ВЕЧЕРНА И УТРЕНА БОГОСЛУЖБА НА СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

МАЛА ВЕЧЕРНА
стихири, глас 1:
Пријдете, празникољупци, од срце да ја запееме соборната песна на небесните чинови, со милост да се заблагодариме. Боговдахновен Клименте, преку твоите молитви, оние што те почитуваат, да ги избавиш од секакво искушение, секаква тага и напаст.
Клименте, храмот твој е лекарство за душите, гробот твој – извор на исцеленија, правот – бич што многу ги мачи бесовите, а славниот лик твој – утеха на ожалостените.
Секогаш спомнувани, од рани години отстапуваше од секаков однос кон материјалното и пристрастеност кон земното и проживеа духовен живот. Придружен кон духовните, ти си секогаш со нив, заедно, затоа земните кои ти пеат, преку твоите молитви запази ги.
Слава, глас шести:
Радувајте се со нас сите градови на Мизија и Панонија, зашто нашиот началопастир, застапник на сите и бесребрен врач, на денешен ден ги спасува сите собрани во неговиот чесен и свештен храм. Заради тоа, должни сме да го прославуваме и да му извикуваме: величајши Клименте. Ти се молиме, заштити нè со твојата молитва под твојот покрив.
И сега, Богородичен:
Пречиста Дево Богородице, никој од тие што ти приоѓаат нема да отиде од тебе посрамен, ами проси благодат и според полезното барање ќе прими дар.
На Стиховни стихири, глас 2:
Да го воспееме Бога, Кој дарум дава на луѓето здравје на нивните души и тела.
Стих: Чесна е смртта на преподобните пред Господа.
Отче Клименте, тебе како милостив избавител, заштитник и божествен граѓанин, достојно обогатени,
те прославуваме.
Стих:
Господи, свештениците Твои ќе се облечат во правда и преподобните Твои ќе се радуваат.
Богомудри, тебе те засакаа богољубивите души на верните, оти од тебе се излива миро.
Слава, глас 6:
Преподобни оче, низ целата земја помина твојата проповед и за тој твој труд на небесата си добил награда. Демонските сили си ги погубил, а си ги достигнал чиновите ангелски, нивниот непорочен живот си го зел за пример. Бидејќи имаш слобода пред Господа, испроси мир за нашите души.

И сега, Богородичен:
Богородице, ти си вистинска лоза; од тебе израсна за нас плодот на животот. Тебе ти се молиме, Владичице; моли се со светите апостоли да бидат помилувани нашите души.
Тропар иа светителот, глас 4:
Со зборови си ги упатил народите кон верата Божја; со делата си се издигнал преблажени, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат со вера кон тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Заради тоа го славиме твојот божествен спомен Клименте.

Слава и сега, Богородичен:
Тоа што беше скриено од векови и непознато на ангелите, Богородице, преку тебе на земјата се јави Бог, се овоплоти неслиено соединетиот и заради нас доброволно прими крст, преку кој го воскресна првосоздадениот и ги спаси од смрт нашите души.
Потоа, Мала ектенија и Отпуст
ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА
Се пее првиот псалм: Блажен е оној човек. На Господи возвах се пеат осум стихири, глас 2:
Кој од земјата денес ќе го пофали небесниот маж? Клименте, иако твоето пребогато тело е сокриено в земја, духот твој е со ангелите. Мудроста, која додека живееше, над сè си ја гледал во загатки, сега пак непосредно и блажено право в лице ја гледаш. Оттаму, и твојот гроб, поради тамошната слава, покажува мали зраци и ги прогонува демонските сили. (трипати)

Клименте, со животот изникна како гранка на вистинска лоза, обработена од Бога, изобилна од многу плод. Богат, вечен дар на Духот: твоите зборови – рајски, мирисни цвеќиња; бесмртните подвизи – гроздово вино што го весели срцето; чудесата – ги отстрануваат сите душевни слабости и телесни болести. (трипати)

Гордоста на телото ја покори на Словото, за да го правиш она што си го засакал, а она што го мразеше го надмина, учејќи се да поднесуваш морално наказание. Во проповедта беше раководен не од гласот, ами од зборот; сакаше духовно украсен лик наместо граѓански песни и совршено спасение. Клименте, со сето однесување си станал богосоздаден орган на Духот. (двапати)

Слава, глас шести:
Хранет со млекото на добродетелите, оче, си го достигнал нивниот врв, а запален од топлината на љубовта, систанал правило на воздржание и кротост. Си бил извор на милост и бездна на сочувство; злосмрдливото на страстите си го поцрнил. Но, мирољубезни Клименте, оче наш, брза помош и застапништво на тие што со вера те викаат: јави се духом и сега, запази нè и спаси од гревот што нè мачи. Зашто ти имаш сила пред Господа.

И сега, Богородичен:
Кој тебе не ќе те прославува, пресвета Дево! Кој не ќе го воспее твоето пречисто раѓање? Вечно од Оца засветли еднородниот Син. Тој низ тебе чистата помина, необјасниво се овоплоти. По природа Бог, по природа стана и човек заради нас, неразделен во две лица, ами познат во две природи неслиен, Чиста, себлажена, моли Го Него да бидат помилувани нашите души.

Вход. Прокимен на денот. Три читања:

Паримија прва

Од Изреките на Соломона – ќе се чита
Споменот за праведникот ќе биде благословен и благослов ќе почива врз неговата глава. Блазе на човекот кој придобил мудрост и човек кој спечалил разум, зашто да ја придобиеш мудроста е подобро, отколку да придобиеш сребро; таа е поскапа од драгоцени камења и ништо кое тебе ти е драго, не може да се спореди со неа. Во нејзината десница е долг живот, а во левата – богатство и слава; од устата ì излегува правда; закон и милост носи на својот јазик. Послушајте ме, деца, зашто ќе зборувам нешто важно: блажен е оној човек кој ме слуша, оти кој ме нашол мене, придобил живот и ќс прими благодат од Господа. Заради тоа, луѓе, кон вас викам и кон синовите човечки е мојот глас. Јас, премудроста, живеам со разумот и барам знаење. Мои се: решение и правда. Јас сум разум, во мене е силата. Сакам, тие што ме сакаат и ме бараат да ме најдат. Научете се, неразумни. на благоразумие и глупави – на разум. Послушајте ме пак, оти мојот јазик ќе изговори вистина, а нечесноста е гнасота за мо-јата уста; сите зборови на мојата уста се справедливи, во нив нема измама и лукавство; тие сите се јасни за разумниот и справедливи за тие што придобиле знаење. Свртете се кон моите изобличувања; ете, јас ќе го истурам мојот дух врз вас, ќе ви ги јавам моите зборови.

Паримија втора

Од Изреките на Соломона – ќе се чита

Од устата на праведникот тече мудрост, а зловредниот јазик ќе биде отсечен. Устата иа праведникот го познава доброто, устите на нечестивите – развратеното. Праведникот умирајќи остава сожалување, а пропаста на нечестивите е некадејна и радосна. Неправедни ризници не донесуваат полза, а правдината од смрт избавува. Со смртта на нечесниот човек исчезнува и неговата надеж и очекувањето на безакониците загинува. Праведноста води кон живот. Од плодот на својата уста човекот ќе вкуси добро. Светлината на праведниците светли весело; јазикот на мудрите изговара добри знаења. Мудроста почива во срцето на разумниот.

Очите на Господа го пазат знаењето. Премудроста е светла и не увенува, а тие што ја сакаат, лесно ја гледаат; кои ја бараат ја наоѓаат, таа дури ги престасува оние што сакаат да ја познаат. Кој ја бара од рано утро, нема да се умори, оти ќе ја најде како седи пред неговата врата, зашто таа сама обликува и ги бара достојните за неа и благонаклоно им се јавува на нивните патишта. Злобата не е над премудроста. Заради тоа јас ја засакав премудроста и ја побарав уште на младост и посакав да ја земам за невеста и Владетелот на сите ја засакал: таа е посветена во тајните на Божјиот ум и ги одбира Неговите дела; плодови ì се добродетелите; таа учи на целомудрие и расудливост, справедливост и храброст, од кои ништо пополезно нема за луѓето во животот. Ако некој сака голема опитност, мудроста го знае одамна минатото и го сеќава идното; ја знае истанченоста на зборовите и разрешувањето на загатките, чудесата и иднината на годините и времињата и за сите е советница на добро, оти во неа има бесмртие и во општење со нејзините зборови – добра слава. Затоа јас се свртев кон Господа и Нему Му се молев и велев од сè срце: Боже, на отците и Господи на милоста, Кој Си направил сè со Својот збор и Кој Си го створил човекот со Својата премудрост, за да владее над сите створови, од Тебе создадени и да го управува светот свето и справедливо, дарувај ми ја премудроста, приседната до Твојот престол и не ме отфрлај од среде Твоите деца, зашто јас сум Твој слуга и син на Твојата слугинка; прати ја од светите небеса, прати ја од престолот на Твојата слава, за да ми спомага во моите трудови и да знам што е утодно пред Тебе; зашто таа ќе ме раководи во моите дела и ќе ме запази во својата слава и оти не се тврди помислите на смртните и погрешни се нивните помисли.

Паримија трета

Од Премудроста на Соломона – ќе се чита
Кога праведниците се умножуваат, народот се весели. Бесмртен е споменот за праведникот; тој е признат и од Бога и од луѓето; неговата душа му е угодна на Господа. Затоа, мажи, засакајте ја мудроста и ќе поживеете; ако ја отфрлите, ќе бидете накажани. Нејзин почеток е љубовта и пазете ги нејзините закони. Почитувајте ја премудроста, за да владеете до века. Ќе ви кажам и не ги сокривам од вас тајните Божји, зашто Тој е водител кон мудрост и исправител на мудрите, на секое разбирање и искуство. Познав сè, искрено и јавно, оти премудроста ме научи. Во неа е дух разумен и свет. Таа е одраз на вечната светлина и образ на благоста Божја. Таа ги подготвува Божјите пријатели и пророците. Таа е поубава од сонцето и е над многу ѕвезди; во споредба со светлината таа е погоре. Премудроста ги спаси од неволја оние кои ì служеа и ги учеше на прави патишта. Таа ги запази праведниците од нивните врагови и во силната борба им даде победа, за да разберат сите дека набожноста е од сè посилна и никогаш злобата нема да ја надвие премудроста, ниту судот ќе ги одмине лошите. Си рекоа на себе, помислувајќи несправедливо: да го притесниме сиромавиот праведник, да не пожалиме вдовици и да се срамиме од многугодишните седини на староста. Силата да ни биде закон: да го уловиме праведникот, оти не ни е угоден и се противи на нашите деца, нè укорува за гревови против законот и нè изобличува за гревовите. Објавува дека има познанија за Бога и се наречува син на Господа. Пред нас тој е изобличение на нашите помисли. Тешко ни е да го гледаме, зашто неговиот живот не е како животот на другите и неговите патишта се разликуваат од нашите. Тој нè смета нас за гнасота и бега од нашите патишта како од нечисти; го ублажува крајот на праведниците. Да видиме дали се прави неговите зборови и да испитаме каков ќе биде неговиот крај. Да го испитаме со навреди и маки, за да го разбереме неговото смирение и да ја видиме неговата кротост. Да го осудиме на срамна смрт, оти според неговите зборови; имало кој да се грижи за него. Така мудруваа тие и се измамуваа, оти нивната злоба ги заслепе, така што не ги познаа тајните Божји и не расудуваа дека Ти си единствен Бог, Кој има власт над животот и над смртта. Кој спасува во време на тага и избавува од секакво зло; дека Ти си дарежлив и милостив и на Своите светии им даваш благодат, а со Својата сила се противиш на гордите.

Стихири на литијата, глас 3, самогласен:
Чудниот Климент, великата труба на вистината. денес ги повикува сите празникољупци кон веселба. Сите верни светло да го пречекаме торжеството, со песни да го прославиме добриот пастир, неговите свештени подвизи, та преку неговите молитви да примиме од Христа голема ми-лост.

Секогаш спомнуван светителе, мирото на благодатта, излеано на тебе, те помажа да го свештенодејствуваш Евангелието за Царството небесно, Ти стана Христово благоухание, со аромата на Неговиот разум ја исполни словенската земја. Заради тоа добродушно прими ги гласовите на твоите слуги, Клименте славни, и испроси да ни се даде голема милост.

Најголем поборнику на духот, облечен во свештеничка одежда, си застанал пред престолот на мачителите, страдаше заради верата, но страдајќи покажа отпор.

Слава, глас 6:
Клименте, оче себлажени, откако прими благодат на небото за чудеса, народите мизијски преку крштение ги очисти; ти си слава и пофалба на светителите и на сета словенска земја великопроповедник и апостол. Имајќи слобода пред Бога, моли Го да се спасат нашите души.

И сега, Богородичен:
Пречиста, противникот возревнува против твоето стадо и лукавиот секој ден се обидуваше да го изеде, но ти, Богородице, ослободи нè од оваа несреќа.

Стихири на стиховните, глас 6:
Семудри Клименте, од млади години сиот си се предал на Владиката; си бил надвор од телото и светските односи; со твојата божествена губа си го исушил текот на страстите. Блажени, слободен од земното тело, си стигнал до духовните населби и приближувајќи се до престолот на Севишниот – се радуваше. Нам, кои го окружуваме твојот гроб, испроси ни благодат и милост.

Богомудри, доброволно си побарал испосништво и труд, а живот рамен на ангелскиот на земјата си покажал, живот духовен. И за многуте подвизи си примил награда: даровите на Светиот Дух. Си станал пастир на разумното стадо со неисцрпливо море на чудеса. Си бил извршување на свештенството, на монасите правило и нелажлив пророк за иднината; учител на многу народи и нов апостол.

Мудри, следејќи го панонскиот просветител Кирил, си одел по неговите стапки; помислите и мислите си ги очистил и си бил тврдина на добродетелите, извршувајќи го она што било право во неговиот живот. Ти си имал помошници и во твоите подвизи – соподвижници, славниот Методиј, и Наум, садови на Духот и уште многу други ученици, за кои во песните пееме како за свештенопроповедници.

Слава, глас 6:
Себлажени Клименте, оче наш, како во твојот божествен живот, така и на сесвештениот твој крај, ти го собра сето мноштво Лихнидско. И кога тие те гледаа на одарот тебе без дишење, со жални зборови извикуваа: светителе, кажи го последното слово на твоите слуги и поучи ги на крајот. Оче, каде и кому ги оставаш твоите чеда, на кои си им сторил до-брини како татко, навистина сострадателен и чедољубив. Сепак, иако тука твојот гроб го покрива голем камен, но од небото каде што си, сите што со љубов те почитуваме, преку тебе, нашиот заштитник и молитвеник пред Бога, се обогатуваме.

И сега, Богородичен:
Пречиста, мојот Творец и Избавител, Христос Господ. од твојата утроба излезе, во мене се облече и од првата клетва Адамова ме ослободи. Заради тоа, Сечиста, како на Божја Мајка и Дева, навистина, постојано извикувам: ангелски радуј се, Владичице, заштитничке и покров, и спасение на нашите души.

При благословување на лебовите – петолебие – тропарот на светителот двапати и Богородице Дево. . .

НА УТРЕНАТА
на Бог Господ: тропарот на светителот двапати и Богородичен: Еже от века. . .

По првото стихословие, седален глас 3, подобен:

Воспитан преку божествените догмати, си ги упатил народите мизијски во божествената вера; приведувајќи ги преку крштението, ги направи луѓе избрани; ги ослободи од разни страсти. Оче преподобни, моли го Христа Бога, да ни дарува голема милост. (двапати)

Слава и сега, Богородичен:
Единствена пречиста Мајко Дево, си била божествена скинија на Словото, по чистота си ги надминала ангелите. Пред сите други, мене кој сум прав и пепел, од телесни гревови осквернет, со твоите молитви, очисти ме со божествените води и дај ми, Чиста, голема милост.

По второто стихисловие, седален глас 4, подобен:
Ти од млади години непрестајно се поучуваше во законот Божји и имаше премудрост. Со својот чесен живот и со проповед за Бога ги учеше луѓето да го презираат телото и примамливостите на светот; да гледаат кон небото, кон божествената наслада и безгрижноста Божја. Ти се молиме, оче Клименте, сè ова да го примат тие кои со вера те почитуваат.

Слава и сега, Богородичен:

Мајко небрачна, твојата утроба стана херувимски престол на непристапниот Бог. Единствена, ти си живеалиште Божјо; ти го роди овоплотениот Бог, Кој ги избавува Своите слуги од сите гревови. Заради тоа, достојно е со срце и усти да те прославуваме.

По полиелејот, седален глас 8:
Имајќи апостолска ревност, си ја обиколил сета земја, на народите им го проповедаше Христовото евангелие и безброј луѓе ослободи од идолската измама. И ти како Павле го помина патот; заради твоите подвизи достојно прими венец. Светителу блажен, моли Го Христа Бога, нам кои со љубов го празнуваме твојот свет спомен, да ни дарува прошка на гревовите.

Потоа степени, првиот антифон, глас 4: Од јуности моеја…
Прокимен глас 4: Мојата уста ќе изговори премудрост, а поуката на моето срце – разум. Стих: Чујте го ова сите народи!

Всјакое дихание… Евангелие од Јована, зачало 35 од половина.

По 50 псалм стихира самогласна, глас 6:

Светителе, си примил небесна философија. Ти беше чисто, Божјо огледало и секогаш си му бил придружник на Бога, Сецарот и појасно си го согледал блажениот крај. Поради ова, отче наш, моли се за нашите души.

Друга стихира, истиот глас:
Свештенотајнику, си навлегол во длабочините на Божјата премудрост. Оттаму си го црпел богатството на божествените Писанија, со кои си го објаснил елинскиот глас со словенски јазик. Клименте пресветол, заради ова со љубов те славиме.

Канон на Богородица со ирмос на шест и на светителот два канона на осум.

Канон на Богородица, глас 8, песна прва, ирмос:
Израилецот, откако помина низ водата како по суво и одбегнувајќи го етипетското зло, извикуваше: Мајко на Словото и Дево, од тешки и лути страдања спаси ме.

Нападите на страстите ме збунуваат, исполнувајќи ми ја душата со тага. Сенепорочна Отроковице, смири ме со тишината на твојот Син и Бог.

Дево, те молам тебе, која си Го родила Спасителот и Бога, Он да ме избави од лути страдања. Сега прибегнувам кон тебе и ти ја пружам душата и помислите.

Бидејќи страдам и со тело и со душа, удостој ме, единствена Богомајко, како блага со твојата грижа и божествено посетување, Родителко на Благиот!

Канон посветен на светиот и богоносен Климент; творба на Димитриј Хоматијан.

Песна прва, глас 4:
Блажени, уште од младини блескаше духовно просветен и избра чист живот. Со ваков добродетелен живот си бил собеседник на ангелите, а на верните си им бил светлина.

Приснопамјатен, на заблудените од лагата ѓаволска по патиштата на пропаста, ти си им го покажал патот на побожноста, заради тоа како проповедник и апостол на Господа со песни те славиме.

Блажени, јасно подражавајќи го Павла заедно со Тимотеја, апостолот просветител на сета земја, ти си бил следбеник на Методија и Кирила, проповедниците на верата, поради што со нив си се прославил.

Преблажени, од срце си го засакал Бога и потполно си се одрекол од примамливостите на светот. Затоа те молам со твоите молитви измени ги делата на мојата плот, зашто од нив се раѓа злосрдечност.

Богородичен:
Чиста, преку твоето примерно и топло застапување, поткрепи ме да ги пазам чесните заповеди на Спасителот, та со љубов да те славам тебе, која во раѓањето си ја запазила неповредена славата на девството.

Втор канон на светиот и богоносен Климент. Негово краегранесие (акростих) е: Климента, великата пофалба, во песни прекрасно го прославувам.

Песна прва, глас 8:
Отче, со твоето свештено осветување направи ја мојата душа чиста, та твоите подвизи, страдања и трудови што си ги поднесол, проповедувајќи го Христовото Евангелие, да можам достојно да ги воспевам.

Преподобен, луѓето порано опфатени од безумие со збор си ги гонел кон божествен разум, кон Божјо благочестие, си ги уловил за верата и си ги преродил во бањата на нетлението и поради нивната вера ги покажа како синови Божји.

Слава:
Сепреподобен, денес е твојот сесветол и свештен спомен. Како светол проповедник ги повикуваше сите кон божествено учество во благодатта на исцелението, тие кои со љубов и вера го прават споменот за тебе.

И сега, Богородичен:
Богорадована, од твојата утроба се овоплоти Севишниот и ја возобнови паднатата човечка природа; ја направи учесничка во рајот, со кое изврши голема однапред одредена тајна.

Катавасија
Ќе ја отворам устата моја, со дух ќе се исполнам; ќе запеам на Мајката Божја; ќе торжествувам радосно и ќе ги славам чудесата твои.

Песна трета, ирмос:
Господи, Создателу на небесниот круг и Градител на Црквата, утврди ме во љубовта кон Тебе, крају сакан, тврдино на верните, единствен Човекољупче.

Богородителко Дево, тебе те имам како застапница и покрив на мојот живот, води ме кон твоето пристаниште, Причино на добрини, тврдино на верните, единствена севоспеана!

Дево, те молам да ја растераш бурата на душевниот немир и тага, оти ти, Богоневесто, единствена Пречиста, си го родила Началникот на тишината, Христос.

Дево, помогни ми, зашто се измачувам од лути рани и болни страсти.

Пренепорочна, те знам како неоскудна ризница на исцеленија.

Песна трета на Свети Климент:
Отче, преку мудроста на твоите зборови верата си ја објаснил и си ги научил луѓето да ја почитуваат неразделна Троица и да се оддалечат од измамата на многубожието.

Со силата на Духот Утешител цврсто си ги заградил хулните гласови против Него, а творците на ересите си ги посрамил.

Блажени, со непорочен живот му служеше на Бога како древниот Арон. Отче, си принел сеплодие, молејќи се за своето стадо.

Нема во мене ни капка од солзи за измивање на душевните слабости, ами ти измиј ме со твоите молитви. Преподобни, излиј ја во мене силата на покајанието.

Богородичен:
Владичице, те молам тебе, Плодната гора, која Давид ја предвиде со својот дух; прилежно обрати ме мене залутаниот во горите на очајанието.

Втор канон на светителот:

Песна трета.
Преподобен, си го оттргнал дремежот од твоите веѓи, преку благодатта на Духот си ја примил божествената бодрост. Оче, тие што спиеја во темнината на незнаењето си ги упатил кон незаодливата светлина.

Славен, твоите добри нозе си ги ставил на Божјиот пат, со што народите од заблуда си ги превел во вистинската вера, ослободувајќи ги од искушенијата на бесот – лажго.

Слава:

Отче, Бог, Божјото Слово, те постави како избран камен да ја ослабиш измамата на идолските храмови, да ги истребиш бесовските идоли и нивните скверни чистилишта.

И сега:
Сенепорочна Отроковице, овоплотениот во твојата утроба, Кој е пред вековите, и стана Младенец, луѓето ги изведе од гниењето на смртта, каде што за жал слезе првосоздадениот човек.

Катавасија
Богородице, жив и полноводен извору, твоите верни чеда духовно укрепи ги и со венци на вечна слава удостој ги.

Седален, глас 8, подобен:
Отче мудри, учејќи ги народите, проповедувајќи им ја вистинската вера, чудотворејќи страшни, божествени знаменија, сите со вера си ги привел кон Бога, а потполно ја отклони ѓаволската измама. Затоа достојно си примил награда од Бога за твоите трудови – Царството небесно. Светителу, отче наш, моли го Христа Бога да ни дарува прошка на гревовите, нам кои со љубов го празнуваме твојот спомен.

Слава и сега, Богородичен:
Како Дева и единствена меѓу жените, ти бессемено си го родила Бога во тело, затоа сите човечки родови те прославуваат. Огнот на Божеството се всели во тебе и како Младенец со млеко го хранеше, Создателот и Господа. Затоа и ангелскиот и човечкиот род, сите го славиме твоето раѓање и соединети ти повикуваме: моли Го Христа Бога да ни дарува ослободување од гревовите нам кои со вера се поклонуваме на твоето пресвето рождество.

Песна четврта, ирмос:
Чув, Господи, за тајната на Твојата промисла, ги разбрав Твоите дела и го прославив Твоето Божество.

Богоневесто, си го родила Господа за Водач, стиши ја бурата на моите гревови и немирот на моите страсти.

Мене, кој те вика, дај ми ја бездната на твоето милосрдие, оти ти си го родила Добродушниот и Спасителот на сите кои те воспеваат.

Пречиста, се насладуваме на твоите дарови, затоа благодарствено ти пееме, знаејќи те како Богомајка.

Секогаш воспевана, имајќи те како надеж, тврдина и непоколеблива потпора на спасението, ние се избавуваме од секаква незгода.

Канон на светителот, ирмос:
Чесниот кивот на твоите свети мошти ги прогонува демоните, ги лекува тешко излечливите страсти, нè избавува од разни неволји што нè напаѓаат, поради што верно те славиме.

Блажен, иако си упокоен, те почитуваме како жив, оти дејствуваш за непропадлив живот, оти си добил благодат за чудеса. Затоа повикуваме: Слава на Оној што ти дал благодат.

Со помисли грешам, и со зборови и со дела; со ова се оддалечив од Твоето лице, Господи, но обрати ме како блудниот син и спаси ме преку постојаните молитви на Твојот светител.

Го опишуваме дејството на исцеленија, кое станува секоја година кај изворот на исцеленијата; а гробот на Климента постојано избавува од безбројни, секакви болести.

Богородичен:
Дево, во тело си Го родила неизменливиот Владика, Кој сака да го спаси човекот; затоа и мене, паднат во блуден живот, со твоето застапништво, врати ме кон покајание.

Друг канон на светителот:

Со божествени чудеса Господ го возвеличи Својот слуга, го издигна и го прослави во сета мизиска земја.

Себлажен, ликот твој си го запазил неоскврнет и чист, и со твојата чистота си бил работилница на Духот.

Слава:
Богомудар, гледајќи ја неизвесноста на времето, не си го прекратил бдеењето, барајќи го небесниот Младоженец.

И сега, Богородичен:
Дево чиста, кога Сонцето на правдата дојде на запад од нашиот живот, тогаш преку тебе сиот свет беше помилуван.

Катавасија
Христе, Ти седиш на божествен престол во слава, но слегна при нас и нè повика кон спасение. Ја прославуваме Твојата сила.

Песна петта, ирмос:
Господи, просвети нè со Твоите заповеди; Човекољубецу, со Твојата силна десница дај ни мир.

Чиста, исполни го моето срце со радост, подај ми ја твојата вечна радост, оти ти си Го родила Причинителот на радоста.

Богоневесто, растури ја маглата на моите гревови и просвети ме со твојата светлина; зашто ти си ја родила бо-жествената и предвечна светлина.

Чиста, исцели ги слабостите на мојата душа, која се удостоила да ја посетиш и со твоите молитви дај ми здравје.

Канон на светителот:
Отче, во слухот на тие што ја сакаа суетата, си ја посеал твојата проповед со силата на Светиот Дух и си собрал многуплоден клас на побожноста.

Блажен, секогаш доброволно си ја носел на твоето тело смртта Христова, а според Павле, Христа жив си Го имал во себе, заради коешто те насели во земјата на живите.

Пребогат, прими ги пеењата на твоите слуги и избави нè од секакви болести и страдања, а со твоите молитви – и од идната осуда.

Преподобен, ти си река; со твоите молитви исуши го течењето на моите погубни страсти и мојата душа очисти ја од текот на солзите.

Богородичен:
Чиста, мајчинскиот поздрав си го споредила со твоето девство; несфатливо си Го родила Творецот. Поради ова, знаејќи те како Мајка и Дева, те славиме.

Втор канон на светителот:
Преподобен, твоите подвизи и ангелски живот се над умот, над природата, од нив и самите ангели се ужаснаа: како со материјалните се соединил духовниот?

Сили, престоли, светски убавини, сè си одбегнал, а добрината, единствена и нетлена, си ја засакал. Оче, заради ова си се удостоил за божествената слава и вечното си го наследил.

Слава:
Отче, тие што седат со вера покрај твојот божествен храм, преку тебе, посредникот и топлиот учител на животот, бараат од Бога милост, духовно да богатеат, и вистинско спасение за душите.

И сега, Богородичен:
Единствената природа и трите ипостаси на чесната Троица верно да ги почитуваме. Пресвета Дево Богоневесто, Единствениот без вина си го овоплотила во твојата чиста утроба.

Катавасија:
Земните созданија, безбрачна Дево, ја видоа твојата слава и се исплашија. Ти Го носеше Бога во утробата твоја и Го роди Божјиот Син. На сите што ти пеат дарувај им вечен мир.

Песна шеста:
Мојата молитва ќе ја излеам пред Господа и Нему ќе Му ги кажам моите маки, оти душата ми се исполни со зло, а животот ми се приближи до пеколот. И се молам како Јона: Боже, од гниење избави ме!

Дево, моли Го Господа и твојот Син, да ме избави од непријателите злосторници. Макар што бев предаден на гниење и смрт, Тој ме спаси и Самиот се предаде на смртта.

Дево, те знам како заштитничка и цврста пазителка на животот, која ги прогонува ѓаволските напади и вревата на искушенијата. И секогаш, се молам, избави ме од тињата на моите страсти.

Отроковице, те имаме како потпора за засолниште и свештено спасение, широчина во тагите и секогаш се радуваме на твоето просветување. Владичице, и сега спаси нè од страсти и несреќи.

Сега лежам на постела болен и нема лек за моето тело. Но тебе, која Го роди Бога, Спасителот на светот и Избавителот од болести. Блага, ти се молам: подигни ме од распадливоста на болестите.

Канон на светителот:
Преблажен, си поминал како ѕвезда која ги осветли краиштата мизијски и тие што за жал спиеја во темнината на незнаењето, ти се издигна до светлината на богопознанието.

Отче, помажи ги со елејот на твојата помош главите на оние што ги окружуваат твоите чесни мошти и ги бараат твоите чесни поправања.

Отче, си ги уништил еретичките лути почитувања на злото; нивните хули достигнаа до височината на Духот; а ти си ја зајакнал силата на благочестивите догмати.

Отче, како голем светител, ти имаш слобода пред Владиката, затоа издигни ме над злодејството на злоусрдните и биди ми најсилно засолниште.

Богородичен:
Владичице, смилостиви Го твојот Син кон оние кои од срце и со побожност тебе те исповедаат како Богородица и дај им ги твоите богати милости.

Вториот канон на светителот:
Секоја младост игра, а староста денес се радува на твојот спомен, мудар Клименте; но секоја возраст, светителу, твојот спомен со песни го овенчува.

Градот Охрид се фали дека се обогати со твоето божествено тело и секогаш прима светлина и непресушна благодат. Затоа, оче, штити го неразрушлив од рацете на борците.

Слава:
Себлажен, притеснет и помрачен од многу зли прегрешенија, просвети ме со светлината на твојата молитва, та да ги исполнувам божествените добродетели, оти со вера те прославувам.

И сега, Богородичен:

Марија, најчисто сокровиште на девството, очисти го мојот ум оскврнет од прегрешенија. И, Богоневесто, направи го достојно засолниште на богоугодни мисли.

Катавасија:
Го празнувам светото и божествено торжество на Божјата Мајка; да се веселиме и да го славиме Бога, нејзиното Чедо.

Кондак на светителот, глас 3:
Светителу, твојот храм е духовно лечилиште на оние што доаѓаат со вера; тој избавува од различни болести, а разните душевни страсти ги умртвува. Заради ова, себлажен, те одбележуваме како топол заштитник.

И к о с:
Сега сите да го воспееме архиерејот, пастирот и учителот на мизиските луѓе. Пристапувајќи со вера во неговиот дом, со вера да го целиваме неговиот свет и божествен гроб и гласно да извикаме: Богомудар отче, ти си наш пастир, ти си и учител, не престанувај грижливо да го пазиш твојот град. Надевајќи се на твоите молитви, те одбележуваме како топол заштитник.

Во 27-от ден од месецот јули го извршуваме споменот на светиот отец наш, архиереј и чудотворец Климент, архиепископ охридски.

С т и х:
Словенскиот проповедник Климент Велики, ако некој молчејќи би го сокрил, да ли е другар на добродетелта?

По неговите молитви, Христе Боже, помилуј и спаси нè. Амин!

Песна седма:
Младенците во она време кога дојдоа од Јудеја во Вавилон со вера во светата Троица, го изгаснаа пламенот во фурната пеејќи: Боже на отците, благословен Си!

Чиста Мајко, умоли го Љубителот на милоста, Кого ти си Го родила, да ги избави од гревови и душевни слабости оние што со вера извикуваат: Боже на нашите отци, благословен Си!

Богородителко, удостој ги да се исцелат од телесни слабости и душевни болести оние кои со љубов пристапуваат кон твојата заштита; зашто Дево, заради нас си Го родила Спасителот Христос.

Канон на светителот:
Преподобен, си се ослободил од дремежот на твоите клепки и си бил бодар во молитвите, често си бил на штрек за твоето стадо; ти ги изгони рушителите кои не го штедеа твоето стадо.

Хорот на апостолите го красиш како светол богопроповедник, мноштвото на маченици го красиш како маченик без крв, соборот на свештениците го потврдуваш како знаменосен светител.

Не беше сокриено од тебе и воспитувањето на децата, ами и нив со уроците на писменоста си ги подучувал во побожност, оние кои ти пеат: Боже на отците, благословен Си!

Триблажени, мојата душа, избезумена од лути страсти, покажи ја, заради благите дела, како лоза која има добри гранки. Со честите твои моленија претстави Му ја на Господа плодоносна.

Богородичен:
Таткото на великиот Совет, Ангелот, Го роди Отроковицата, Кого, како Творец на ангелите и Спасител на луѓето, Го славиме и велиме: Препофалуван Боже на отците, благословен Си!

Втор канон на светителот:
Себлажен Клименте, Охрид велегласно пее за твоите одлики и те фали. Си станал сјајно светило, тврдина на побожноста и топол заштитник на душите.

Триблажени, си се украсил со венец нераспадлив. Од живоносната Десница си придружен кон ангелски-те чинови. извикувајќи: Боже, благо-словен Си!

Слава:
Клименте, со Божја сила си зајакнал и злосторството на демоните си го истребил. Идолите си ги извел од земјата мизиска и си ја вовел православната вера и побожност, светителу!

И сега:
Нечуеното сега беше услишано, зашто Синот, пред вековите без мајка, во последно време се раѓа од Мајка без татко. Нему песнопеејќи Му повикуваме: Боже, благословен Си!

Катавасија:
Од Бога просветените момчиња не му послужија на злото; ја победија силата на огнот: се радуваа и Го славеа Творецот: благословен Си, Боже на татковците наши!

Песна осма:
Небесниот Цар, Кого Го пеат ангелските воинства, фалете Го и превознесувајте Го во сите векови.

Дево, не ги презирај оние кои бараат од тебе помош, оние што ти пеат и те превознесуваат во веки.

Дево, ти ги лекуваш телесните болести и слабостите на мојата душа, затоа Чиста, те прославувам во веки.

Дево, на оние што го издигнуваат твоето неискажливо раѓање и со вера ти пеат, излиј го богатството на исцеленијата.

Дево, ти ги одбиваш нападите на искушенијата и на страстите; затоа ти пееме во сите векови.

Канон на светителот:
Отче, доброволно сиот себеси се прикова кон надумното добро, па затоа сето видливо си го гледал како привремено и својот живот си го ставил над сето тоа. И навистина, си се покажал како чесен сад на Светиот Дух. Семудри, живата вода си ја побарал како жеден елен. Затоа, кога се напи, веднаш стана неисцрплив извор на божествените, чесни догмати и чести чудеса за оние што извикуваат: сите дела пејте Му на Господа!

Преподобен, нам кои сме во опасност во морето на животните страдања, стивни ги искушенијата на болестите, тагите и различните напади на свирепите бранови, – на оние кои секогаш те викаат како заштитник и помошник.

Преподобен, си примил слава и чудотворство, поради твоите долги подвизи, од Светиот Дух, Кој од Оца исходи и на Синот достојно почива. Сите нечисти противења на догматите си ги погубил.

Богородичен:
Богорадосна, со зората на твоите топли молења осветли ја мојата од страсти потемнета душа и преку светлината на покајанието направи ме умен син на светлината, кој вика: сите дела Господови благословете го Господа!

Вториот канон на светителот:
Преподобен, си се населил во црквата на првородните, каде што се многуте бестелесни чинови, хоровите на светите маченици, пророците, преславниот полк на апостолите и сите преподобни, кои постојано славословат: луѓе, издигнувајте се во сите векови!

Сесвештен, кога го насади дрвото на животот, Господ, покрај водите на твојата осветена душа, твоето срце го направи рај, кој има радост, веселие и секогаш живи плодови, молејќи Го Бога направи и сега да се наситиме со нив и ние во сите векови.

Да го благословуваме Оца, и Синот и Светиот Дух, Господа.

Отче, тие што разумно беседат за твоите зборови и поука, ќе пожнеат полза.

За состојбата на душата – убавина и добродетели, за природата – чесна светост. И сложно ќе пеат: свештеници, пејте, луѓе, прославувајте Го Господа во сите векови!

И сега:
Те фалиме, Те благословуваме. Ти се поклонуваме, Господи, и Ти пееме во сите векови.

Побожните момчиња во разгорената фурна ги спаси Синот на Богородица, тогаш уште необјавен, а сега наш Бог и Спасител. Сите дела на Господа фалете Го Неговото име во сите векови.

Песна деветта:
Дево чиста, спасени преку тебе, навистина како Богородица те исповедаме и со бестелесните хорови те величаме.

Дево, ти си Го родила Христа и не се одвраќај од течењето на моите солзи, зашто Он од секое лице ја брише секоја солза.

Дево, си ја примила полнотата на радоста, исполни го и моето срце со радост и уништи ја гревовната мака.

Дево, оние што православно те исповедаат, просвети ги со зората на светлината.

Дево, исцели го оној, кој наместо озлобление поради слабост, се смирил, направи го од болен здрав.

Канон на светителот:
Преблажен, вложувајќи ги зборовите на вечен живот во твоето свештено стадо и откако ова го направи догмат на верата, ти отпатува кон небесните населби.

За да се удостоиш во висините со поубава слава, животот твој на земјата си го покажал слободен од секакво робување на страстите, поради што си добил наследство во слободната митрополија.

Трипати блажен, горе на небесата те весели црквата на повородните, а долу на земјава светло те прославува благодатта на чудесата, која Бог ти ја даде. Со неа секогаш се бидува прославуван меѓу светиите.

Клименте богоносни, почитувајќи те како Христов архиереј, црковен светилник, со песнени гласови се молиме: преподобни, не ги заборавај молитвите на твоите слуги.

Богородичен:
Дево, тие што господствено со усти, душа и срце те исповедаат како Богородица, избави ги од несреќи и секакви страдања, оти ти имаш слобода пред Господа, од тебе родениот.

Вториот канон на светителот:
Светло и убаво мириса твојот гроб, светителу, капки на чудеса истекуваат како река и на сите што те окружуваат изобилно и дарум изливаш исцеленија.

Радувајќи се, со непрестани гласови и песни те величаме.

Богомудри, твојот дом се покажа убав, добар, како палата на Господа, и кога порано ти самиот во неа беше, ги изливаше водите на твоите слатки поученија и невлажните, суви души ги поеше, ослободувајќи ги од незнаење и од пеколната бездна.

Чудесен отче, на твоите луѓе, коп си ги породил преку Евангелието за Христа, сега, слегувајќи одозгора, покажи се како добродушен и милостив. Себлажен, со божествено осенување олесни ги нашите болни души.

Слава:
Како вистински пастир, со другие наши учители, со твоите ученици и заедно со нашиот славен тајноводи-тел Кирил богомудриот, стоејќи пред началствената и светозарна Троица, блажени, умилостивете Ја со вашите молитви.

И сега, Богородичен:

Дево, Мајко Божја, која во тело натприродно си Го родила благото Слово, а Кого Отец како благ Го оддели од своето срце пред сите векови, Кого сега Го разбираме и над тело, иако во тело се облече.

Катавасија:
Да се веселат сите родени на земјата и од Светиот Дух просветени; да торжествуваат ангелите на небото; да го слават празникот на Богородица и да ì пеат: радувај се, преблажена Богородице, пречиста и вечна Дево!

Светилен на светителот:
Мудри, просветувајќи ја црквата твоја како сонце, испушташе зора по сета вселена. Клименте, сесвештен отче, архиерејска славо!

Слава и сега, Богородичен:
Богородице, бидејќи си причина за добрините кои од Бога му се дадени на светот, и сега, милостива, погрижи се пред Бога за општо спасение, зашто тој се менува на подобро.

НА ХВАЛИТЕ, стихири на светителот, глас 4:
Клименте, богомудри отче наш, со воздржување од страстите и со усрдно испосништво умот си го насочил кон високата желба, сакајќи да ја примиш божествената светлина и тамошното блаженство. Си бил во заедницата на таа светлина, стоејќи пред престолот на сецарот Христос. (двапати)

Чудни, примајќи ја од Бога светителската одежда, си ги пасел луѓето на Господа и кога беше охридски пастир, со божествени зборови, поученија и правење чудеса, славни, ја приведе сета Мизија кон православие, поради што го почитуваме твојот сесвештен спомен.

Преподобен, повеќе од сонцето си заблескал од светозарниот запад, пуштајќи ги зраците на твоите зборови и просветувајќи ги краиштата на светот, ти беше непоколеблива тврдина на Црквата и непоместлив столб, Клименте блажен, со метанијата на твоите зборови си ги обратил еретиците.

Слава, глас 6:
Исхранет со млекото на добродетелите, отче, си го достигнал врвот на добродетелите. А распален од слатката пот на љубовта, си бил правило на воздржание и кротост. Си бил бездна на сочувство и извор на милоста. Смрдливите страсти си ги поцрнел. Но, биди брза помош и скоро застапништво на оние кои со вера те викаат: Мирољубив Клименте, отче наш, дојди и сега со духот, запази нè и спаси од гревот што нè измачува, зашто ти имаш голема слобода пред Господа.

И сега, Богородичен:
Богородице севоспеана, ти си промена за ожалостените, ослободување на болните, затоа спаси го градот и луѓето. На оние што се борат, дај им смирување, на фатените во бура – спокојство, единствена Заштитничке на верните!

ГОЛЕМО СЛАВОСЛОВИЕ И ОТПУСТ.

Тропар на свети Климент Охридски чудотворец

Со зборови си ги упатил народите кои верата Божја, со делата си се издигнал, преблажен, кои божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат со вера кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Заради тоа го славиме твојот божествен спомен Клименте.

Кондак на светителот, глас 3:
Светителу, твојот храм е духовно лечилиште на оние што доаѓаат со вера; тој избавува од различни болести, а разните душевни страсти ги умртвува. Заради ова, себлажен, те одбележуваме како топол заштитник.

This entry was posted in Молитвеник. Bookmark the permalink.

Comments are closed.