ПСАЛМ ОД 71 ДО 80

Псалм 71
1 Господи, на Тебе се надевам, не оставај, никогаш да се засрамам!
2 Избави ме во Својата правда и спаси ме; наведни го увото и спаси ме!
3 Биди ми закрила на засолниште и цврста тврдина на спасението зашто Ти Си моја стена и тврдина.
4 Боже мој, истргај ме од рацете на злотворот, од рацете на силникот и угнетувачот:
5 зашто, Ти Си, Господи, моја надеж, Господи, надеж од мојата младост!
6 На Тебе се потпирам од раѓањето; Ти Си ми заштитник од мајчиното крило: на Тебе пеам секогаш.
7 За мнозина станав чудо, зашто Ти ми беше силна помош.
8 Мојата уста беше полна со Твојата фала, Те славеше секој ден!
9 Не ме отфрлај на старост: не ме оставај, кога ќе ми се намали силата.
10 Зашто моите непријатели зборуваат за мене, и кои ме дебнат, се советуваат сложно:
11 „Бог го напушти; гонете го и фатете го, зашто нема кој да го спаси!”
12 О Боже, не стој далеку од мене, Боже мој, поитај ми на помош!
13 Нека се засрамат и пропаднат кои го бараат мојот живот; нека се покријат со укор и срам оние, што ми сакаат зло!
14 А јас ќе се надевам секогаш, ќе Те фалам сè повеќе, и повеќе.
15 Со устата ќе ја проповедам Твојата правда, постојано Твоето спасение, зашто не им го знам бројот.
16 Ќе раскажувам за Господовата сила, Господи, ќе ја славам само Твојата праведност.
17 Боже, Ти ми беше учител од мојата младост, и сè досега ги разгласувам Твоите чудеса.
18 Ни во староста, кога ќе обелам во косата, Боже, не ме оставај; за да раскажувам за Твојата мишка на идното поколение и на сите идни поколенија, за Твојата сила.
19 И за Твојата праведност, Боже, што стига до небото, со која направи големи дела. Боже, кој е како Тебе!
20 Многу и големи трпенија фрли врз мене: но Ти ќе ме оживиш пак и пак ќе ме кренеш од длабочината на земјата.
21 Зголеми го моето достоинство и утеши ме пак!
22 А јас, со псалтир, ќе ја славам Твојата верност, о Боже, ќе Ти свирам со лира, Израелев Светец!
23 Моите усни ќе воскликнуваат пеејќи Ти, и мојата душа, што ја избави.
24 И мојот јазик секогаш ќе ја слави Твојата правда, зашто се засрамени и понижени оние, што сакаат несреќа за мене.
Псалм 72
1 За Соломон. (Давидов псалм). Боже, дај му го Твоето правосудство на царот и Твојата правда на царскиот син.
2 За да му суди праведно на Твојот народ, на бедните според праведноста!
3 Нека планините му донесат мир на народот, а брежињата правда.
4 Ќе им суди право на угнетуваните, ќе им донесе спасение на децата на бедните, а насилниците ќе ги сотре.
5 Нека се бојат од Тебе, додека трае сонцето, и месечината, низ сите поколенија.
6 Ќе слезе како роса врз тревата, како дожд што ја напојува земјата!
7 Во Негово време ќе цветаат правдата и големиот мир – сè додека постои месечината.
8 И Тој ќе владее од море до море, и од Реката (Еуфрат) до границите на светот.
9 Оние што живеат во пустината, ќе клекнат пред него, и противниците ќе го лижат правот.
10 Царевите на Тарсис и на островите ќе Му донесуваат подароци, владетелите на Арабија и на Сева ќе Му донесуваат данок.
11 Сите владетели ќе Му се поклонуваат, сите народи ќе Му служат.
12 Тој ќе го спаси бедниот што воздивнува, угнетуваниот, што нема помошник;
13 ќе им се смилува на немоќниот и бедниот, и ќе му го спаси животот на страдалецот:
14 Ќе ги ослободи од неправдата и насилствата, зашто нивната крв е скапоцена во неговите очи.
15 Затоа нека живее! Нека Го даруваат со злато од Арабија, нека се молат за Него секогаш и нека Го благословуваат преку цел ден!
16 Нека има изобилство на жито во земјата, класјето по врвовите нека шуми како кедровите Либански! И нека цветаат градските жители како трева на ливадата.
17 Неговото име нека е благословено довека! Неговото име се зголемува. Додека сонцето трае, со Него ќе бидат благословувани сите племиња на земјата, сите народи ќе го наречуваат блажен!
18 Благословен да е Господ, Израелевиот Бог, Кој единствен твори чудеса!
19 И благословено да е Неговото славно име довека! Нека се исполни целата земја со Неговата слава! Така нека биде. Амин!
20 Со тоа завршуваат молитвите на Јесеевиот син Давид.
Псалм 73
1 Асафов псалм. Бог е навистина добар кон Израел, кон оние што имаат чисто срце!
2 А мене, за малку, ќе ми се сопнеа нозете, за малку ќе ми се лизнеа чекорите,
3 Зашто им завидев на злочинците, набљудувајќи го напредокот на грешниците.
4 Никакво страдање не носат, нивното тело е дебело.
5 Не живеат во маките на смртниците, не ги удираат човечките неволји.
6 Затоа гордоста е ѓердан на нивниот врат, а насилството облека што ги покрива.
7 Од здебеленоста им испакнуваат очите, таа се прелева во срцето.
8 Тие се потсмевнуваат и зборуваат злобно, со насилства се закануваат одозгора.
9 Со устата се нафрлаат врз небото, а нивниот јазик ја обиколува земјата.
10 Затоа мојот народ се враќа и пие изобилно вода,
11 Па велат: „Од каде знае Бог? Сознава ли Сèвишниот?”
12 Ете, такви се грешниците: секогаш спокојни, збираат богатство.
13 И така, дали само јас го чував напразно моето срце чисто и ги миев рацете во невиност.
14 Кога примав удари секој ден, и казна утро по утро?
15 Да речев: „Ќе зборувам како нив,” ете, би бил предавник на родот на твоите синови.
16 И размислував како да го сознаам тоа: но ми се гледаше мачно во моите очи,
17 сè додека не најдов влез во Божјото Светилиште, и го согледав каков им е свршетокот.
18 Навистина, Ти ги поставуваш на лизгава патека, ги обрнуваш во пропаст!
19 Како одеднаш, тие стигнаа во запустување, погинаа, исчезнаа од ужаси!
20 Како што човекот го презира сонот, кога ќе се разбуди, така Господи, ќе го презреш нивниот лик, штом станеш.
21 Кога мојата душа беше јадосана, а бубрезите прободени,
22 Бев безумник без разбирање, како животинче пред Тебе.
23 Но отсега секогаш ќе бидам со Тебе, зашто Ти ја прифати мојата десница:
24 ќе ме водиш според Твојот совет, за да ме земеш потоа во Својата слава.
25 Кого имам јас на небо, освен Тебе? Кога сум со Тебе, ништо не сакам на земјата.
26 Премалени ми се телото и срцето: Стено на моето срце, и мое наследство, о Боже, довека!
27 Вистина, ќе пропаднат оние, што се оддалечуваат од Тебе, го истребуваш секој, што ќе Те изневери.
28 А за мене милина е да бидам во Божја близина, да имам свое засолниште во Тебе, Господи Боже. Ќе ги проповедам сите Твои дела.
Псалм 74
1 Асафово учење. Боже зошто нè отфрли засекогаш, зошто врие Твојот гнев против овците на Твоето пасиште?
2 Спомни си за собранието што го придоби одамна, племињата што ги искупи како Свое наследство, и Сионските Планини, каде што си Се населил.
3 Зачекори кон вечните урнатини; непријателот разори сè во Светилиштето.
4 Твоите противници викаа на средина на Твоето собрание, своите знаци ги поставија како знаци на победата.
5 Беа како оние што мавтаат со секира по густи шуми.
6 И сега со секира и чекан ги кршеа резбите.
7 Го предадоа на оган Твоето Светилиште, го онечистија до земја Живеалиштето на Твоето име.
8 Рекоа во своето срце: „Ги истребивме заедно; изгорете ги сите Божји светилишта на земјата!”
9 Не ги гледавме своите знаци, нема веќе пророци, и никој меѓу нас не знае до кога…
10 О Боже, уште до кога непријателот ќе се потсмева? Дали непријателот ќе го презира Твоето име довека?
11 Зошто ја повлекуваш раката и зошто ја криеш во крило Својата десница? Оттргни ја од своето крило, погуби ги!
12 Но, Бог е мој Цар од древноста, Тој, Кој спасува среде земјата!
13 Ти, со Својата сила, го расече морето, ги смачка главите на морските чудовишта, во водите.
14 Ти му ги скрши главите на Левијатана! Го даде за храна на народите пустински.
15 Ти овозможи да потечат извор и буица, Ти ги пресуши непресушливите реки.
16 Денот е Твој и ноќта е Твоја, Ти ги зацврсти месечината и сонцето;
17 Ти ги создаде сите граници на земјата, Ти ги создаде летото и зимата.
18 Спомни си за ова: Господи, непријателите Ти се потсмеваа, и безумен народ го похули Твоето име.
19 Не предавај му го на јастребот животот на грлицата Твоја, и не заборавај го никогаш животот на Твоите сиромаси!
20 Погледај на Својот Завет, зашто темните катчиња на земјата се полни со живеалишта на насилства.
21 Не оставај угнетуваниот да замине засрамен: нека бедниот и немоќниот Го фалат Твоето име!
22 Стани, Боже, заземи се за Своето дело, спомни си за навредата што безумникот Ти ја нанесува секој ден.
23 Не заборавај го гласот на Своите непријатели: вревата на бунтовниците уште се крева кон Тебе!
Псалм 75

1 За началник на пејачи. Не погубувај! Асафов псалм. Песна. Те славиме Боже, Те славиме, и го повикуваме Твоето име, ги проповедаме Твоите чудеса.
2 „Кога ќе го одредам времето, ќе судам право.
3 Па нека се стресе земјата со сите свои жители, Јас ги зацврстив нејзините столбови.
4 Ги опоменувам дрските: *Не бидете дрски!* Безбожниците: *Не бидете толку рогливи!
5 Не кревајте го својот рог против небото, не зборувајте дрско и тврдоврато!*”
6 Зашто издигањето не доаѓа ниту од исток ниту од запад, ниту пак од пустината.
7 Бог е Кој суди: овој го понижува, оној го возвишува!
8 Зашто во Господовата рака е чашата полна со пенушливо вино, добро измешано; Тој напојува од неа, до капка ќе ја испијат и ќе ја исцедат сите злосторници на земјата.
9 А јас ќе извикнувам радосно довека, ќе Му пеам на Јакововиот Бог.
10 Ќе им ги скршам роговите на безбожниците, а роговите праведнички ќе бидат возвишени.
Псалм 76
1 За началник на пејачи. На жичани свиралки. Асафов псалм. Песна. Бог е познат во Јудеја, Неговото име е величествено во Израел!
2 Неговото живеалиште е во Салим, а престојувалиштето на Сион.
3 Тој ги искрши таму: огнените стрели на лаковите, штитовите, мечевите, и оружјето бојно.
4 Блескав си од светлина, повеличествен од древните планини.
5 Ограбени се оние што имаа тврдо срце, и го сонуваат својот сон – им онемоштија рацете на сите храбри.
6 Од Твојата закана, Боже Јаковов, се скаменија колите и коњите.
7 Ти си страшен, и кој може да опстане пред жестокоста на Твојот гнев?
8 Ја изрече пресудата од небото, земјата се стресе и занеме од страв;
9 кога Бог стана да суди, да ги спаси кротките на земјата.
10 Зашто ќе Те прославува и бесот на човекот и со остатокот на бесот Ти се завиткуваш.
11 Заветувајте се и исполнувајте ги заветите на Господа, вашиот Бог; сите, околу Него, нека му донесуваат дарови на Достојнопочитуваниот.
12 Кој ја зауздува гордоста на кнезовите, Кој е страшен за царевите на земјата.
Псалм 77
1 За првиот пејач, по Идитум. Асафов псалм. Викам кон Бога, со мојот глас, мојот глас се издига кон Бога, и Тој ме слуша.
2 Во ден на неволја Го барам Господа, ноќе, мојата рака се испружува неуморно, мојата душа не сака да се утеши.
3 Си спомнувам за Бога и воздивнувам; кога размислувам ми го снемува здивот.
4 Ги држиш моите клепки, потресен сум, не можам да зборувам.
5 Размислувам за древните дни и се сеќавам за минатите години;
6 се сеќавам, ноќе, на мојата песна, размислувам во срцето, и мојот дух испитува:
7 „Дали Господ ќе отфрли засекогаш и дали ќе биде, кога и да е, уште милостив?
8 Дали прекрати Неговата милост засекогаш, пропадна ли Неговото ветување за сите поколенија?
9 Заборави ли Бог да биде благодатен, или гневен ја затвори Својата милост?”
10 И говорам: „Ова е мојата болка: се измени десницата на Сèвишниот.”
11 Си спомнувам за Господовите дела, се сеќавам за Твоите древни чудеса.
12 Ги набљудувам сите Твои дела, го разгледувам она што го направи.
13 О Боже, свет е Твојот пат; кој бог е толку голем како нашиот Бог?
14 Ти си Бог, Кој твориш чудеса, врз народите ја покажа Својата сила.
15 Со мишката го избави Својот народ, Јакововите и Јосифовите синови.
16 Водите Те видоа, Боже, водите Те видоа и се повлекоа, бездните се разбрануваа.
17 Облаците истурија поројни води, облаците зататнија со гром, и Твоите стрели полетаа.
18 Твојот грмеж се заори во виорот, секавиците ја осветлија вселената, земјата се стресе и се разниша.
19 Низ морето Тебе Ти се отвори пат и Твојата патека низ големи води, а Твоите траги никој не ги виде.
20 Ти го водеше Твојот народ, како стадо, со рацете на Мојсеја и на Арона.
Псалм 78
1 Асафово учење. Послушај го, народе Мој, Мојот закон, приклони ги своите уши кон зборовите на Мојата уста!
2 Ќе ја отворам својата уста за поука, ќе ги изнесам тајните од древните времиња.
3 Она што чувме и научивме, што ни раскажуваа татковците,
4 не ќе го криеме од нивните деца, ќе го предадеме на идното поколение: Господовата слава и Неговата сила, и чудесните дела што ги направи.
5 Тој постави сведоштво за Јакова, положи Закон во Израел: Тоа што им го заповеда на нашите татковци, тие да му го соопштат на своите деца,
6 за да знае идното поколение, и синовите што ќе се родат, да им раскажуваат на своите деца,
7 својата надеж да ја положат на Бога и да не ги забораваат Божјите дела, туку да ги исполнуваат Неговите заповеди,
8 и да не бидат – како нивните татковци – упорно и непокорно поколение. Поколение непостојано со срцето и со духот неверно на Бога.
9 Ефремовите синови, воини со лакови, ги свртија плеќите во денот на битката.
10 Не го додржаа Заветот со Бога и не сакаа да одат според Неговиот Закон.
11 Ги заборавија Неговите дела, чудата што им ги покажа.
12 Пред нивните очи правеше знаци во Египет, во Полето Зоан.
13 Тој го раздвои морето и ги преведе, ги издигна водите како насип.
14 Дење ги водеше со облакот, а цела ноќ со блескав оган.
15 Расцепи карпа во пустината и ги напои изобилно како од бездните.
16 Извади потоци од стената, и направи да протечат води како големи реки.
17 А тие продолжуваа да грешат, го огорчуваа Сèвишниот во пустината.
18 Го искушуваа Бога во своите срца, барајќи јадења за својата лакомост.
19 Зборуваа против Бога и прашаа: „Може ли Бог да стави трпеза во пустината?
20 Ете, Тој ја удри карпата, и водата потече и потоците се прелеваа: а може ли да даде леб и да му достави месо на Својот народ?”
21 Кога Господ го чу тоа, пламна со гнев: оган се распали против Јакова, гневот се разјари против Израела,
22 Зашто не Му веруваше на Бога, ниту се надеваа на Неговата помош.
23 Па му нареди, одозгора, на облакот, и ги отвори небесните брани,
24 како дожд излеа врз нив да јадат мана, и ги нахрани со небесниот леб.
25 Човекот јадеше ангелски леб; Тој им даде храна до ситка.
26 Го разбуди на небото источниот ветер, и со сета сила го доведе југот.
27 Истури врз нив месо како прав, и крилести птици како морски песок.
28 Паднаа среде нивниот логор и околу нивните живеалишта.
29 Јадеа и се наситија, тој ја исполни нивната желба.
30 Уште не се беа откажале од својата лакомост и јадењето уште им беше во устите,
31 кога Божјиот гнев се распали на нив: ги покоси со смрт нивните прваци, и ги погуби Израелевите момчиња.
32 Покрај сè тоа, грешеа натаму и не веруваа во Неговите чудесни дела.
33 И им ги приврши дните со еден здив, и нивните години со ненадежен свршеток.
34 Кога ги убиваше, Го бараа, и пак прашуваа за Бога;
35 си спомнуваа дека Бог е нивна карпа и Сèвишниот нивен Откупител.
36 Но пак Го измамуваа со својата уста и Го лажеа со својот јазик.
37 Нивното срце не беше наполно со Него, ниту беа верни на Неговиот Завет.
38 А Тој милостиво им го проштаваше гревот и не ги погубуваше; често го воздржуваше Својот гнев, за да не пламне со сета жестина.
39 Си спомнуваше дека се тело, и здив што заминува и не се враќа веќе.
40 Колку Го огорчуваа во пустината, и Го жалостеа во безводен крај!
41 Сè наново Го искушуваа Бога и Го ограничија Израелевиот Светец,
42 не спомнувајќи си за Неговата рака, ни за денот кога ги избави од непријателите,
43 ни за Неговите знаци во Египет, ни за чудесните дела во Зоанското Поле.
44 Им ги претвори реките во крв, и нивните потоци, за да не пијат.
45 Испрати стршели на нив, за да ги погубуваат.
46 И ја предаде нивната жетва на скакулците и плодот на нивната мака на гасениците.
47 Ги удри со град нивните лозја, а со мраз нивните смокварници.
48 И го предаде на град нивниот добиток, и на секавиците нивните стада.
49 Ја излеа врз нив сета жестокост на Својот гнев, на јароста, бесот и неволјата: ги испрати на нив ангелите на несреќата.
50 И отвори пат за Својот гнев: не им го поштеди животот од смртта, го предаде на помор нивниот живот.
51 Порази во Египет сè првородено, првенците во Хамовите шатори.
52 И го поведе Својот народ како овци, и ги водеше како стадо низ пустината.
53 Ги водеше безопасно и не се плашеа, а морето ги покри нивните непријатели.
54 Тој ги одведе во Својата Света Земја, на бреговите што ги освои Неговата десница.
55 Пред нив ги истера многубошците, со јаже им го подели наследството, ги насели израелските племиња под нивните шатори.
56 А тие го искушуваа и Го гневеа Сèвишниот Бог и не ги исполнуваа Неговите заповеди.
57 Отпаднаа, изневерија, како нивните татковци, затаија како неверен лак.
58 Го принудија со своите високи места, Го поттикнуваа на завист со своите идоли.
59 Бог виде и пламна со гнев, го отфрли целосно Израел.
60 И го напушти Своето престојувалиште во Силом, шаторот во кој живееше меѓу луѓето.
61 И ја предаде во ропство Својата Сила, и Својата Слава во непријателски раце.
62 Го предаде на меч Својот народ, се разгневи на Своето наследство.
63 Огнот ги проголта нивните момчиња, нивните девици не се омажија.
64 Нивните свештеници паднаа од меч, не заплакаа нивните вдовици.
65 Тогаш, Господ се тргна како од сон, како Воин совладан од вино.
66 Ги удри Своите непријатели, ги одби назад, им зададе вечен срам.
67 Тој го отфрли Јосифовиот шатор и не го избра Ефремовото племе,
68 туку го избра Јудиното племе и гората Сион, што му замиле.
69 Изгради Светилиште високо како небото, го утврди довека како земјата.
70 Го избра Својот слуга Давид, го зеде од кошарите на овците;
71 го одведе од овците доилки, за да го пасе Јакова, Неговиот народ, и Израел, Неговото наследство.
72 И ги пасеше со честито срце и ги водеше со грижливи раце.
Псалм 79
1 Асафов псалм. Боже, незнабожците, ете, навлегоа во Твоето наследство, го запустија Твојот Свет Храм, го претворија Ерусалим во урнатини.
2 Мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа за храна на небесните птици, месото на Твоите свети на земските ѕверови.
3 Им ја пролеваа крвта како вода околу Ерусалим, и немаше никој, за да ги погребе.
4 Станавме за срам пред своите соседи, присмев и ругање за сите околу нас.
5 До кога уште, Господи? Зар ќе се гневиш секогаш? Зар Твојата ревност ќе гори како оган?
6 Излеј го гневот врз незнабожците, што не Те признаваат, и врз царствата што не го повикуваат Твоето име!
7 Зошто го изедоа Јакова и го опустија неговото престојувалиште.
8 Не спомнувај си, против нас, за беззаконијата на татковците, нека нè испревари Твојата милост, зашто сме јадни и неволни.
9 Помогни ни, Боже, наше спасение, заради славата на Своето име, ослободи нè и прости ни ги гревовите заради Своето име!
10 Зошто незнабожците да зборуваат: „Па каде е нивниот Бог?” Нека се покаже врз многубожците, пред нашите очи, како ја одмаздуваш пролеаната крв на Своите слуги!
11 Нека стигнат до Тебе воздишките на затворениците, со силата на Своите мишки запази ги осудените на смрт!
12 А на нашите соседи врати им ја седмократно, во пазувите, хулата што Ти ја нанесоа Тебе, о Господи!
13 А ние, Твојот народ и овци на Твоето пасиште, ќе Те славиме довека, ќе ја разгласуваме Твојата фала, од род на род!
Псалм 80
1 За началник на пејачи. На свиралката: Шошаним-Едут. Асафов псалм. Израелев Пастиру, послушај, Ти што го водиш Јосифа, како стадо овци! Ти што седиш над херувите, заблескај.
2 Пред Ефрема, Венијамина и Манасија: разбуди ја Својата сила, дојди ни напомош!
3 Боже, обнови нè, разведри го Своето лице и спаси нè!
4 Господи, Боже над Воинствата, до кога ќе пламнуваш, иако Твојот народ се моли?
5 До кога ќе нè храниш со лебот на солзите, и ќе нè напојуваш изобилно со солзи?
6 До кога нашите соседи ќе се препираат за нас, и ќе ни се ругаат нашите непријатели?
7 Боже над Воинствата, обнови нè, разведри го Своето лице и спаси нè!
8 Ти ја пренесе лозата од Египет, ги истера нечистите, а неа ја засади.
9 Ти и подготви почва, и таа пушти корења и ја наполни земјата.
10 Сенката и ги покри бреговите, гранките и станаа како Божји кедрови.
11 Своите млади прачки ги испружи до морето и своите ластари до Реката.
12 Зошто и ја сруши оградата, за да ја берат сите што минуваат патем,
13 да ја запустува дивинита од гората, да ја пасат полските ѕверови?
14 Врати се, Боже над Воинствата, погледај од небото и види, посети го ова лозје:
15 заштити го тоа што го засади Твојата десница, синот кого го воспита за Себеси!
16 Тие што ја изгореа и исекоа, нека загинат од заканувањето на Твоето лице!
17 Твојата рака нека биде над човекот на Твојата десница, над човечкиот син, кого го воспита за Себеси!
18 Не ќе се одметнуваме повеќе од Тебе; поживи нè, а ние ќе го повикуваме Твоето име.
19 Господи, Боже над Воинствата, обнови нè! разведри го Своето лице и спаси нè!

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.