ПСАЛМ ОД 141 ДО 150

Псалм 141
1 Давидов псалм. Господи, Те повикувам, побрзај кон мене! Послушај го мојот глас, со кого викам кон Тебе!
2 Нека се издигне мојата молитва како темјан пред Твоето лице, издигањето на моите раце нека биде као вечерна жртва!
3 Господи, постави стража на мојата уста, и стражари на вратата на моите усни!
4 Не оставај: моето срце да се приклони кон било каква злоба па да извршам нечесни дела; Да не се дружам со луѓе кои прават беззаконие, ниту да јадам од нивните вкусни јадења!
5 Нека ме удри само праведниот – љубов е што ме укорува, тоа е масло на мојата глава; На нивната злоба јас ќе се спротивам секогаш со мојата молитва.
6 Кога нивните судии ќе бидат фрлени низ карпите, ќе разберат колку слатки беа моите зборови.
7 Како кога орачот ја оре и ја цепи земјата, така ќе им бидат расфрлени коските на работ на Подземјето.
8 Господи, кон Тебе се свртени моите очи, на Тебе се надевам, не оставај да ми пропадне душата!
9 Чувај ме од стапицата што ми ја поставија, од примките на злосторниците!
10 Нека паднат нечесните во сопствените клопки, а јас да им избегам!
Псалм 142
1 Со сиот глас викам кон Господа, со сиот глас му се молам на Господа.
2 Ги излевам пред Него моите поплаки, ја изнесувам пред Него мојата мака.
3 Ако мојот дух изнемошти во мене, Ти го знаеш мојот пат. На патот, по кој минувам, потајно ми поставија примка.
4 Ако се свртам надесно и погледам: никој не знае за мене. Нема каде да избегам, никој не се грижи за мојот живот.
5 Господи, кон Тебе извикувам; зборувам: „Ти Си мое прибежиште, Ти Си мој дел во земјата на живите.
6 Послушај ги моите извици, зашто сум многу понижен. Избави ме од моите гонители, зашто се посилни од мене.
7 Изведи ја од темница мојата душа, да Му заблагодарам на Твоето име. Праведници ќе се соберат околу мене, заради доброто што ми го укажа мене.”
Псалм 143
1 Давидов псалм. Господи, послушај ја мојата молитва, чуј ја мојата молба, по Твојата вистина; услиши ме по Твојата правда.
2 Не оди на суд со Твојот слуга, зашто никој жив не е праведен пред Тебе!
3 Непријателот ми ја гони душата, до земјата го притисна мојот живот; ме фрли да престојувам во темнина, како оние што умреа одамна.
4 Мојот дух веќе примира во мене, моето срце трпне во градите.
5 Си спомнувам за минатите дни, размислувам за сите Твои дела; размислувам за делата на Твоите раце.
6 Ги пружам своите раце кон Тебе, мојата душа, како сува земја, жеднее по Тебе.
7 Послушај ме поскоро, о Господи, мојот дух изнемоштува! Не криј го Своето лице пред мене, за да не станам како оние што слегуваат во гробовите.
8 Соопшти ми ја наутро Твојата милост, зашто се надевам на Тебе. Покажи ми го патот по кој да тргнам, зашто ја вознесувам душата кон Тебе.
9 Избави ме, Господи, од моите непријатели, јас прибегнувам кон Тебе.
10 Научи ме да ја исполнувам Твојата волја, зашто Ти си мој Бог. Твојот благ Дух нека ме води по рамен пат!
11 Заради Твоето име, Господи, оживи ме, заради Твојата справедливост изведи ми ја душата од тешкотија!
12 Според Твојата милост, сотри ги моите непријатели, погуби ги моите угнетувачите на мојата душа, зашто јас сум Твој слуга.
Псалм 144
1 Давидов псалм. Благословен да биде Господ, мојата карпа, Кој ми ги учи рацете за бој, а прстите за војна.
2 Тој е моја љубов и моја тврдина, моја заштита, мој Избавител, мој штит зад кој се засолнувам; Тој ги покорува народите под моите нозе!
3 О Господи, што е човекот, за да обрнеш внимание кон него? Што е човечкото чедо, за да си спомнуваш за него?
4 Човекот е сличен на здивот, неговите денови исчезнуваат како сенка.
5 Господи, наведни ги Твоите небеса и слези, допри се до планините: и ќе се зачадат!
6 Светни со секавицата и распрсни ги, оптегни ги стрелите и збуни ги!
7 Испружи ја раката од висините, истргај ме и спаси ме од бескрајните води, од рацете на туѓите синови:
8 нивната уста зборува суета, а десницата им е десница на неправда.
9 Ќе Ти пеам, Боже, нова песна, ќе ти свирам псалтир со десет жици.
10 Ти им даваш победа на царевите, Ти, Кој го спаси Својот слуга Давид од лош меч!
11 Ослободи ме и избави од туѓински раце: нивната уста зборува лаги, а десницата им е десница на неправда.
12 Дај ни: нашите синови да бидат како билки, што растат од својата младост; а нашите ќерки како крајаголни столбови; убави како храмовите столбови.
13 Нашите житници да бидат полни, со секакви плодови во изобилство; нашите овци да се плодат со илјади, десетици илјади, да се плодат бескрајно по нашите полиња.
14 Нашиот добиток да биде згоен! Да нема пробој ни ропство, ни плач по нашите улици.
15 Блажен е оној народ, кој го има тоа; блажен е оној народ, кому Господ е Бог!
Псалм 145
1 Давидова благодарност. Ќе Те прославувам о Боже, мој Царе, ќе го благословувам Твоето име секогаш и довека.
2 Ќе Те славам секој ден, ќе Го фалам Твоето име секогаш и довека.
3 Господ е велик и достоен за секоја пофалба, Неговата величина е недостижна!
4 Од поколение во поколение се фалат Твоите дела и се навестуват Твоите силни дела.
5 Ќе зборувам за блескавата слава на Твоето величие, и за Твоите чуда.
6 Кажуваат за страотната сила на Твоите дела, јас ќе ја раскажувам Твојата величина.
7 Го разгласуваат споменот за Твојата голема благост, и ја опеваат Твојата правда.
8 Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многумилостив.
9 Господ е благ за сите, милостив за сите Свои дела.
10 Нека Те слават, Господе, сите Твои дела, и твоите свети нека Те благословуваат!
11 Нека зборуваат за славата на Твоето Царство, нека говорат за Твојата сила.
12 Да ги објават на човечките деца: Твојата сила и славата на Твоето прекрасно Царство.
13 Твоето царство е вечно Царство, Твоето владеење за сите поколенија.
14 Господ ги поткрепува сите кои паѓаат и Тој ги исправа наведнатите.
15 Очите на сите се свртени кон Тебе, Ти им даваш храна во право време.
16 Ти ја отвораш Твојата рака, и наситуваш желбата на сè живо.
17 Праведен Си, Господи, на сите Твои патишта, и добар Си во сите Твои дела.
18 Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено.
19 Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува.
20 Господ ги пази оние, кои Го љубат, а ќе ги сотре сите злосторници.
21 Нека мојата уста искажува фалба на Господа, и секое тело нека Го слави Неговото свето име, секогаш и довека.
Псалм 146
1 Алилуја! Моја душо, фали Го Господа!
2 Ќе Го фалам Господа додека сум жив, додека ме биде, ќе Му пеам на мојот Бог.
3 Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение!
4 Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли.
5 Блажен е оној, кому му е помошник: Јакововиот Бог, чија надеж е во Господа, неговиот Бог,
6 Кој ги создаде: небото и земјата, морето и сè што е во нив; Кој останува верен довека.
7 На угнетените им враќа правда, а на гладните им дава леб. Господ ги ослободува врзаните.
8 Господ им ги отвора очите на слепите, Господ ги исправа наведнатите, Господ ги љуби праведните.
9 Господ ги заштитува туѓинците, ги поткрепува сираците и вдовиците, а на грешниците им ги метка патиштата.
10 Господ ќе царува довека, твојот Бог, Сионе, од колено до колено. Алилуја!
Псалм 147
1 Алилуја! Фалете Го Господа, зашто е добар, пејте Му на нашиот Бог, зашто е благ; Тој е достоен за секаква пофалба.
2 Господ го гради Ерусалим, ги собира распрснатите Израелци.
3 Тој ги исцелува оние што се со скршено срце и ги преврзува нивните рани.
4 Тој го одредува бројот на ѕвездите, секоја ја наречува со нејзиното име.
5 Нашиот Бог е велик и Сèсилен, нема мерка за Неговата мудрост.
6 Господ ги поткрепува понизните, злосторниците ги понизува до земјата.
7 Пејте Му на Господа благодарна песна, свирете Му на псалтир на нашиот Бог!
8 Ги покрива небесата со облаци и и подготвува дожд на земјата; прави да расте трева по горите.
9 Тој му дава храна на добитокот, и на младите гаврани кога гракаат.
10 Тој не се грижи за коњската сила, ниту Му се мили човековите нозе.
11 На Господа Му се мили оние, кои се бојат од Него, кои се надеваат на Неговата милост.
12 Слави Го Господа Ерусалиме, фали Го Твојот Бог, Сионе!
13 Тој ги зацврсти лостовите на твоите врати, ги благословува твоите синови сред тебе.
14 Тој им даде мир на твоите граници, те храни со најдобра пченица.
15 Својата заповед ја праќа на земјата, Неговото слово трча многу брзо.
16 Го расфрла снегот како волна, распрснува слана како пепел.
17 Тој истура град како залаци, кој може да устои пред Неговите студови.
18 Го испраќа Својот збор, и ги растопува, дувнува со ветер, и водите истечуваат.
19 Своето Слово му го објави на Јакова, своите повелби и закони на Израел.
20 Не постапи така со ниеден друг народ, своите наредби на ниеден не му ги објави. Алилуја!
Псалм 148
1 Алилуја! Фалете Го Господа од небесата, фалете Го во височините!
2 Фалете Го, сите Негови ангели, фалете Го, сите Негови воинства!
3 Фалте го, сонце и месечино, фалете Го, сите светли ѕвезди!
4 Фалете Го, небесни небеса, и води над небесниот свод!
5 Нека го фалат Господовото име, зашто Тој заповеда и се создаде.
6 Ги постави засекогаш и довека, според закон што нема да помине.
7 Фалете Го Господа од земјата, морски чудовишта и сите бездни,
8 Оган и град, снег и магла, виорен ветер, што го исполнува Неговото слово!
9 Планини и сите ридови, плодоносни стебла и сите кедрови,
10 Ѕверови и сите животни, Лазачи и крилати птици!
11 Земски цареви и сите народи, кнезови и земски судии!
12 Момчиња и девици, старци со децата заедно.
13 Сите нека Го фалат Господовото име, зашто единствено Неговото име е возвишено! Неговата слава е над земјата и небото,
14 Тој ја поткрева силата на Својот народ, Тој ги прославува своите свети, Израелевите синови – народ што Му е близок. Алилуја!
Псалм 149
1 Алилуја! Пејте Му на Господа нова песна, и во собранието на светите, Неговата фала!
2 Нека Му се весели Израел на Својот Творец! Нека Му викаат радосно синовите на Сион на својот Цар!
3 Нека Го фалат Неговото име со веселба, нека Го слават со тапанче и псалтир!
4 Зашто, Господ го љуби Својот народ, со спасение ги овенчува кротките!
5 Нека се радуваат светите славно, нека извикуваат радосно од своите постели!
6 Нека им бидат на устите слава кон Бога, а во рацете мечеви остри од двете страни,
7 за да извршат одмазда над народите, и казна над племињата;
8 за да им ги фрлат царевите во вериги, а благородниците во железни окови;
9 за да го извршат над нив одамна напишаниот суд – нека им биде на чест на сите Негови свети! Алилуја!
Псалм 150
1 Слава на Бога! Фалете Го Бога во Неговото Светилиште, Фалете Го во величеството на небесниот свод!
2 Фалете Го заради Неговите силни дела, Фалете Го заради Неговата бескрајна величина!
3 Фалете Го со звуците на рогот, Фалете Го со псалтир и лира,
4 Фалете Го со игра и тапанче, Фалете Го со жичани инструменти и кавал,
5 Фалете Го со звучни кимвали, Фалете Го со воскликнувачки кимвали!
6 Сè што дише – Нека Го фали Господа! Алилуја!
151. За борбата на Давида со Голијата.
1. Бев најмал од браќата свои и најмлад во домот на таткото мој; ги пасев овците на татко ми.
2. Рацете мои направија цитра, прстите мои го нагласуваа псалтирот.
3. И кој да го известил мојот Господ? Но самиот Господ, Самиот Он ме чу.
4. И испратил известител Свој, ме зеде од татковите овци и ме помаза со елеј на Своето помазание.
5. Браќата ми беа добри и големи, но Господ не благослови да одбере од нив.
6. Излегов јас спроти туѓинецот, и тој ме проколна со своите идоли.
7. Но јас го извадив мечот негов, го обезглавив и ги спасив од срам синовите Израилеви.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.