ПСАЛМ ОД 81 ДО 90

Псалм 81
1 За началник на пејачи. На гетска свиралка. Асафов псалм. Пејте Му радосно на Бога, на нашата сила, пејте Му радосно на Јакововиот Бог!
2 Нека зазвучат жиците, нека се чуе тапанчето, свирете со милозвучен псалтир!
3 Затрубете во рог при млада месечина, при нова месечина, на нашиот празник!
4 Зашто тоа е Израелев закон, заповед на Јакововиот Бог.
5 Таков закон му даде на Јосифа, кога излегуваше од Египетската Земја.
6 Чув таинствено шепотење: „Го ослободив од терет неговото рамо, рацете му се слободни од кошницата.
7 При тешкотија Ме повика, и Јас те избавив; Ти одговорив од громовниот облак; те искушав при Меривските Води.
8 Слушај, Мој народе, и Јас ќе те опоменам: о, да Ме послушаш, Израеле!
9 Да нема друг бог меѓу тебе, и не клањај се на друг бог!
10 Јас Сум Господ, твој Бог, Кој те изведе од Египетската Земја: отвори ја твојата уста и ќе ја наполнам!
11 Но Мојот народ не го слушаше Мојот глас, Израел не Ме послуша.
12 Затоа го оставив на неговото окоравено срце: нека оди како што му се сака!
13 О, кога Мојот народ би Ме слушал, кога Израел би чекорел по Моите патишта,
14 брзо би ги покорил неговите непријатели, Својата рака би ја свртел против неговите противници.
15 Тие што го мразат сега, би му се додворувале, и нивната судбина би била запечатена засекогаш.
16 А Својот народ би го хранел со најдобрата пченица, и би го сител со мед од пештерите.”
Псалм 82
1 Асафов псалм. Бог стои во соборот на боговите, одржува суд среде боговите.
2 „До кога ќе судите неправедно, ќе им одите на рака на безбожниците?
3 Заштитувајте ги: бедниот и сирачето, дајте им правда на јадникот и сиромашниот!
4 Избавете го измачуваниот и слабиот, истргајте го од безбожни раце!”
5 Не сфаќаат ниту разбираат, одат во темнина: сите основи на земјата се разлулеани.
6 Навистина реков: „Вие сте богови и сите сте синови на Сèвишниот!”
7 Но ќе умрете како сите луѓе, ќе паднете како секој од големите!”
8 Боже, стани и суди ја земјата, зашто Си, со право, Господар на сите народи.
Псалм 83
1 Песна. Асафов псалм. Господи, не молчи! Боже, не премолчувај и не мирувај!
2 Зашто еве: Твоите непријатели зовреа, а Твоите мразители ја креваат главата.
3 Се заверуваат против Твојот народ и се советуваат против Твоите штитеници.
4 Зборуваат: „Дојдете да ги истребиме, за да не бидат народ, нека не се спомнува повеќе името Израел!”
5 Навистина, едногласно се советуваат и склучија сојуз против Тебе:
6 Шаторите на Едом и Исмаилците, Моавците и Агарјанците,
7 Гевал, Амон и Амалик, Филистимците со жителите на Тир.
8 И Асирците се здружија со нив, им подадоа рака на Лотовите потомци.
9 Направи им како на Мадијамците, како на Сисара и на Јавина при потокот Кисон:
10 кои загинаа близу Ен-Дор и станаа гној за нивите.
11 Направи ги нивните кнезови како Орив и Зив, сите нивни водачи нека бидат како Зевеј и Салман,
12 што викаа едногласно: „Да ги освоиме Божјите краишта!”
13 Дај, О Боже, да бидат како завиорен прав, како плева што ветерот ја носи.
14 Како што огнот ја голта гората, како што пламенот ги изгорува шумите,
15 гони ги така со Својата бура, исплаши ги со Својот виор!
16 Покри им го лицето со срам, за да го бараат Твоето име, Господи!
17 Нека се засрамат и плашат засекогаш, нека се срамат и нека изгинат!
18 Нека знаат: Ти си, Чие Име е – Господ! Единствен, Сèвишен на целата земја.
Псалм 84
1 За началник на пејачи. На гетски свиралки. За Корееви синови. Псалм. Колку се мили Твоите живеалишта, Господи над Воинствата!
2 Мојата душа гине и копнее по Господовите дворови. Моето срце и моето тело извикуваат кон живиот Бог.
3 И врапчето си наоѓа живеалиште и ластовичката гнезденце, каде ќе ги положи своите пилиња: Твоите жртвеници, Господе, над Воинствата, Царе мој, и Боже мој!
4 Блажени се оние што престојуваат во Твојот дом, славејќи Те непрекратно!
5 Блажен е човекот, чија сила е во Тебе, додека се подготвува за свети патишта!
6 Минуваат ли низ сува долина, ја претворуваат во извор на вода, и првиот дожд ја облекува со благослов.
7 Минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога во Сион.
8 Господи, Боже над Воинствата, чуј ја мојата молитва, послушај, Јаковов Боже!
9 Ете, о Боже, штиту наш, погледај го лицето на Својот помазаник!
10 Вистина, еден ден во Твоите дворови подобар е од илјада други. Повеќе сакам да стојам на прагот на Домот на мојот Бог, отколку да живеам во шаторите на грешниците.
11 Господ, Бог, е сонце и штит: Тој дава благодат и слава. Не им ускратува Господ добра на оние што одат во невиност.
12 Господи над Воинствата, блазе му на оној што се надева на Тебе.
Псалм 85
1 За началникот на пејачите. За Корееви синови. Псалм. Господ ја засака пак Својата земја, кон добро ја заврте Јакововата судбина.
2 Му ги прости беззаконијата на Својот народ, ги покри сите негови гревови.
3 Ја воздржа сета Своја лутина, се откажа од Својот распален гнев.
4 Обнови нè Боже, Спасителе наш, и отфрли ја зловолјата против нас!
5 Зар ќе се гневиш довека на нас! Преносувајќи ја Својата насрденост од род на род?
6 Зар нема да нè оживееш пак, за да се радува Твојот народ во Тебе?
7 Господи, покажи ни ја Својата милост и дај ни го Своето спасение.
8 Да го послушам тоа што ми зборува Господ Бог: зашто Тој ќе им зборува за мир: на својот народ, на Своите избраници, но нека не се свртат пак кон безумие.
9 Навистина, близу е Неговото спасение за оние што се бојат од Него, и Неговата слава ќе живее во нашата земја.
10 Љубовта и вистината ќе се состанат, правдата и мирот ќе се прегрнат.
11 Вистината ќе никнува од земјата, правдата ќе гледа од небесата.
12 Да, Господ ќе даде добро, а нашата земја својот плод.
13 Правдата ќе врви пред Него, и ќе направи пат за Неговите стапки.
Псалм 86
1 Давидова молитва. Господи, приклони го Своето уво и услиши ме, зашто сум беден и немоќен.
2 Чувај ја мојата душа, зашто сум Ти посветен на Тебе; спаси го Твојот слуга, што се надева на Тебе!
3 Ти мој Боже, о Господи, смилувај ми се, зашто постојано викам кон Тебе.
4 Развесели ја душата на Својот слуга, зашто кон Тебе, Господи, ја издигам својата душа.
5 Зашто Ти си, Господи, добар и проштаваш со задоволство, полн си со љубов кон сите, кои Те повикуваат.
6 Чуј ја, Господи, мојата молитва, и внимавај на гласот на мојот повик.
7 Во ден на неволја Те призовувам Тебе, зашто ќе ме послушаш.
8 Ти нема рамен меѓу боговите, Господи, нема дела какви што се Твоите.
9 Сите народи, што ги создаде, ќе дојдат и ќе Ти се поклонуваат о Господи, и ќе го прославуваат Твоето име.
10 Зашто Ти си величествен и правиш чудеса: Ти си Единствен Бог.
11 Научи ме на Својот пат, Господи, за да одам верен кон Тебе, обедини го моето срце, да се бои од Твоето име!
12 Ќе Те фалам Господи, мој Боже, со сето свое срце, ќе го славам Твоето име довека.
13 Зашто е изобилна Твојата љубов кон мене, ја истрга мојата душа од длабочините на Подземјето.
14 О Боже, гордите се кренаа против мене, многу силници го дебнат мојот живот, и Те немаат Тебе пред очите.
15 Но Ти си, Господи Боже, милостив и благ, спор на гнев, обилен во љубов и вистина.
16 Погледај на мене и смилувај ми се; дај му ја Твојата сила на Твојот слуга и спаси го синот на Твојата слугинка!
17 Дај ми милостиво знак на Твојата наклоност, за да видат моите мразители и да се засрамат, зашто Ти ми помогна, Господи, Ти ме утеши.
Псалм 87
1 За Корееви синови. Псалм. Песна. Неговите основи се на светите гори. Господ ги љуби
2 Сионските Врати повеќе отколку сите Јаковови шатори.
3 Убавини се зборуваат за тебе, Божји граде!
4 „Ќе ги вбројам Раав (Египет) и Вавилон, меѓу оние што ме почитуваат; ете, Филистеј и Тир и етиопскиот народ – и тие се родени таму.”
5 За Сион се зборува: „Овој и оној е роден во него; Сèвишниот го утврдува!”
6 Господ ќе запише во книгата на народите: „Овие се родени таму.”
7 И ќе пеат играјќи коло: „Сите мои извори се во Тебе!”
Псалм 88
1 Песна. Псалм. За Корееви синови. За началникот на пејачите на Махалат за понизност за пеење. Учење на Еман Езрахит. Господи, Боже на моето спасение, дење викам, а ноќе тажам пред Тебе.
2 Нека стигне мојата молитва до Тебе, приклони го Своето уво кон мојот повик.
3 Зашто мојата душа е наситена од страдања, мојот живот наближува кон Подземјето.
4 Ме вбројуваат кон оние, што слегуваат во гроб, станав сличен на немоќниот.
5 Моето легло е меѓу мртвите, како убиените што лежат во гробот, за кои веќе не се сеќаваш, од кои ја тргна раката.
6 Ме смести во длабока јама, во темнини, во бездна.
7 Тешко ме притиска Твојот гнев, и со сите Свои бранови ме прекриваш.
8 Ги оддалечи од мене моите познати, направи да им бидам гнасен: затворен сум, не можам да излезам.
9 Очите ми гаснат од тага: викам кон Тебе, Господи, секој ден, кон Тебе ја пружам раката.
10 Зар над мртвите ќе правиш чудеса? Зар сенките ќе станат и ќе Те фалат?
11 Зар во гробот се раскажува за Твојата милост? За Твојата вистина во Гибелта?
12 Зар во темнина се објавуваат Твоите чудеса и Твојата правда во Заборавот?
13 Сепак, јас викам кон Тебе, Господи, пред мугрите, со молитва Те претекнувам.
14 Зошто, Господи, ја отфрлаш мојата душа? Зошто го криеш лицето од мене?
15 Беден сум и умирам веќе од детството, изнемоштев, носејќи ги Твоите морничавости.
16 Преку мене минаа виорите на Твојот гнев, Твоите стравотии ме засекоа,
17 секој ден, ме опкружуваат како вода, сите заедно ме обиколуваат.
18 Ги оддалечи од мене: пријателот и другарот, мракот ми е единствен познаник.
Псалм 89
1 Учење на Етан Езрахит. За Господовата љубов ќе пеам довека, Твојата вистина ќе ја проповедам низ сите поколенија.
2 Зашто реков: „Мојата љубов е создадена засекогаш!” Својата вистина ја втемели на небото:
3 „Склучив Завет со Својот избраник, Му се заколнав на Својот слуга Давид:
4 ќе го утврдам Твоето потомство довека, ќе го создадам твојот престол за сите родови.”
5 Небесата ги величаат Твоите чудеса, Господи, и Твојата верност во собранието на светите.
6 Зашто кој Му е рамен на Господа во облаците? Кој Му е сличен на Господа меѓу Божјите синови?
7 Бог е стравичен во собранието на светите, велик и страшен за сите околу Себе.
8 Господи, Боже над Воинствата, кој е како Тебе? Силен Си, Господи, и вистината Те опкружува.
9 Ти му заповедаш на бурното море, ја скротуваш силата на неговите бранови;
10 Ти го сосече и го згази Раав, со силна мишка ги распрсна Твоите непријатели.
11 Твои се небесата и Твоја е земјата, Ти го создаде земниот круг и сè што е на него;
12 Ти создаде север и југ, Тавор и Ермон се радуваат на Твоето име.
13 Твојата мишка е силна, раката цврста, десницата крената.
14 Правдата и справедливоста се основа на Твојот престол, љубовта и вистината чекорат пред Тебе.
15 Блазе му на народот свикнат со светите воскликнувања, тој оди во сјајот на Твоето лице, Господи.
16 Секогаш се радува во Твоето име, и со Твојата правда се воздига.
17 Зашто Ти си слава на неговата сила, по Твоја милост расте нашата сила.
18 Зашто Господ е наш штит, Израелевиот Светец е наш Цар.
19 Некогаш во видение им зборуваше на Своите свети: „На јунакот му ставив круна на главата, го издигнав избраникот од народот;
20 го најдов Давида, Својот слуга, го помазав со Своето свето масло,
21 за да остане Мојата рака секогаш со него и Мојата мишка да го крепи.
22 Нема да го надмудри непријател, ниту да го превали синот на беззаконието.
23 Ќе ги разбијам пред него неговите противници, ќе ги погубам неговите мразители.
24 Мојата верност и Мојата добрина ќе бидат со него, и во Мое име ќе му расте силата.
25 Ќе ја испружам неговата рака до морето, неговата десница до Реката.
26 Тој ќе Ме вика: *Татко мој! Боже мој и карпа на моето спасение.*
27 А Јас ќе го направам првороденец, најголем меѓу царевите на светот.
28 За него ќе ги запазам довека: Мојата милост и Мојот верен Сојуз.
29 Ќе го направам вечно неговото потомство, и неговиот престол како небесен ден.
30 Ако неговите синови го остават Мојот Закон и не одат според Моите наредби;
31 ако ги престапат Моите одредби и не ги чуваат Моите заповеди;
32 со прачка ќе го казнам нивното недело, со лути ударци нивната вина,
33 но нема да му ја одземам Мојата наклоност, ниту ќе ја прекршам Мојата вистина.
34 Нема да го нарушам Мојот Завет и не ќе го одречам Моето ветување.
35 Еднаш се заколнав во Мојата светост: нема да го измамам Давида.
36 Неговото потомство ќе остане довека, неговиот престол, пред Мене, како сонце.
37 Ќе остане довека како месечина, верен сведок на небото.”
38 А сега Ти го одби и го отфрли, многу се разгневи на својот помазаник.
39 Го презре Сојузот со Твојот слуга, и ја понизи до земја неговата круна.
40 Ги разурна сите негови ѕидови, ги фрли во урнатини неговите тврдини.
41 Го ограбуваат сите што ќе поминат, стана за исмејување на своите соседи.
42 Ја подигна десницата на неговите напријатели, и ги зарадува неговите противници.
43 Ја затапи острицата на неговиот меч, не му помогна во бојот.
44 Му стави крај на неговиот блесок, го обори на земја неговиот престол.
45 Ги скрати дните на неговата младост, го покри со срам.
46 До кога, Господи? Зар ќе се криеш секогаш? Дали Твојот гнев ќе гори како оган?
47 Спомни си колку е краток мојот живот, во каква суета ги создаде сите човечки синови.
48 Кој жив не ќе ја види смртта? Кој ќе ја запази душата од раката на Подземјето?
49 Каде е, Господи, Твојата исконска добрина, со која му се заколна на Давида, за Својата верност?
50 Сети се, Господи, за срамот на своите слуги: во срцето ја носам сета омраза на многубошците,
51 со која се нафрлаат Твоите непријатели, Господи, со која се нафрлаат на чекорите на Твојот помазаник.
52 Благословен да е Господ довека! Нека биде така. Амин.
Псалм 90
1 Молитва на Мојсеј, Божји човек. Господи, Ти ни беше засолниште од род до род.
2 Пред да се родат планините, пред да суштествуваат копното и земскиот круг, од век до век, Боже, Ти си!
3 Смртниците ги враќаш во прав и велиш: „Вратете се, човечки чеда!”
4 Зашто илјада години во Твоите очи се: како вчерашниот ден што помина и како ноќната стража.
5 Ги растеруваш како утрински сон, тие се како трева, што се зеленее:
6 наутро цвета и сета се зеленее, а навечер се суши и вене.
7 Навистина, Твојот гнев нè подјадува и нè збунува Твојата лутина.
8 Нашите гревови ги стави пред Твоите очи, нашите потајни беззаконија во светлината на Твоето лице.
9 Зашто сите наши денови минаа со Твој гнев, како воздишка ги завршивме своите години.
10 Збирот на нашиот живот е седумдесет години, ако сме силни, и осумдесет; а повеќето од нив се мака и ништожност: зашто минуваат брзо, и ние летаме оттука.
11 Кој ќе ја мери жестокоста на Твојот гнев? Кој ќе проникне во Твојата лутина?
12 Научи нè да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце.
13 Врати се при нас, Господи! Па до кога? Биди им милостив на Своите слуги!
14 Насити нè наутро, со Својата милост, за да се радуваме и да се веселиме во сите наши дни!
15 Зарадувај нè за дните кога нè бичуваше, за годините кога страдавме многу!
16 Нека се покаже Твоето дело врз Твоите слуги и Твојата слава врз нивните деца.
17 Нека биде над нас добрината на Господа, нашиот Бог; дај ни да успее делото на нашите раце; нека успее делото на нашите раце.

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.