МОЛИТВА ЗА СИТЕ ЧАСОВИ И ПОТРЕБИ

14525026_618036205043144_7943985894551660126_o
Господи Седржителе, Создателу на се, Оче на милоста и непресушен Извору на секое добро. Од земја го создаде човекот и го удостои со својот образ и подобие за и со него да се прославува величенственото Име Твое на земјата и паднатиот во престапувањата на заповедите Твои повторно во уште поголема слава го обновуваш и го подигаш на небото со Твојот Христос.
Ти благодарам Господи, што врз мене го зголеми милосрдието Твое и не ме предаде на волјата на непријателите мои кои се бореа да ме одвлечат во адската пропаст, ниту дозволи да загинам со безаконијата мои. И сега многумилостив Господи, Кој не ја сакаш смртта на грешникот, туку очекуваш обраќање и примаш покајување, паднатите ги подигнуваш и скрушените ги исцелуваш, обрати ме и мене на покајание и од падот мој подигни ме. Сети се, Господи, на Твојата секогашна добрина и откако е светот, на Твојата неискажана благост, и заборави ги моите безмерни безаконија кои ги направив во знаење и незнаење, во дела, зборови и помисли; прекрати ја ослепеноста на срцето мое и дарувај ми солзи на умиление за очистување од нечитите мои помисли.
Услиши ме, Господи Човекољупче, и избави ја душата моја од страстите кои царуваат во мене; да не владее повеќе над мене гревот, ниту над мене да има власт демонот противник и да ме влече кон својата волја; но Ти, Семоќен со Својата десница, избави ме од неговата област и царувај Ти во мене, благ и човекољубив Госпиди; направи со сето свое битие кон Тебе да припаѓам и во иднина да живеам според волјата Твоја. Дарувај ми, Господи, по Твојата неискажлива милост и благост, очистување на срцето, стражарење во зборовите, правда во делата, смирено размислување, мир во помислите, душевна тишина, духовна радост, вистинска љубов, долготрпение, благост, кроткост, нелицемерна вера, истрајна воздржливост. Исполниме со сите благи плодови на даровите на Твојот Свет Дух и не ја земај мојата душа неподготвена, туку усовршиме со Твоето совршенство и тогаш земи ме од овој свет, за да можам без пречки да ги поминам кнежевствата и властите на темнината и да достигнам во Твоето неискажливо царство и со сите Светии да Го славам пресветото име Твое: Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
ПОКАЈНА МОЛИТВА
Владико, Христе Боже, Ти Кој со своето страдање ги исцели страстите на душата моја и со раните свои ги исцели раните мои: дарувај ми на мене, многугрешниот, солзи на покајание и умиление и закрепи го телото мое со дејството на животворната сила на Пречистото тело Твое и наслади ја душата моја со светата Крв Твоја и исцели ме од смртоносниот јад, гревовниот отров со кој ме напои сатаната. Возвиши го помрачениот ум мој кон Тебе, Создателу и Спасителе мој, зошто умот мој е секогаш во земните помисли и нема во мене покајание, нема умиление, нема во мене ниту утешителни солзи кои ги приведуваат грешните души преку покајание кон небесното насладување и всиновување. Помрачени ми се и душата и умот со земните грижи и не можам да го возвишам срцето свое кон Тебе, ниту да се загреам со синовска љубов кон Тебе од многуте невидливи гревовни врски. Но, Владико Господи, Исусе Христе, извору на секое добро, дарувај ми и мене вистинско покајание и срце трудољубиво, за усрдно да се трудам за да ја познам Пресветата волја Твоја. Јас многупати Те оставив Тебе, Господи, вртејќи се со срцето кон земната ништожност, но Ти не ме оставај, многумилостив Господи: обрати ме на покајание и приклучи ме кон овците на избраното стадо Твое, воспитај ме за средба со нив и нахрани ме со сладоста на боженствените тајни Твои, по молитвите на Пресветата и Пречиста Мајка Твоја и на сите светии Твои. Амин.
МОЛИТВА 3. час
Владико Боже, Оче Седржителу, Господи, Сине Единороден, Исусе Христе и Свети Духу; едниствено божество, единствена сила, помилуј ме грешниот и со начинот кој Ти го знаеш, спаси ме, недостојниот слуга Твој, зошто Ти си благословен во сите векови. Амин.
МОЛИТВА 6. час
Боже и Господи на силите и на сите твари Создателу, Ти, заради милосрдието на неискажливата милост Твоја, Го испрати Единородниот Твој Син, нашиот Господ Исус Христос за спасение на нашиот род и со Неговиот чесен Крст го поништи списокот на гревовите наши и со него ги поведе кнежевствата и властите на темнината; сам Владико, Човекољупче, прими ги и од нас грешните овие благодарни и прозбени молитви, и избави не од сите видливи и невидливи неоријатели наши кои се борат да ни наштетат. Прибери ги кон стравот кон Тебе телата наши и не му дозволувај на нашето срце да се приклучи на лукавиот со зборовите и помислите, туку со Твојата љубов заплени ги нашите души секогаш за Тебе да бидеме приврзани и од Тебе со светлина осветлени. Тебе Те гледаме како непристапна и секаде присутна светлина, непрестајно Ти испраќаме благодарења и исповедувања Тебе – Беспочетниот Отец, со Единородниот Твој Син и Пресветиот и благиот и животворниот Твој Дух – сега и секогаш и во сите векови. Амин.
МОЛИТВА 9. час
Владико Господи, Исусе Христе, Боже наш, долготрпелив кон нашите согрешенија, Ти Кој не доведе до овој час во кој висеше на Животворниот Крст и на благоразумниот разбојник во рај му го отвори патот и со Својата смрт нашата смрт ја разурна; очисти не нас, грешните и недостојните слуги Твои. Согрешивме, Господи, во безакони дела и не сме достојни да ги подигнеме очите наши и да погледнеме кон небесната висина зошто го занемаривме патот на правдата Твоја и одевме по волјата на срцата наши; но ја молам Твојата неизмерна благост, поштеди не и нас Господи, по големата милост Твоја и спаси не заради Твоето име зошто во суета поминаа нашите денови. Избави не, Господи, од рацете на нашиот противник и прости ни ги сите наши гревови, умртви го нашето телесно мудрување, да го соблечеме од себе стариот човек и во новиот да се облечеме, целиот наш живот да го посветиме на Тебе, нашиот Владика и давател на секое добро; и така, живеејќи по Твоите заповеди, да стасаме во вечниот спокој каде живеат во вечна радост сите праведници; зошто Ти си навистина веселие и радост на сите кои Тебе Те љубат, Христе, Боже наш и Тебе слава Ти вознесуваме со Беспочетниот Твој Отец и Пресветиот и Животворен Твој Дух, сега и во сите векови. Амин.
МОЛИТВА КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Бранови на страста ме збунуваат, и голема тага и тешкотија ја исполнуваат мојата душа; о Пречиста, смири ја душата моја со мирот на Синот Твој и душевната збунетост отргни ја со Неговата благодат; бурата на моите гревови, кои како огнен црв ме печат, смири ја и нивниот пламен угаси го, исполни го со радост, Пречиста, срцето мое и отргни ја маглата на грешките мои од мене, зошто тие ме збунуваат. Просветли ме со светлината на Синот Твој; изнемошти душата моја, се ми е тешко, па дури и молитвата, еве студена сум како карпа, усните ми шепотат молитва, но срцето мое се здрвило, го притиснала тешкотија; растопи го мразот околу душата моја и загреј го срцето мое со љубовта Твоја. Ненадевајќи се на човечката заштита, Ти приоѓам Тебе, Пресвета Владичице, не ја отфрлај, туку прими ја молитвата на слугинката Твоја; ме обзема тага и не можам веќе да го трпам нападот демонски, немам никаде заштита, ниту имам каде да се сокријам, а секогаш во таа борба сум победена, а утеха никаде немам освен Тебе, Владетелко света; о надеж и заштито на сите кои веруваат, не ја отфрлај молитвата моја. Амин.
МОЛИТВА КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА
Преблажена Царице, надеж моја и заштитничке, Која ги штитиш немоќните и ги тешиш тажните; смилувај се и на мене грешната и извалканата со безбројни гревови; излиј ја врз мојата помрачена душа милоста и благодатта на Синот Твој и Бог наш и со неа отргни ги сите мрачни страсти од душата моја: малодушноста, заборавеноста и мрачната неразумност, закрепни ја мојата вера и направи срцето мое да се плаши од Пресветото Име Божје и со вистинска љубов и бодро срце да принесувам секогаш благодарност кон Господа и кон Тебе, Пресвета мајко Божја; Богородице Дево, радувај се, Благодатна Марие Господ е со Тебе, благословена си Ти меѓу жените и благословен е плодот на утробата Твоја, Господ наш Исус Христос, кого Го роди за спасение на нашите души. Амин.
Покајничка молитва,Надеж во помошта од Господа
1. Господи, не ме карај во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој.
2. Смилуј се на мене, Господи, оти сум немоќен; исцели ме, Господи, бидејќи коските мои се потресени;
3. и душата моја е возбудена. А Ти, Господи до кога?
4. Обрни се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја,
5. бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?
6. Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја.
7. Од скрб ми се помрачи окото мое, остарев поради сите мои непријатели.
8. Отстапете од мене вие сите, кои вршите неправда, оти Господ го чу гласот на мојот плач.
9. Господ ја чу молбата моја, Господ ќе ја прими молитвата моја.
10. Нека се посрамат и уплашат сите мои непријатели; да се повратат и веднаш да се засрамат.

Молитва на нашиот † Господ Исус Христос
Оче, дојде часот. Прослави го својот Син за да те прослави Синот твој. Како што си му дал власт над секое тело и преку се што си му дал да им даде живот вечен. А животот вечен е тоа да те познаат тебе, единиот вистински Бог и испратениот од тебе Исуса Христа. Јас те прославив на земјата, го извршив делото што си ми го дал да го извршам, и сега прослави ме ти Татко во тебе самиот со славата што ја имав во тебе уште светот пред да настане. Го јавив името твое на луѓето што си ми ги дал од светот. Тие беа твој и ти ми ги даде и го запазија твоето Слово. Сега разбраа дека се што си ми дал е од тебе, зошто зборовите што си ми ги дал им ги предадов и тие ги примија и разбраа навистина оти од тебе сум излегол и поверуваа дека ти си ме пратил. Јас за нив се молам, не се молам за сиот свет, туку за оние што си ми ги дал зашто се твои. И се мое е твое, и твоето мое, и се прославив во нив. Веќе не сум во светот но тие се во светот а јас идам при тебе. Татко Свети, запазиги во твоето име оние што си ми ги дал за да бидат едно како што сме и ние. Додека бев со нив во светот јас ги пазев во твоето име оние што си ми ги дал, ги зачував и никој од нив не погина освен погибелниот син за да се исполни писмото. А сега одам при тебе и ова му го кажувам на светот за да ја имаат во себе мојата радост полна. Јас им го предадов твоето слово и светот ги замрази зошто тие не се од светот како и јас што не сум од него. Не се молам да ги земеш од светот, туку да ги запазиш од злото. Тие не се од светот како и јас што не сум од него. Освети ги со својата вистина. Твоето слово е вистина. Како ти мене што ме прати во светот и јас ги пратив во светот. И за нив јас се посветувам така и тие да бидат осветени преку вистината. Но не се молам само за нив туку и за оние што по нивните зборови ќе поверуваат во мене, за да бидат сите едно како што си ти Татко во мене и јас во тебе. Па така и тие да бидат во нас едно и да поверува светот дека Ти си ме пратил. И славата што си ми ја дал, ним им ја дадов за да бидат едно како што сме ние. Јас сум во нив и тие се во мене, за да бидат во се едно и да узнае светот дека ти си ме пратил и нив си ги возљубил како мене што ме возљуби. Татко сакам и оние што си ми ги дал да бидат со мене каде што сум јас за да ја гледаат мојата слава што си ми ја дал оти ме возљуби уште пред да се создаде светот. Татко праведен, светот не те позна, јас те познав, и овие познаа дека ти си ме пратил и им го објавив името твое и ќе го известувам и љубовта со која ме возљуби ти, да биде во нив и јас во нив.
Молитвата на Исуса како првосвештеник за Себеси, за Своите ученици и за Својата заедница.
(Евангелие според Јован, глава 17)

This entry was posted in Почетна. Bookmark the permalink.

Comments are closed.