ПСАЛМ ОД 61 ДО 70

Псалм 61
1 За началник на пејачи. За жичана свиралка. Давидов псалм. О Боже, чуј го мојот вик, слушај ја мојата молитва!
2 Од крајот на земјата, викам кон Тебе; зашто моето срце ми премира: ќе ме кренеш врз карпата која е повисоко од мене.
3 Зашто Ти си ми прибежиште, цврста тврдина против непријателите.
4 О да можам да живеам секогаш во Твоето Живеалиште, да се засолнам под Твојата закрила!
5 Зашто, Ти, Боже, ја послуша мојата молба, ми даде наследство како на оние, што го почитуваат Твоето име.
6 Придај дни кон деновите на царот, нека му трајат годините низ многу родови,
7 нека царува, пред Бога довека; испрати ги добрината и верноста да го чуваат!
8 Така ќе го славам секогаш Твоето име, секојдневно ќе ги извршувам своите завети.
Псалм 62
1 За началник на пејачи, по Едутуна. Давидов псалм. Душо моја, мирот е само во Бога, спасението е само во Него.
2 Само Тој е моја заштита и спасение, Тврдина моја: нема да се поколебам.
3 До кога ќе се нафрлате врз бедниот, за да го сотрете сите заедно, како разурнат ѕид или навалена ограда?
4 Се заверија да ме фрлат од мојата висина, уживаат во лага; благословуваат со устата, а колнат со срцето.
5 Душо моја, мирот е само во Бога, мојата надеж е само на Него.
6 Само Тој е моја заштита и спасение, Тврдина моја: нема да се поколебам.
7 Во Бога е моето спасение и слава; Бог ми е силна карпа и прибежиште.
8 Надевај се на Него, народе, во секое време, излевајте ги срцата пред Него: Бог е наше засолниште!
9 Синовите на луѓето се суетни, лага се човечките синови: Сите да застанат на мерилка, ќе бидат полесни од суетата.
10 Не се надевајте на насилие, ниту се фалите суетно со ограбеното; ако ви се зголеми богатството, вашето срце нека не се прилепи кон него.
11 Бог рече едно, а јас чув две: „Силата е во Бога!”
12 Господи, во Тебе е добрината! Ти му враќаш секому според делата.
Псалм 63
1 Давидов псалм, кога бил во Јудејска пустина. О Боже, Ти си мој Бог: горливо Те барам Тебе; Мојата душа жеднее по Тебе, моето тело копнее по Тебе, како сува, жедна и безводна земја.
2 Те согледував Тебе во Светилиштето, гледајќи Ти ја славата и силата.
3 Твојата љубов е подобра од животот, моите усни ќе Те слават.
4 Така ќе Те благословувам додека сум жив, во Твое име ќе ги кревам рацете.
5 Мојата душа ќе биде сита како од сало и масло, ќе Те фалам со радосни усни.
6 Си спомнувам за Тебе, во постелата, размислувам за Тебе во ноќните бдеења.
7 Ти ми стана помош, радосно извикувам во сенката на Твоите крилја.
8 Мојата душа се прилепува кон Тебе, Твојата рака ме потпира.
9 Оние што ја туркаат мојата душа кон пропаст, нека слезат во длабочините на земјата,
10 нека и бидат предадени на власта на мечот, нека станат плен на лисиците.
11 А царот ќе се весели во Бога; ќе биде фален секој, кој се колне во Него, зашто ќе им биде затната устата на оние што зборуваат невистина.
Псалм 64
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Послушај го, Боже, гласот на мојата жалба, чувај ми го животот од страшен непријател!
2 Штити ме од множество лукави, скриј ме од бесот на злодејците.
3 Кои ги острат јазиците како мечеви, исфрлаат отровни зборови како стрели,
4 за да го ранат потајно невиниот, за да го ранат одненадеж, не плашејќи се од ништо.
5 Подготвени се за пакосно дело, смислуваат како да постават крадум стапици и зборуваат: „Кој ќе нè види?”
6 Измислуваат злодела, спремни сме со смислени намери: мислата и човечкото срце се длабока бездна.
7 Но Бог ги ранува со стрела, одненадеж ги прекриваат рани.
8 Сопствениот јазик ќе ги сопне, ќе бегаат од нив оние што ги гледаат:
9 сите се плашат, го слават Божјото дело и мислат за она што Тој направи.
10 Праведникот се весели во Господа, на Него се надева; и чесните извикуваат радосно со сето срце.
Псалм 65
1 За началник на пејачи. Давидов псалм за пеење. Боже, Тебе Ти припаѓа песна на Сион, пред Тебе се исполнува заветот –
2 Ти ја послушуваш молитвата. Секое тело доаѓа при Тебе.
3 Нашите гревови натежнаа, нашите престапи Ти ги очистуваш.
4 Блажен кого го избра и го зеде при Себе: тој живее во Твоите дворови. Да се наситиме со благата на Твојот дом и со светоста на Твојот Храм.
5 Чудесно нè услишуваш во Својата правда, о Боже, наше спасение, надеж на сите краишта на светот и на далечните мориња.
6 Ги утврдуваш планините со Својата јачина, препашан со сила.
7 Ги скротуваш: шумот на морето, шумот на брановите и вревата на народите.
8 Оние што живеат на крајот на земјата, се плашат од Твоите знаци; ги полниш со радост утрата и вечерите.
9 Ти ја посетуваш земјата и Ти ја напојуваш, ја збогатуваш неа многу. Божјата река се наполни со вода, Ти им обезбедуваш жито на луѓето. Вака ја подготви земјата:
10 и ги напојуваш браздите, и ги израмнуваш грутките; ја размекнуваш со дожд, и ги благословуваш посевите.
11 Ти ја овенча годината со Својата благост, плодност никнува зад Твоите стапалки.
12 Пустинските пасишта капат од изобилство, ридовите се препашуваат со радост.
13 Ливадите се китат со стада, долините се покриваат со жито; насекаде радосни воскликнувања, песна.
Псалм 66
1 За началник на пејачи. Песна. Воскликни му на Бога, сета земјо,
2 опеј ја славата на Неговото име, подај Му достојна фала.
3 Речете на Бога: „Колку се страшни Твоите дела! Непријателите Ти ласкаат, заради Твојата голема сила.
4 Целата земја нека Ти се поклонува и нека Ти пее, нека Му пее на Твоето име!”
5 Дојдете и видете ги Божјите дела: направи чуда меѓу човечките синови.
6 Тој го претвори морето во суво копно, со нозете ја пребродија реката, заради тоа да Му се радуваме!
7 Владее довека со Својата сила, Неговите очи ги набљудуваат народите, за да не се кренат бунтовни луѓе.
8 Благословувајте Го, народи, нашиот Бог, разгласувајте ја Неговата фала!
9 & дарува живот на нашата душа и не остави да ни се сопне ногата.
10 Ти нè искуша о Боже, нè искушуваше, како сребро, со оган.
11 Нè остави да паднеме во стапица, ги стисна со вериги нашите слабини.
12 Остави да ни јаваат на глава: поминавме низ оган и вода, тогаш нè изведе во изобилие.
13 Ќе влезам со паленица во Твојот дом, ќе ги исполнам заветите пред Тебе,
14 што ги ветија моите усни, што ги заветува мојата уста во неволја.
15 Ќе Ти принесам паленици од мрсно, со мирис на овни, ќе жртвувам волови и јариња.
16 Дојдете, чујте, сите, што се боите од Бога, ќе ви раскажувам што и направи на мојата душа!
17 Со својата уста Го повикав Него, со јазикот Го фалев.
18 Ако мислев зло во срцето, Господ не би послушал.
19 Но Бог ме услиши: Обрна внимание на гласот на мојата молитва.
20 Благословен да е Бог, Кој не ми ја одби молитвата, Кој не ја отстрани од мене Својата милост.
Псалм 67
1 За началник на пејачи. На жичани свиралки. Псалм. Песна. Бог да ни се смилува и да нè благослови, да нè осветли со Своето лице,
2 за да го запознае целата земја Твојот пат, сите народи Твоето спасение!
3 Нека Те слават народите, Боже, нека Те слават сите народи!
4 Нека се веселат и воскликнуваат народите, зашто им судиш на народите со правда и ги водиш народите на земјата.
5 Нека Те слават народите, Боже, нека Те слават сите народи!
6 Земјата роди плод! Бог нè благослови, нашиот Бог!
7 Да нè благослови Бог! Нека се бојат од Него сите краишта на земјата.
Псалм 68
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Песна. Нека се крене Бог! Нека се разбегаат Неговите непријатели, нека избегаат пред Него сите Негови мразители!
2 Како што исчезнува димот, нека ги снема и нив! Како што се топи восокот врз оган, така нека ги снема грешниците пред Божјото лице!
3 Нека се радуваат праведните, нека Му пеат на Бога, нека воскликнуваат од радост.
4 Пејте на Бога, славете го Неговото име! Порамнете го патот на Оној, Кој оди низ пустината, чие име е Господ – и радувајте се пред Него!
5 Татко на сирачињата, бранител на вдовиците, Бог е во Своето свето Живеалиште.
6 Бог ќе ги настани осамените во семејства, на затворениците ќе им даде среќна слобода: само бунтовниците останаа во безводната пустина.
7 Боже, кога чекореше пред Својот народ, додека поминуваше низ пустината,
8 земјата се тресеше, небото росеше пред Бога, Синај трепереше пред Бога, Израелевиот Бог.
9 Боже, Ти испрати благословен дожд на Своето наследство, го зајакна кога беше уморно.
10 Твоето стадо се насели во него, со добрина Боже, Ти го подготви за сиромашниот.
11 Господ даде слово: големо е мноштвото на радосните известители:
12 Царевите на војските бегаат и бегаат, домаќинките го разделуваат запленетото.
13 Додека вие се одморувавте меѓу стадата, крилата на гулабицата заблистаа со сребро, а нејзиното перје со жолтикаво злато:
14 таму Сèмоќниот ги разбиваше царевите, а таа заблеска како снег на Селмон.
15 Божја планина е Васанската планина; високата Гора, е Васанска Гора.
16 Зошто вие, врвлести планини, гледате со завист на гората, каде Бог благоволи да живее? Господ ќе престојува на неа секогаш!
17 Божјите воени коли се безбројни, илјадници илјади: Господ доаѓа од Синај во Своето Светилиште!
18 Издигајќи се на височина, водејќи ги заробениците, Ти доби дарови меѓу луѓето, а и меѓу бунтовниците – за да се настаниш таму Господе Боже!
19 Благословен да е Бог од ден на ден, Бог нè носи, нашиот Спасител.
20 Нашиот Бог е Бог Кој спасува, Господ избавува од смрт.
21 Навистина, Бог ќе ги скрши главите на Своите непријатели, влакнестото теме на оној, што оди во гревови.
22 Господ рече: „Ќе ги доведам од Васан, ќе ги доведам од длабочината на морето,
23 за да ја капеш ногата во крв, за да имаат јазиците на твоите кучиња дел од непријателот.
24 Боже, го гледаат влегувањето, влегувањето на мојот Бог и Цар во Светилиштето:
25 Напред пеачи, по нив свирачи, во средина – девици со даириња.
26 „Славете Го Бога на свечени собранија, славете Го Бога, Израелеви синови!”
27 Најмладиот, Венијамин, ги предводува, кој оди пред нив, таму се Јудините кнезови со своите чети, Завулоновите кнезови и Нефталимовите кнезови.
28 Боже, покажи ја Својата сила, силата, Боже, со која се бориш за нас
29 од Својот Храм во Ерусалим! Нека Ти носат царевите дарови!
30 Скроти го ѕверот во трската, стадо бикови со телиња на народите! Нека се опростат пред Тебе со сребрените жезли: распрсни ги народите, кои ја сакаат војната!
31 Нека дојдат големците од Египет, Етиопија нека Му пружи рака на Бога!
32 Сите царства на светот пејте Му на Бога, славете Го Господа,
33 Кој се вози по небото, по исконското небо! Чуј, грми со гласот, со Својот силен глас:
34 „Признајте ја Божјата сила!” Неговото величество над Израел, Неговата сила во облаците!
35 Страшен е Бог од Своето Светилиште. Израелевиот Бог му дава моќ и сила на Својот народ. Благословен да е Бог!
Псалм 69
1 За началник на пејачи. На Шошаним. Давидов псалм. Спаси ме, Боже, водите ми стигнаа до грлото!
2 Потонав во длабока тиња и нема каде да ја ставам ногата; тонам во длабока вода, брановите ме покриваат.
3 Изнемоштев од викање, грлото ми зарипна, очите ми се истоштија, чекајќи Го мојот Бог.
4 Побројни се од влакната на мојата глава, оние што ме мразат за ништо. Потврди се од моите коски, оние што ми се противат неправедно: Зар можам да вратам она што не сум ограбил?
5 Боже, Ти ја знаеш мојата безумност, не Ти се скриени моите гревови.
6 Нека не се засрамат заради мене, оние што се надеваат на Тебе, Господи, Господи, над Воинствата! Нека не се засрамат заради мене, кои Те бараат Тебе, Боже Израелев!
7 Зашто заради Тебе, претрпев навреда и срам ми го покри лицето.
8 Туѓинец им станав на браќата и странец на децата на својата мајка.
9 Зашто ме изеде ревноста за Твојот Дом и навредите на оние, што Те навредуваат Тебе, паднаа на мене.
10 Душата ја измачував со пост, ми се сврте на срам.
11 Зедов вреќа за облека и им станав приказ.
12 Кои седат пред вратата, зборуваат против мене, пијаниците ми пеат шеговити песни.
13 Но Тебе Ти се молам, Господи, во време на милоста Боже; услиши ме според Твојата голема добрина, според верноста на Твоето спасение!
14 Извлечи ме од калта, за да не потонам, избави ме од оние што ме мразат – од длабоките води.
15 Не оставај да ме покријат брановите, не оставај да ме проголта длабочината, не оставај бездната да ја затвори устата над мене!
16 Услиши ме, Господи, зашто е благо Твоето милосрдие, погледај на мене, според Твојата голема милост!
17 Не го скривај лицето пред Твојот слуга; зашто сум притеснет, услиши ме брзо!
18 Приближи и се на мојата душа и спаси ја; ослободи ме заради моите непријатели!
19 Ти знаеш како ме навредуваат, засрамуваат и срамат, пред Твоите очи се сите што ме измачуваат.
20 Навредувањето ми го скрши срцето и се истоштив, чекав некој да се сожали над мене, ама немаше никој. И некој да ме утеши, ама не го најдов.
21 Во јадењето ми замешаа жолчка, во мојата жед ме напоија со киселина.
22 Трпезата нека им биде примка, а жртвените гозби стапица!
23 Нека им се смрачат очите за да не гледаат, нека им ослабеат боковите засекогаш.
24 Излеј ја Својата лутина врз нив, нека ги зафати жарот на Твојот гнев!
25 Нека им запусти нивното живеалиште, нека не живее никој во нивниот шатор!
26 Зашто го гонеа оној, кого Ти го искара, болката му ја зголемуваат на оној, кого Ти го рани.
27 Врз нивното беззаконие додај уште вина, да не се оправдаат пред Тебе!
28 Нека бидат избришани од книгата на живите, нема да бидат вброени меѓу праведниците.
29 А јас сум беден и болен – нека ме штити Твојата помош, о Боже!
30 Ќе Го фалам Божјото име со песни, ќе Го величам со зафалници.
31 Тоа ќе Му биде помило на Господа отколку жртвен бик, помило од јунец со копита и рогови.
32 Гледајте, бедни, и радувајте се, нека ви оживее срцето на сите, кои Го барате Бога.
33 Зашто Господ ги слуша сиромасите, Тој не ги презира Своите пленици.
34 Нека Го фалат небесата и земјата, морињата и сè што се движи во нив.
35 Зашто Бог ќе го избави Сион – Тој ќе ги изгради Јудините градови – тие ќе живеат таму, ќе имаат наследство.
36 Ќе го наследат и потомците на Неговите слуги, ќе престојуваат во него оние, кои Го љубат Божјото име.
Псалм 70
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Во спомен. О Боже, избави ме, Господи, побрзај ми на помош!
2 Нека се засрамат и збунат, сите кои ја бараат мојата душа! Нека отстапат и нека се засрамат, кои се радуваат на мојата несреќа!
3 Нека се повлечат, заради својот срам, оние, кои ми зборуваат: „Ха ха!”
4 Нека извикуваат радосно и нека се веселат во Тебе, сите кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Бог е величествен!” Сите кои го љубат Твоето спасение!
5 А јас сум беден и ништожен, о Боже, побрзај ми на помош! Ти си моја помош и спасител, Господи, не доцни!

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.