ШТО Е ЕПИТИМИЈА

ergrthgdddrg
Во Светото Писмо наоѓаме дека Господ Исус Христос, кога ја воспоставил Светата Тајна на покајанието и исповедувањето, им го предал на своите ученици-апостоли правото да простуваат или задржуваат гревови на луѓе кои се каат.
„Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!” Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух! На кои ќе им ги простите гревовите – простени им се; на кои ќе им ги задржите – задржани им се!” (Јн. 20, 21-23).
Ова право од нив е пренесено на нивните наследници – епископи и свештеници.
Секој грев што го исповедуваме пред духовникот-исповедникот не е подложен на разрешување. Духовникот по благодатта на Светиот Дух го пресудува и проценува секој грев кој пред него го исповедуваме и степенот на покајувањето кое во таа прилика го покажуваме. Така тој за одредени потешки гревови не дава разрешување, одредувајќи духовен лек кој ќе ни помогне да дојдеме до покајание и се причестиме обновени и очистени. Епитимијата најчесто се однесува на додатен пост или молитви, како и забрана на Причест на одредено време, што е оддалечување од суштинската заедница со Христа. Таа не е класична казна, иако нејзиното дејство е болно, туку еден вид на благодатен лек за оној кој направил поголем морален или духовен престап (или престапи) на Божјите заповеди. Бидејќи дејството на тие престапи на човекот делуваат дури и разорно, заради чувство на осветена или неосветена вина, епитимијата на човекот му дава можност навистина да се покае, исповеда, моли, повика на милост и љубов Божја и со враќањето во спасоносната заедница со Него, како да прави добри дела со кои ќе го искупи тој престап и ќе ги зацели своите рани. Со епитимијата покајаниот се штити од духовното зло и повторување на гревот.
Духовникот-исповедникот ја дава епитимијата кога ќе процени дека духовната рана од некој грев е во толкава мерка длабока и тешка што е потребно, за нејзино исцелување, да помине одредено време со посебен духовен лек. Временското траење на епитимијата ја одредува духовникот индивидуално, според животната доба и околностите во кои покајникот се наоѓа, тежината на престапот и настојувањето на покајникот да се врати во заедницата со Господа. Од епитимија не треба човек да се плаши. Ако човекот, на кого му е изречена епитимија, предано настојува да се ослободи од гревот, да го отфрли злото, да се моли и да прави добри дела (по свое внатрешно чувство и по договор со духовникот), Господ повеќе му помага, и тогаш се достигнува до самата суштина на епитимијата, а тоа е нејзиното исцелително и очистувачко дејство за душата. Важно е да се каже дека свештеникот е само посредник меѓу нас и Бога и исповедувајќи ги гревовите и каејќи се пред свештеникот ние всушност се исповедуваме и каеме пред Бога. Секогаш кога човекот искрено се покае и непоколебливо настојува да се врати на Бога, Тој го дочекува со раширени раце, токму како што е прикажано во евангелието во приказната за покајанието на блудниот син.
„Така, ви велам, се радуваат Божјите ангели, заради еден грешник, кој се кае.” И рече: „Некој човек имаше два сина. И помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!’ И тој им го раздели имотот. А по неколку дена помладиот син собра сè свое и отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно. Кога потроши сè, настана голема глад во онаа земја, и тој се најде во скудност. И отиде и се прилепи при еден човек на онаа земја, тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите. И сакаше да го наполни својот желудник со лушпи, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилство, а јас умирам од глад тука! Ќе станам и ќе отидам при татка си, и ќе му речам: ‘Татко, згрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!’ И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го виде и му се сожали, па се растрча, и му се фрли на вратот и го целиваше. А синот му рече: ‘Татко, зрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син!’ Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу, донесете ја најубавата облека, и облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете. Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше изгубен – и се најде.’ И почнаа да се веселат. А неговиот постар син беше во полето. Кога пак доаѓаше и и се приближи на куќата, чу песна и играње; па повика еден од слугите и го праша што е тоа. А тој му рече: ‘Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, зашто го прими здрав.’ Тој се налути и не сакаше да влезе; а неговиот татко излезе и почна да го моли. А тој му одговори на татка си: ‘Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели. А кога дојде овој твој син, кој го растури твојот имот со блудници, му закла згоено теле!’ Тој пак му рече: ‘Чедо, ти си секогаш со мене, и сè што е мое – е твое; но требаше да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе; беше изгубен и се најде.“(Лука, 15, 10-32)
+++јован хаџи

This entry was posted in Библиотека. Bookmark the permalink.

Comments are closed.