ПСАЛМ ОД 91 ДО 100

Псалм 91
1 Ти, Кој живееш под покрив на Сèвишниот, што се одморуваш во сенката на Сèдржителот,
2 речи му на Господа: „Прибежиште мое! Тврдино моја! Боже мој, на Кого се надевам!”
3 Зашто Тој ќе те ослободи од примката на ловецот, од гибелниот помор.
4 Ќе те заштити со Своите крила, и ќе се засолниш под Неговите крила. Неговата вистина е штит и закрила!
5 Не ќе се боиш од ноќен страв, ниту од стрелата што лета дење,
6 ни од поморот, што се поткрадува во темнина, ни од гибелта што опустува напладне.
7 И нека паѓаат илјади покрај тебе, десетици илјади до Твојата десница, но до тебе нема да се приближи!
8 Само штом погледнеш со окото, веќе ќе ја видиш платата на грешниците.
9 Зашто Господ е твое засолниште, го избра Сèвишниот за своја закрила.
10 Нема да те најде несреќата, неволјата нема да се приближи до твојот шатор.
11 Зашто им заповеда на Своите ангели, да те чуваат на сите твои патишта.
12 Ќе те носат на раце, за да не се сопнеш на камен.
13 Со ногата ќе газиш лав и лутица, ќе ги згазиш лавчето и змијата.
14 Ќе го избавам зашто ме љуби, ќе го закрилам зашто Го познава Моето име.
15 Ќе Ме повика, а Јас ќе го услишам, со него ќе бидам во неволја, ќе го спасам и ќе го прославам.
16 Ќе го наситам со многу денови, ќе му го покажам Моето спасение.
Псалм 92
1 Псалм. Песна во саботен ден. Добро е да се слави Господ и да се пее на Твоето Име, Сèвишен;
2 да се навестува Твојата љубов наутро и Твојата верност ноќе;
3 на харфа со десет жици и на псалтир, со песна на лира.
4 Зашто Ти ме развесели со Твоите дела, о Господи. Ќе се радувам на делата од Твоите раце.
5 Колку се големи Твоите дела, Господи, и длабоки се Твоите замисли!
6 Безумниот човек не сознава, и неукиот не сфаќа.
7 И ако безбожниците никнуваат како трева, и ако цветаат сите, кои прават зло, одредени се за вечна пропаст;
8 а Ти, Господи, остануваш возвишен довека.
9 Навистина, Твоите непријатели, о Господи, Твоите врагови ќе пропаднат: ќе се распрснат сите, кои прават беззаконие.
10 Ми го воздигна рогот како во бивол, ме помаза со пречисто масло;
11 и моето око гледа од високо на непријателите, и моите уши слушаат за оние, кои стануваат против мене.
12 Праведникот цвета како палма, и расте како ливански кедар.
13 Засадените во Господовиот Дом цветаат во дворовите на нашиот Бог.
14 Тие и во старост донесуваат плодови: сочни и свежи:
15 за да навестат дека Господ е праведен; моја Тврдина – и нема неправда во Него.
Псалм 93
1 Господ царува, облечен во величество, Господ облечен во сила и опашан: Вселената стои цврсто, нема да се разниша:
2 Твојот престол е утврден одамна, Ти си од вечноста!
3 Господи, реките ги издигнаа, реките ги издигнаа своите гласови; реките ги издигнаа своите бранови.
4 Појак од шумот на многуте води, посилен од морските бранови: силен е Господ во висините.
5 Твоите сведоштва се предостојни за вера, светоста е украс на Твојот Дом, Господи за секогаш!
Псалм 94
1 Боже, одмазднику, Господи, Боже одмазднику, покажи се:
2 стани Ти, Судија на земјата, плати им на гордите, според заслугата!
3 До кога грешниците, о Господи, до кога грешниците ќе ликуваат?
4 Тие зборуваат дрски зборови, беззакониците се фалат.
5 Го угнетуваат Твојот народ, Господи, и го притискаат Твоето наследство;
6 убиваат вдовица и туѓинец, им го одземаат животот на сирачињата.
7 И зборуваат: „Господ не гледа! Не забележува Јакововиот Бог!”
8 Разберете, безумници во народот: глупци, кога ќе се вразумите?
9 Не слуша ли Оној, што го засадил увото? Не гледа ли Оној, Кој го создаде окото?
10 Не казнува ли Оној, Кој ги воспитува народите? Оној, Кој ги учи луѓето на мудрост?
11 Господ ги знае човечките мисли, тие се празни.
12 Блажен е човекот, кого Ти го поучуваш, Господи, и го учиш на Својот Закон:
13 да му дадеш мир во несреќни денови, додека се копа гроб за злочинецот.
14 Зашто Господ нема да го отфрли Својот народ и не ќе го напушти Своето наследство;
15 зашто правдата ќе и биде досудена на справедливоста, и по неа ќе одат сите со чисти срца.
16 Кој ќе стане, за мене, против злосторникот? Кој ќе се заземе за мене, против злочинците?
17 Ако Господ не ми помагаше, брзо ќе слезев во место на тишина.
18 Штом помислам: „Ногата ми се подлизнува,” о Господи, Твојата добрина ме потпира.
19 Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата.
20 Зар е безбожното судилиште во Сојуз со Тебе, кога создава неправда со помош на законот?
21 Само нека ја притискаат душата на праведниот, нека осудуваат невина крв.
22 Господ ми е тврдина, Бог – засолниште на моето прибежиште.
23 Ќе им плати за нивното беззаконие, ќе ги истреби со нивната злоба, ќе ги истреби Господ, нашиот Бог.
Псалм 95
1 Дојдете, да Му запееме на Господа, да Му воскликнуваме на Тврдината, на Својот Спасител!
2 Да застанеме пред Неговото лице со благодарности, да Му воскликнуваме со песни!
3 Зашто величествен е Господ, нашиот Бог, велик Цар над сите богови.
4 Во Неговите раце се земските длабочини, Негови се планинските височини.
5 Негово е морето, Тој го создаде, и копното, што го направија Неговите раце.
6 Дојдете, да се поклониме и да паднеме, да Му се поклониме на Бога, нашиот Создател.
7 Зашто Тој е наш Бог, а ние народ на Неговото пасиште, овци што Тој ги чува. О послушајте Му го гласот денес:
8 „Не бидете со тврди срца како во Мерива, како во денот кога Ме искушувавте во пустината,
9 кога вашите татковци Ме испитуваа, а иако ги видоа Моите дела.
10 Четириесет години ме јадосуваше тоа поколение, па реков: Народ се со непостојано срце, и не врват по Моите патишта.
11 Затоа се заколнав во Мојот гнев: Никогаш нема да влезат во Мојот покој!”
Псалм 96
1 Пејте Му на Господа нова песна! Пеј Му на Господа цела земјо!
2 Пејте Му на Господа, благословувајте Го Неговото име! Проповедајте го од ден на ден, Неговото спасение,
3 кажувајте им ја на многубошците Неговата слава, на сите народи Неговите чуда.
4 Зашто Господ е велик, предостоен за фалба, пострашен е од сите богови!
5 Ништожни се сите богови на народите. Господ ги создаде небесата!
6 Пред него се: славата и величието, силата и красотата во Неговото Светилиште.
7 Дајте Му на Господа, племиња на народите, дајте Му на Господа, слава и сила!
8 Дајте Му ја на Господа славата на Неговото име! Принесете жртви и влезете во Неговите дворови,
9 поклонете Му се на Господа во сјајот на Неговата светост. Трепери пред Неговото лице, цела земјо!
10 Нека се зборува меѓу многубошците: „Господ царува!” Затоа вселената е цврста и нема да се измести, праведно управува со народите.
11 Веселете се, небеса, и радувај се земјо! Нека шуми морето и што е во него!
12 Нека се радува полето и што е во него, нека пеат радосно горските дрвја,
13 пред Господа, зашто доаѓа, зашто доаѓа да и суди на земјата. Ќе му суди на светот со правда и на народите според Својата вистина.
Псалм 97
1 Господ царува: нека се радува земјата; нека се веселат многубројните острови!
2 Облак и темнина Го обвиваат наоколу; правдата и судот се основа на Неговиот престол.
3 Оган оди пред Него и ги изгорува Неговите непријатели отсекаде.
4 Секавиците Му ја осветлуваат вселената, земјата го гледа тоа и трепери.
5 Планините се топат, пред Господа, како восок, пред Владетелот на целата земја.
6 Небесата ја навестуваат Неговата правда, сите народи ја гледаат Неговата слава.
7 Нека се засрамат сите што се поклонуваат пред слики и кои се фалат со идоли. Поклонете Му се, сите богови!
8 Сион слуша радосно, и Јудините ќерки извикуваат весело, заради Твоите судови, о Господи!
9 Зашто Ти си, о Господи, Сèвишен над целата земја, високо, високо, над сите богови.
10 Господ ги љуби оние, кои го мразат злото, Тој ги чува душите на Своите свети, ги избавува од рацете на нечесните.
11 Светлината се излева врз праведникот и радост за чистите во срцето.
12 Радувајте се, праведници, во Господа, славете Го Неговото свето Име.
Псалм 98
1 Воспејте Му на Господа нова песна, зашто направи чудесни дела. Неговата десница и Неговата света мишка Му извојуваа победа.
2 Господ го објави Своето спасение, ја откри Својата правда пред народите.
3 Си спомна за милоста и верноста кон Израелевиот Дом. Сите краишта на земјата го видоа спасението на нашиот Бог.
4 Воскликни Му на Господа, цела земјо; радувај се, викај весело и пеј!
5 Запејте Му на Господа со псалтир, со псалтир и со глас на псалмопеење;
6 со звуците на трубите и роговите: викајте радосно пред Царот – пред Господа!
7 Нека шуми морето и што е во него, земјата и нејзините жители!
8 Нека ракоплескаат реките, нека се радуваат ридовите, заедно со нив!
9 Зашто Господ доаѓа, доаѓа да и суди на земјата. Ќе и суди на вселената по правда и на народите по правина.
Псалм 99
1 Господ царува – нека треперат народите; седи над херувите, нека се потресе земјата!
2 Господ е велик на Сион, возвишен над сите народи.
3 Нека го слават Твоето велико и страшно име: тоа е свето!
4 Ти си моќен Цар, Кој љубиш што е право, Ти ја утврди праведноста; Ти извршуваш правда и справедливост во Јакова.
5 Возвишувајте Го Господа, нашиот Бог, поклонувајте се пред Неговото подножје. Тоа е свето.
6 Мојсеј и Арон, меѓу Неговите свештеници, и Самоил, меѓу оние кои го повикуваат Неговото име: Го викаа Господа, и Тој ги послуша.
7 Им зборуваше од облачен столб; ги слушаа Неговите заповеди и повелбите што ги даде.
8 Господи, Боже наш, Ти ги послушуваше; Ти беше Бог кој им простува, иако ги казнуваше нивните гревови.
9 Возвишувајте Го Господа, нашиот Бог, почитувајте Го во Неговата Света Гора, зашто Господ нашиот Бог, е свет.
Псалм 100
1 Воскликнувај Му на Господа, цела земјо!
2 Служете Му на Господа со веселба! Дојдете пред Неговото лице со радосни извикувања!
3 Знајте дека Господ е Бог: Тој нè создаде, и ние сме Негови, Негов народ сме и овци на Неговото пасиште.
4 Влезете: со благодарници во Неговата врата; со песни во Неговите дворови; фалете Го, славете Му Го името!
5 Зашто Господ е благ, Неговата милост е довека, Неговата вистина од род до род.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.