МОЛИТВА КОН СВЕТИ НАУМ


Пред тебе, угоднику на живиот Бог, Науме чудотворче, кој си го исполнил законот на нашиот Бог и Спасител Исус Христос и си добил од Него вечен живот, се поклонуваме со љубов и ти благодариме со смирение за многуте твои чудодејства со кои си помагал на немоќните луѓе и си го прославил името на Господ Бог и Спасител. На тебе верен слуго на Бога и Спасителот, се даде благодат на Божјиот Свети Дух бесовите да ги гониш, болните да ги исцелуцаш, немоќните да ги подигаш, мачените да ги тешиш и во сите неволји на луѓето да им помагаш.
Зради тоа ние, навистина недостојни, те почитуваме како духовна флејта преку која се излева силата и небесна утеха кон оние на кои им е потребна и со славословие Го прославуваме Творецот кој ти дарува на тебе обичен човек таква божествена сила и достоинство. И сега кон тебе припаѓаме, праведнику и близок на ангелите, преподобен отче наш Науме, со поклони и умиление, непрестано моли се за сиот христијански род, праволавен, за сите кои се на власт, за сите кои во неволји страдаат, за епископи, архиереи и ѓакони, за ктитори и приложници на нашиот свет храм, за оние кои доаѓаат и се поклонуваат пред твоите свети мошти и сечесните икони твои, за болните и во вера слабите, за старите и младите, за девојките и мајките. Светителе отче наш Науме, човеку Божји, покриј ги нашите гревови и исцели ги нашите болести со твоите молитви.
Уште се молиме сега и за слугите Божји (имиња) кои страдаат од немоќи и неподносливи болести. Ако со нив се врзале заради своите гревови или на своите родители или своите роднини и заради грев се здобиле со оваа болест, биди посредник, о ангелоподобен светителе, пред престолот на Господа кој те прослави, гревот да го прости и болеста да ја исцели. Ако пак оваа болест е допуштена од Бога, по светите Божји зборови: „оној кого Бог го љуби него и го казнува, го бие секој син кој го прима“, милостиво моли го Семилостивиот и Седобар Бог да се смилува на овие слуги свои и да не дозволи поголемо страдање отколку што тие можат да поднесат како луѓе. Луѓето се телесни и ништовни и ниедно страдање не може да се поднесе без благодат од Бога кој не крепи. Светителе, оче наш Науме, брзо услиши ги и исцели ги слугите Божји (имиња) со твоите молитви за да не кажат неверниците: каде е нивниот Бог?
О свети и преподобен отче Науме, покажи ја твојата сила дарувана од Семожниот Господ и врз слугите и слугингите твои, која и до сега си ја покажувал врз неброени болни и немоќни, кои се поклонуваат на твоите чесни икони со вера, покајание и молитви. Направи ги цели, здрави во душата и телото, отстрани го од нив пакостникот на човечките тела-ѓаволот. Закрепи го нивното тело со здравје и снага, за да може нивната душа да се подвизува, кае и да се спрема за Царството небесно. Отфрли ја од нив предвремената смрт за да можат со добри дела да му угодуваат на Бога и да стекнат милост Божја на Страшниот суд.
Помоли се, о преславен Науме чудотворче, за слугите свои (имиња) да им се простат прегрешенијата волни и неволни и Господ да ги очисти со Својот Свет Дух од секоја нечистотија, со твоите молитви, отче наш Науме, и со нив да се прослават Света Троица која тебе те прослави: Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

This entry was posted in Молитвеник. Bookmark the permalink.

Comments are closed.