ПСАЛМ ОД 31 ДО 40

Псалм 31
1 За првиот певец. Давидов псалм.(Во време на неволја) На Тебе се надевам, Господи, да не се засрамам никогаш: Избави ме според Својата правда!
2 Приклони го кон мене Своето уво, побрзај да ме ослободиш! Биди ми цврста карпа на заштитата, тврдина на спасението.
3 Зашто Ти си моја карпа, моја тврдина, заради Твоето име води ме и управувај ме.
4 Извлечи ме од мрежата што ми ја поставија тајно, зашто Ти си моја крепост.
5 Во Твојата рака го предавам мојот дух; Ти ме откупи, Господи, Боже на вистината.
6 Ги мразам оние што ги почитуваат суетните идоли, а јас се надевам на Господа.
7 Ќе се радувам и ќе се веселам во Твојата милост; зашто Ти ја виде мојата неволја, ја позна тагата на мојата душа
8 и не ме предаде во рацете на непријателите, ги изведе моите нозе на широк пат.
9 Смили ми се, Господи, зашто сум на тесно, од тага ми слабеат окото, душата и телото.
10 Мојот живот се троши во горчила, а моите години во воздишки. Силата ми се исцрпи во мака, а моите коски изнемоштеа.
11 На сите свои противници им станав понижување, за потсмев на своите соседи и страшило за познатите; кои ме гледаа надвор, бегаа од мене.
12 Бев заборавен во срцето, како покојник, станав скршен сад.
13 Слушам шепотење на мнозина, ужас отсекаде: се договараат против мене и смислуваат како да ми го одземат животот.
14 А јас, Господи, на Тебе се надевам, велам: „Ти си мој Бог!”
15 Моите денови се во Твојата рака: избави ме од раката на моите непријатели и од оние кои ме гонат.
16 Нека светне Твоето лице на Твојот слуга, спаси ме со Твојата милост.
17 Господи, да не се засрамам дека Те повикав; нека се засрамат нечесните; нека молкнат во Подземјето.
18 Нека онемат лажливите усни, што против праведникот зборуваат дрско, горделиво и презирно.
19 О колку е голема Твојата добрина, што ја чуваш за оние, кои се бојат од Тебе, што им ја укажуваш на оние, кои се надеваат на Тебе, пред очите на човечките чеда.
20 Ги засолнуваш под штитот на Своето лице од човечките завери; ги криеш во Својот шатор од зајадливи јазици.
21 Благословен да е Господ, зашто ми ја јави својата чудесна милост, во утврдениот град.
22 Веќе помислував, во својата тревога: „Отфрлен сум од Твојот поглед.” Но Ти го чу гласот на мојата молба, кога Те повикав.
23 Љубете Го Господа сите Негови свети; Господ ги чува Своите верни, а според заслугата им враќа на оние, кои постапуваат гордо.
24 Бидете храбри и Тој ќе ви ги укрепи срцата, сите, кои се надевате на Господа!
Псалм 32
1 Давидов псалм. Учење. Блажен е оној, чие беззаконие е простено, и чии гревови се покриени.
2 Блазе на човекот кому Господ не му го припишува гревот и во чиј дух нема измама!
3 Кога молчев, моите коски се исушија од моето офкање преку целиот ден.
4 Дење и ноќе, Твојата рака тежеше врз мене, мојата животна влага се претвори во летен припек.
5 Тогаш го признав својот грев пред Тебе и својата вина веќе не ја криев. Реков: „Ќе му го признам на Господа својот престап,” и Ти ми ја прости вината на мојот грев.
6 Затоа нека ти се моли секој побожник, кога можеш да бидеш најден; и тогаш потопот на многуте води нема да стигне до него.
7 Ти си мое прибежиште, Ти ќе ме запазиш од тага, ќе ме опкружиш со радоста на спасението.
8 „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој треба да одиш, ќе те советувам, Моето око ќе бдее над тебе.
9 Не бидете како коњ или мазга без разум; чија дивина ја скротуваш со оглавник и узда, инаку не би се приближиле до тебе!”
10 Безбожникот го измачуваат многу неволји, а кој се надева на Господа, него милост го опкружува.
11 Веселете се во Господа и радувајте се, праведници, викајте радосно сите кои сте со право срце.
Псалм 33
1 Давидов псалм. Радувајте се праведници во Господа! на праведните им личи да Го прославуваат.
2 Славете Го Господа со харфа, величајте Го на псалтир со десет жици!
3 Запејте Му нова песна, со гласни извици придружувајте ги складните свирки.
4 Зашто Господовото Слово е право, и сите Негови дела се вистина.
5 Тој ги љуби правдата и правосудството, полна е земјата со Господовата милост.
6 Господовото Слово ги создаде небесата, и здивот на Неговата уста: целото нивно воинство.
7 Тој ја собира морската вода како во мев, и ги става бездните во сокровиште.
8 Нека се бои целата земја пред Господа, нека се бојат од Него сите жители на вселената!
9 Зашто Тој рече – и сè стана, нареди – и сè се утврди.
10 Господ ги осуетува намерите на народите, ги прави некорисни мислите на племињата,
11 Господовиот наум останува довека, и мислите на Неговото срце од род до род.
12 Блазе му на оној народ кому Господ е Бог, на народот што го избра за Свое наследство.
13 Господ набљудува од небесата и ги гледа сите човечки синови.
14 Од местото на Своето Живеалиште ги гледа сите жители на земјата;
15 Тој им ги создаде срцата на сите и внимава на сите нивни дела.
16 Многубројна војска не го спасува царот, голема сила не го спасува јунакот.
17 Празна е надежта за спасение на коњ, неговата јачина не избавува.
18 Ете, Господовото око е над оние кои се бојат од Него, над оние, кои се надеваат на Неговата милост:
19 дека ќе ја спаси нивната душа од смрт, и дека ќе ги храни во денови на глад.
20 Нашата душа се надева на Господа, Тој ни е помош и наш штит.
21 Наштето срце се радува во Него, ние се надеваме на Неговото свето име.
22 Нека Твојата милост, о Господи, биде над нас, според тоа како се надеваме на Тебе.
Псалм 34
1 Давидов псалм. Кога тој се престори безумен пред Авимелех, кој го истера па така се оддалечи. Ќе Го благословувам Господа во секое време, Неговата пофала секогаш ќе ми биде во устата!
2 Мојата душа ќе се фали со Господа: нека го чујат тоа скромните и нека се радуваат!
3 Величајте Го Господа со мене, заедно да Го возвишиме Неговото име!
4 Го барав Господа и Тој ме послуша, ме избави од сите мои стравови.
5 Погледнаа во Него и им светна пред очите, и не ќе се засрамат лицата нивни!
6 Бедниот вика, и Господ го чу, го избави од сите негови неволји.
7 Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува.
8 Вкусете и видете колку е добар Господ: блажен е човекот, кој се надева на Него!
9 Бојте се од Господа, вие Негови свети, зашто нема скудност за оние што се бојат од Него.
10 Младите лавови трпат беда и гладуваат, а кои Го бараат Господа не трпат оскудица.
11 Дојдете, чеда, и послушајте ме, ќе ве научам на страв од Господа.
12 О, човеку! љубиш ли го животот? Сакаш ли многу денови, за да видиш добро?
13 Воздржувај го својот јазик од зло и своите усни од лажно зборување!
14 Отстранувај се од злото и прави добро, барај мир и врви по него!
15 Господовите очи ги гледаат праведните, Неговите уши го слушаат нивниот вик.
16 Господовото лице се свртува против злосторниците, за да им го сотре споменот на земјата.
17 Праведниците викаат, а Господ ги слуша, ги избавува од сите нивни беди.
18 Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух.
19 Праведникот има многу неволји, но Господ го избавува од сите.
20 Тој ги чува сите негови коски, ниту една од нив нема да му се скрши.
21 Злото ќе го убие безбожникот, ќе платат тие што го мразат праведникот.
22 Господ ја избавува душата на Своите слуги и ниеден, од оние што се надеваат на Него, нема да биде осуден.
Псалм 35
1 Давидов псалм. Господи! Опкружи ги моите обвинители и војувај против оние, кои војуваат против мене!
2 Стави оклоп, земи го Твојот штит и стани да ми помогнеш!
3 Замавтај со копјето и пресретни ги моите гонители, Речи и на мојата душа: „Јас сум твое спасение.”
4 Нека се збунат и посрамат оние, кои ја бараат мојата душа, нека се повлечат и збунат оние, кои мислат зло!
5 Нека бидат како плева на ветер, кога Господовиот ангел ќе ги спотера!
6 Мрачни и лизгави нека им бидат патиштата, кога Господовиот ангел ќе ги гони!
7 Зашто без причина ми оптегнаа мрежа; без причина ископаа гроб за мојата душа.
8 Гибелта ќе ги стигне одненадеж, и сами ќе се фатат во мрежата што ја оптегнаа; ќе паднат во јамата што ја ископаа!
9 А мојата душа ќе се весели во Господа, ќе се радува во Неговото спасение.
10 Сите мои коски ќе речат: „Господи кој е како Тебе, Кој го спасуваш бедникот од силникот, бедникот и сиромашниот од ограбувачот?”
11 Неправедни сведоци станаа: ме прашуваат за она што не знам.
12 Ми враќаат зло за добро, мојата душа запаѓа во осаменост.
13 А јас носев вреќиште, кога тие беа болни ја измачував својата душа со пост, и молитвата ми се враќаше во пазувата.
14 Обиколував тажен, како за пријател, за брат, од тага се наведнав, како оној што жали за мајката.
15 А сега кога се сопнав јас, тие се радуваат, се собраа против мене, за да удрат одненадеж, и непрекратно ме растргнуваат.
16 Со нечесните и потсмешливи безработници, чкртаат со забите на мене.
17 О, Господи! До кога ќе гледаш? Избави ми ја душата од нивните напади, одземи им го на лавовите единственото мое добро!
18 Ќе Ти благодарам во големо собрание, ќе Те славам меѓу многубројни луѓе.
19 Нека не се радуваат над мене неправедните непријатели, нека не намигнуваат со очите оние, што ме мразат без причина.
20 Зашто тие не мислат за мир, туку измислуваат сплетки против мирните во земјата.
21 Широко ги отвораат устите против мене и зборуваат: „Добро, добро, видовме со свои очи!”
22 Господи, Ти гледаш сè! Не премолчувај! Господи, не оддалечувај се од мене!
23 Тргни се, стани да ме одбраниш, Боже мој, Господи, води ја мојата парница.
24 Суди ме Господи, Боже мој, според Твојата правда, нека не се радуваат над мене.
25 Нека не мислат во срцето: „Ни се исполни желбата!” ниту да речат: „Го проголтавме!”
26 Нека се посрамат и засрамат сите заедно, кои се радуваат на мојата несреќа! Нека се облечат во срам и срамење, оние што се креваат против мене!
27 Нека викаат радосно, кои ја посакуваат мојата правда, и нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен! Кој му посакува благодат на Својот слуга!
28 А мојот јазик ќе раскажува за Твојата правда и за Твојата фала, секој ден.
Псалм 36
1 За пејачки началник. Од Господовиот слуга Давид. Грешна замисла е во срцето на злосторникот, нема страв од Бога пред неговите очи.
2 Самиот си ласка во своите очи, додека не му се открие неговото беззаконие и го намрази.
3 Зборовите на неговата уста се измама и злодело, тој не се грижи повеќе за разумноста и доброто.
4 Смислува беззаконие на својата постела, останува на лош пат, не го мрази злото.
5 Господи, Твојата добрина е до небото, Твојата верност до облаците.
6 Твојата правда е како Божји врвови, Твоите судови како длабоко море; луѓе и животни избавуваш Ти, О Господи.
7 Колку е скапоцена Твојата милост, О Боже! Луѓето се засолнуваат под сенката на Твоите крилја.
8 Се наситуваат со мрсно во Твојот дом, Ти ги напојуваш од реката на Твоите сладости.
9 Во Тебе е изворот на животот, со Твојата светлина ние ја гледаме светлината.
10 Закрили ги со Својата милост сите, кои Те почитуваат, и со Својата праведност сите, кои имаат чисто срце.
11 Нека не ме згази ногата на гордиот и нека не ме гони раката на грешниот.
12 Таму паднаа, кои прават беззаконие, соборени се, и не ќе можат повеќе да станат.
Псалм 37
1 Давидов псалм. Не се лути на злосторниците, ниту им завиди на оние што прават беззаконие.
2 Се сушат брзо како трева, венеат брзо како зелено растение.
3 Надевај се на Господа и прави добро, живеј на земјата и храни се со вистината.
4 Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце!
5 Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сè.
6 Твојата правда ќе блесне како светлина и твојот суд како пладне.
7 Смири се пред Господа и надевај се на Него, не дразни се заради оној, кој напредува на својот пат, заради човекот кој кове подлост.
8 Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло.
9 Зашто злосторниците ќе бидат сотрени, а кои се надеваат на Бога, ќе ја наследат земјата.
10 Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема.
11 Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир.
12 Безбожникот му смислува зло на праведникот и со забите чкрта на него.
13 А Господ му се смее, зашто гледа дека доаѓа неговиот ден.
14 Безбожниците истргнуваат меч и оптегнуваат лакови, за да ги оборат немоќните и бедните, да ги заколат оние, што одат по прав пат.
15 Со мечот ќе го прободат сопственото срце, ќе се скршат нивните лакови.
16 Подобро е и малку на праведникот, отколку големо благо на многу безбожници.
17 Зашто рацете на злотворот ќе се скршат, а Господ е поткрепа на праведникот.
18 Господ се грижи за животот на чесните, нивното наследство ќе трае довека.
19 Нема да се засрамат во време на неволја, ќе бидат сити во дните на глад.
20 А безбожниците ќе пропаднат, Господовите врагови ќе овенат како цвеќе по ливаѓето, ќе се расплинат како дим.
21 Безбожникот заема но не враќа, праведникот се сожалува и дава.
22 Оние кои Господ ќе ги благослови, ќе ја наследат земјата, а кои ќе ги проколне, ќе бидат истребени.
23 Господ ги води и зацврстува чекорите на добриот човек, и мил Му е неговиот пат.
24 И ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака.
25 Млад бев и остарев, но не видов напуштен праведник или неговите деца да просат леб.
26 Секогаш е милостив и дава на заем, благослов е врз неговото потомство.
27 Отстранувај се од злото и прави добро и ќе останеш довека.
28 Зашто Господ ја љуби правдата и Своите свети не ги остава. Засекогаш ќе бидат сочувани, ќе биде истребено потомството на безбожниците.
29 Праведните ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа.
30 Праведниковата уста кажува мудрост, а неговиот јазик говори право.
31 Божјиот закон му е во срцето, неговите чекори не се колебаат.
32 Грешникот го демне праведникот и бара да го убие;
33 но Господ нема да го остави во негова власт и не ќе допушти да го осудат на суд.
34 Надевај се на Господа и држи се за Неговиот пат; Тој ќе те возвиши и ќе ја наследиш земјата; радосно ќе ја гледаш пропаста на безбожните.
35 Видов бесен злосторник, како се шири како разгранчен кедар.
36 Поминав и ете – го нема веќе; го побарав, и не го најдов.
37 Набљудувај го чесниот и гледај го непорочниот; миротворецот има потомство.
38 А сите грешници ќе бидат откорнати, ќе биде истребено злочинечкото семе.
39 Од Господа доаѓа спасение на праведните, Тој им е засолниште во лоши времиња.
40 Господ им помага, Тој ги избавува: Тој ќе ги избави од нечесните и ќе ги спаси, зашто кај Него бараат прибежиште.
Псалм 38
1 Давидов псалм. Господи, не ме изобличувај во Твојата јарост и не ме казнувај во Твојот гнев.
2 Твоите стрели се закачија во мене, Твојата рака ме притисна тешко.
3 На моето тело нема ништо здраво заради Твојот гнев, од моите гревови нема мир за моите коски.
4 Зашто беззаконијата на мојата глава ме надвишија, ме притиснуваат како претешко бреме.
5 Моите рани смрдат и гнојат заради мојата безумност.
6 Се згрбавив и се собрав, постојано скитам натажен.
7 Зашто мојата внатрешност гори, и нема здравје во телото мое.
8 Исцрпен сум и сосем сотрен, офкам од плачот на моето срце.
9 О, Господи, сите мои желби се пред Тебе, и моите повици не Ти се скриени.
10 Моето срце удира силно, силата ме остава, и гасне светлината на очниот вид.
11 Пријателите и другарите се отстранија од моите рани, и моите најблиски стојат далеку.
12 Ми поставуваат стапици, оние кои ми го дебнат животот, кои ми сакаат несреќа, ми се закануваат со пропаст и секогаш смислуваат измама.
13 А јас сум како глув и ништо не слушам и како нем, уста не отворам.
14 Станав како човек што не слуша и кој нема одговор во устата.
15 Зашто, о, Господи, на Тебе се надевам, Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој!
16 Зашто реков: „Нека не се радуваат над мене; кога ногата ќе ми се сопне, нека не се креваат над мене!”
17 Зашто не пропаднав за малку, и мојата болка секогаш е пред мене.
18 Јас ги признавам своите беззаконија, и полн сум со жалост заради својот грев.
19 А кои се против мене, без причина силни се, и мнозина се што ме мразат неправедно.
20 За добро ми враќаат со зло, ми се противат дека го барам доброто.
21 О Господи, не ме оставај! Боже мој, не оддалечувај се од мене!
22 Побрзај ми на помош, Господи, Спасителу мој!
Псалм 39
1 За началник на пејачи: Једутун. Давидов псалм. Одлучив: „Ќе го чувам мојот пат, за да не згрешам со јазикот; ќе ја зауздам мојата уста, додека е нечестивиот пред мене!”
2 Онемев, замолкнав, не пуштав глас дури и од доброто – болката ми стана погорчлива.
3 Срцето пламна во мене, при сама помисла избувнуваше оган; тогаш проговорив со мојот јазик!
4 Кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите денови, за да знам колку сум ништожен.
5 Ете, со педа ми ги измери деновите, и векот мој е како ништо пред Тебе; вистина, секој човек што стои цврсто е суета.
6 Човекот поминува како сенка, суета е сето негово богатство, збира, а не знае кој ќе го земе!
7 А сега, на што да се надевам, Господи? Мојата надеж е во Тебе!
8 Избави ме од сите мои беззаконија, не оставај да му бидам за потсмев на безумниот!
9 Молчам и не ја отворам устата, зашто Ти направи така!
10 Отстрани го од мене Твојот бич, зашто издивнувам под тежината на Твојата рака.
11 Ти го поправаш човекот со казна, и сè што му е најмило го расипуваш како молец; навистина, секој човек е суетен.
12 Послушај ја, о Господи, мојата молитва, послушај ги моите повици, не премолчувај на моите солзи! Зашто сум придојденец кај Тебе, како сите мои татковци.
13 Сврти го погледот од мене, да здивнам, пред да заминам и да ме нема.
Псалм 40
1 За началник на пејачи. Давидов псалм. Јас се надевав цврсто во Господа, и Тој се наведна кон мене и го послуша мојот повик.
2 И ме извлече од јамата на гибелта, од тињата и калта; ги стави моите нозе врз карпа, ги закрепи моите чекори.
3 Во мојата уста стави нова песна, фалба на нашиот Бог. Мнозина ќе видат и ќе се исплашат: и ќе се надеваат на Господа.
4 Блажен е оној човек, чија надеж е во Господа, и не е склон кон горделивите, ниту кон оние што отстапуваат лажно.
5 О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни – Ти нема рамен! Сакам да ги кажувам и да ги објавувам, Но премногу се за да можат да бидат преброени.
6 Не Ти се мили ни жртвите ни приносите, туку ми ги отвори ушите; не бараш паленица ни покајнички принос.
7 Тогаш реков: „Еве, доаѓам! Во книжниот свиток пишува за мене;
8 мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето.”
9 Ќе ја проповедам Твојата правда во големо собрание; и нема да ги затворам моите усни; о Господи, сè Ти е познато.
10 Нема да ја кријам Твојата правда во срцето, ќе раскажувам за Твојата верност и за Твоето спасение. Нема да ги тајам ни Твојата добрина, ни Твојата вистина во големото собрание.
11 А Ти, о Господи, не ми ја скратувај Твојата добрина; Твојата милост и Твојата вистина нека ме чуваат секогаш.
12 Зашто ме опкружија безбројни зла, моите беззаконија ме стигнаа, така што не можам да гледам; ги има повеќе од влакната на мојата глава, и затоа моето срце се онемошти.
13 Господи, благоволи да ме избавиш; Господи, побрзај да ми помогнеш!
14 Нека се засрамат и нека се збунат сите, што ја бараат гибелта на мојата душа. Нека се повлечат и нека се посрамат, оние, кои се радуваат на мојата несреќа!
15 Нека се скаменат во својот срам, оние, кои ми велат: „ха, ха!”
16 Нека се радуваат и нека се веселат во Тебе, сите, кои Те бараат! Нека зборуваат секогаш: „Господ е величествен!” Сите, кои го љубат Твоето спасение.
17 Јас сум беден и ништожен, но Господ се грижи за мене. Ти си моја помош и мој спасител; о Боже мој, не задоцнувај!

This entry was posted in Псалми. Bookmark the permalink.

Comments are closed.