и третиот знак воскресението на мртвите.
7. Но не сите (заедно), туку како што е речено: „Ќе дојде Господ и сите свети со Него“(Зах. 14, 5).
8. Тогаш светот ќе „Го види Господа како доаѓа на облаците небески“(Мат. 24, 30).
СВЕТА ПРИЧЕСТ
Ако правилно го устројуваме нашиот духовен живот, односно ако ја познаваме нашата вера, и ако водиме правилен духовен живот – редовно постиме (секоја среда и петок, и четирите големи пости), редовно, т.е. секојдневно се молиме, се исповедаме кај својот духовник – тогаш нема никаков проблем околу причестувањето. Согласно нашиот духовен раст и зрелост, духовникот ни одредува кога и колку да се причестуваме. И во тој случај, не е задолжителна исповед пред Причест. Но, во црква доаѓаат и многу традиционални христијани, кои се крстени, но кои немаат правилен духовен живот, односно, немаат редовност во постот, молитвата, исповедта, и затоа кон нив треба поинаков пастирски пристап, отколку кон оние кои живеат правилен духовен живот. За таквите традиционалисти, задолжително е да се исповедаат пред секоја причест, но што поскоро да се научат и тие да живеат правилен духовен живот, без недостаток.
Исто така помеѓу овие традиционалисти постои и една голема заблуда, дека доволно е да постиме 7 дена без масло, и со тоа „заслужуваме“ света Причест. Поради оваа заблуда се отфрлаат постот во среда и петок, и четирите големи пости, се отфрла молитвениот подвиг и покајничката исповед, и светата Причест се сведува на нешто магиско, издвоено од севкупниот христијански живот. Причестувањето станува ритуал „за здравје“ (но не и за спасение), и кај тие луѓе нема желба за промена, за подобрување, за преобразување и христијанизирање на личноста, за добивање спасение и светост. Светата Причест не смее да се прима од адет, несвесно, без да знаеме што примаме, туку треба да биде круна на нашиот севкупен духовен живот и познавање на нашата вера, и да нè води кон богопознание и спасение.
Потребно е воздржување од секој грев, од лоши помисли, од кавги, расправии, непријателство, како и воздржување од брачни телесни односи во денот пред и во денот кога ќе се причестиме. Вечерта пред причест најдобро е и да не јадеме обилно и да не пиеме многу течности, ниту алкохол, и на Литургија да отидеме „на гладно срце“, без да јадеме или да пиеме било што, ниту да џвакаме мастики за џвакање, ниту кафе да пиеме, ниту вода, ниту цигари. Исто така жените треба да внимаваат да не одат на Причест украсени со козметички препарати, шминки, кармини, ѓердани, туку украсени со добродетели.
Секако, како дел од подготовката за света Причест не смееме да ги заборавиме и молитвите пред Причест кои ги има во секој молитвеник.
Господ нека Благослови

Славете го Господа зашто е добар,
Зашто е вечна милоста Негова,
Славете го Богот на боговите,
Зашто е вечна милоста Негова,
Славете го Господарот над господарите,
Зашто е вечна милоста Негова,
Единиот кој прави големи чудеса,
Зашто е вечна милоста Негова,
Тој премудро го создаде небото,
Зашто е вечна милоста Негова,
Тој ја утврди земјата врз водите,
Зашто е вечна милоста Негова,
Единиот кој ги создаде големите светила,
Зашто е вечна милоста Негова,
+++Јован-Хаџи

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.